Дописници МКДКултураКултура.ПорталОпштински вести

Одржано 12-то издание на фестивалот на детска песна „Радика фест 2021“

Во Центарот за култура во Дебар синоќа се одржа 12-то издание на фестивалот на детски забавни песни „Радика фест 2021“.

Дебар, 1 јуни 2021 (МИА) – Во Центарот за култура во Дебар синоќа се одржа 12-то издание на фестивалот на детски забавни песни „Радика фест 2021“.

На фестивалот, кој има натпреварувачки карактер, беа изведени 12 нови композиции, со изведувачи и автори од општините Охрид, Струга, Дебар и Маврово и Ростуше.

Првата награда од жирито ја доби Халиса Малоска, ученичка во петто одделение од Дебар, за композицијата „Моето маче“, автор на музика е Зинче Мимидиноски а текстопсец е младата дебарска поетеса Аделина Муслиовска. За најдобра вокална изведба е прогласена Дефне Фејзули од Врелебрдо општина Маврово и Ростуше за изведба на композицијата „Оваа глава улава“.

Победник од страна на присутната публика, односно од присутните членови на семејствата на младите изведувачи е Лутвие Исаковска за композицијата „Би сакала”.

Најдобриот сценски настап го имаше Надија Нурединоска ученичка од прво одделение од село Долно Косоврасти, која ја испеа песната „Хигиена“. За најдобар дебитант на годинешното издание беше прогласена Аријета Дикоска со композицијата „Мајка“.

Учесниците на фестивалот изразија големо задоволство што имаа чест да настапат на овој реномиран фестивал а чувството на радост и среќа не можеше да го сокрие победничката Халиса Малоска.

– Пресреќна сум. Наградата ми е уште подрага ако се има предвид дека ја освоив во силна конкуренција, на голем број квалитетни изведувачи, рече првонаградената Халиса.

Директорот на фестивалот, Зинче Мимидиноски, кој воедно е и директор на Центарот за култура, беше презадоволен што и во овие тешки времиња беа успешни организатори на 12-то издание на овој фестивал.

– Успеавме на младите изведувачи да им помогнеме да го живеат својот детски живот и да ги оттргнеме од вниманието од пандемијата на Ковид-19. Сите изведувачи заслужуваат највисока оцена, а на наградените уште еднаш им честитам за одличните интерпретации и очекувам нивните композиции во иднина уште повеќе да се слушаат и афирмираат, рече Мимидиноски.

Фестивалот, кој се одржа согласно сите мерки пропишани за заштита од Ковид-19, финансиски го поддржа Министерството за култура, како проект од национален интерес. Тој е дел од годишната програма за работа на Центарот за култура во Дебар за 2021 година.

Дванаесетте нови авторски композиции се дело на познати музичари и композитори меѓу кои Јасмин и Зинче Мимидиноски, Емин Мемишоски, Јовица Каралиевски, додека како автори на текстови меѓудругите се јавуваат, Милка Минкова, Решат Арсланоски, Олга Наумовска, Миладин Угриновиќ и Меџит Фејзули. вт/ев/

Back to top button
Close
Close