Дописници МКДКултураОпштински вести

Одбележан јубилејот 50 години постоење на Центарот за култура во Дебар

Вашите активности можеби започнаа пионерски. Но, низ годините, со посветена работа на генерации ентузијасти, од кои многумина се овде со нас, тие станаа темелна оска околу која се градат трајни вредности, порача министерката за култура Ирена Стефоска, на денешната свеченост по повод одбележување на 50-годшнината од постоењето на Центарот за култура во Дебар.

Дебар, 26 јули 2021 (МИА) – Вашите активности можеби започнаа пионерски. Но, низ годините, со посветена работа на генерации ентузијасти, од кои многумина се овде со нас, тие станаа темелна оска околу која се градат трајни вредности, порача министерката за култура Ирена Стефоска, на денешната свеченост по повод одбележување на 50-годшнината од постоењето на Центарот за култура во Дебар.

Министерката додава дека овој Дом подарен како солидарност од Скопје, кое и самото е подигнато од солидарност, во себе има приказна која трае.

– Благодарение на вашата љубов, топлина и меѓусебна солидарност, овој Дом ни го претставува Дебар со сета своја убавина – широк и отворен град со оригиналност обоена од културните различности. Вашите културни програми се афирмација и на целиот Рекански крај, кој зрачи со автентични природни и културни вредности, рече таа.

Посочи дека Министерството за култура ја вреднува темелната улога на центрите за култура во земјава. Затоа, годинава, после повеќе години, финансиски ги поддржа програмите со достојна почит, и со реално програмиран буџет за реализација на квалитетни програми.

– Вашиот пример на активности во сите области на културата и едукацијата и начинот на кој ја продлабочувате и ја живеете мултикултурноста позната за Дебар и за Реканскиот крај, за нас се само поттик да помагаме, и заедно да работиме на унапредување на културата. Особено ме радуваат фестивалите за деца „Радика фест“ и „Славејчињата на Кораб“, зашто и Радика е една за сите во земјава, и славејчињата од Кораб се гордост за сите, рече Стефоска.

Посебно задоволство искажа за Центарот за култура, што прерасна во препознатливо место каде што успешно се развива единствената мисла – низ креативност, дружење преку уметноста да се градат млади личности полни со разбирање и грижа едни за други.

Пред присутните се обрати и директорот на центарот Зинче Мимидиноски.

– Посебно задоволство чувствувам што токму кога јас сум на чело на оваа значајна институција се одбележува 50-годишнината од плодната работа и активност на Центарот. И јас како и многу други тука ги направив првите чекори како млад музичар, подолго сум вработен тука и директно вклучен во организирањето на низа активности. Се надевам дека како што нам другите ни беа пример така и ние ќе им бидеме пример на следните генерации, рече тој.

Градоначалникот на Дебар Хекуран Дука, откако го честиташе јубилејот, вети дека како и до сега, како локална власт, ќе продолжат со поддршка на сите активности во полза на граѓаните.

На свеченоста беше отворена изложба на фотографи кои ја отсликуваат работата на оваа значајна институција, која е единствена од областа на културата во поширокиот дебарски регион.

Беа доделени и плакети на досегашните директори на центарот, на Министерството за култура, на министерката Стефоска, на градоначалникот Дука, на Град Скопје, на Општина Дебар, како и на други личности кои оставиле свој белег во активностите на центарот.

На свеченоста присуствуваа и градоначалниците на Општините Маврово и Ростуше и на Центар Жупа, Медат Куртовски и Аријан Ибраим, пратеничката од Дебар Арбана Пашоли, директорот на Агенцијата за менаџирање со одземен имот, Фатон Асани и други гости, како и поранешни и сегашни вработени и соработници.

Центарот за култура почна со својата активност во 1971 година и во изминатиот период стана главно место каде се одвиваат сите културни настани, кои ги посетуваат и жители од соседните општини.

Објектот е дар од жителите на Скопје, во знак на солидарност по катастрофалниот земјотрес што го погоди Дебар на 30 ноември 1967 година. До 2003 година го носеше името Општествен дом „Скопје“, по што стана Национална установа Центар за култура. вт/ки/

Back to top button
Close
Close