Дописници МКДОпштински вести

Од четврток повторно почнува со работа Градскиот пазар во Кочани

Од четврток Градскиот пазар во Кочани се отвора за продажба на текстил и стока за широка потрошувачка, одлучи Општинскиот кризен штаб на денешната седница.

Кочани, 19 мај 2020 (МИА) – Од четврток Градскиот пазар во Кочани се отвора за продажба на текстил и стока за широка потрошувачка, одлучи Општинскиот кризен штаб на денешната седница.

За да се почитуваат мерките за заштита од коронавирусот, продажбата ќе се одвива со поинаков распоред од досегашниот, односно забрането е поставувањето тезги на улицата „Гоце Делчев“. Службите од Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ за оваа намена го подготвуваат просторот спроти пешачко-трговскиот мост, кај улицата „Борис Трајковски“.

Во организирањето на новиот распоред и спроведувањето на мерките ќе учествуваат општинските комунални инспектори и редари, Полициската станица, Територијалната противпожарна единица, а поддршка ќе дадат и волонтерите од Црвениот крст, кои ќе делат маски и на продавачите и на купувачите. Закупците на тезги ќе можат да обезбедат место по принципот „прв дојден – прв услужен“, а на тезгите ќе мора да имаат и средство за дезинфекција.

– Засега ситуацијата е задоволителна, но не треба да заборавиме дека заразата сѐ уште постои и дека мора да ги почитуваме мерките за носење маски, за држење прописно растојание и за одржување на хигиената. Забележително е дека многумина не се однесуваат совесно во однос на примената на овие мерки, како што, на пример, се користат детските игралишта, кои официјално не се пуштени во употреба. Мора да нагласам дека тоа родителите го прават на сопствен ризик и дека ги кршат здравствените препораки, што е казниво, истакна градоначалникот Николчо Илијев, повикувајќи на доследно и одговорно однесување кон сопственото и јавното здравје.

Според директорот на Центарот за јавно здравје, Гоце Серафимов, досега се анализирани 360 брисеви, регистриран е 31 случај, а во моментот се активни само четири лица. Тој најави дека наскоро ќе почне скринингот на 340 вработени во детската градинка „Павлина Велјанова“.

На седницата на Општинскиот кризен штаб беше заклучено дека со сите преземани мерки, одговорните институции континуинирано успешно се справуваат со здравствената криза. та/мч/

Back to top button
Close
Close