Дописници МКДОпштествоОпштински вести

Од 60 до 70 проценти штета на јаболковите насади во Преспанско од последното невреме

Од 60 до 70 проценти штета на јаболковите насади предизвикало силното невреме со град што завчера го зафати Преспанскиот регион, оцени претседателот на здружението на овоштари „Благој А. Котларовски“, Љубе Пампулевски.

Ресен, 13 август 2021 (МИА) – Од 60 до 70 проценти штета на јаболковите насади предизвикало силното невреме со град што завчера го зафати Преспанскиот регион, оцени претседателот на здружението на овоштари „Благој А. Котларовски“, Љубе Пампулевски.

Според него, невремето кое траело 10-тина минути, зафатило површина од околу 1.000 хектри овошни насади во 17 селски атари во подножјето на Баба планина.

– Сите под Пелистерски села, кои гравитираат на источната страна од Препсанскиот регион од Долно Дупени и Маркова Нога на југ, се до Сопотско и Ресен претрпеа голема штета од невремето. Штетите се околу 60 до 70 проценти на повисоките места, додека во атарите кон езерото се помали, од 30 до 40 отсто, изјави Пампулевски за МИА.

Атарите на селата Долно Дупени и Наколец невреме со град ги зафати и пред два месеци и таму, како што оцени Пампулевски, штетата е приближно 100 процентна.

Тој забележа дека последните години, после секој топлотен бран, кој трае 15-тина денови првиот облак што доаѓа во Преспа е градоносен.

– Во текот на секој топлотен бран државата мора да е подготвена во секој момент за авионски засејувања против градобијниот облак, бидејќи прогнозите од следење на облаците се покажаа како недоволно точни за да може да реагираат навреме, заклучи Пампулевски.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, нагласи, треба да покрене иницијатива за воспоставување Балканска заштитна мрежа, преку која, со заедничка координација ќе може да се интервенира и со авиони од соседните држави.

– Нашето Мининистерство уште од сега треба да покрене иницијатива со останатите соседни држави да почнат заеднички да дејствуваат, со цел координирано да се заштитат полињата и насадите од град, рече Пампулевски, додавајќи дека треба да се земе предвид фактот дека нашите авиони делуваат само дење, а интервенции биле потребни и ноќе.

Општина Ресен в понеделник ќе распише јавен повик, на кој овоштарите може да пријават штети од последното невреме што го зафати Препсанскиот регион. Невреме со град Преспа ја зафати пред еден месец, а на јавниот повик во Општината се пријавиле над 1.000 земјоделци. Ова е трето невреме со град што изминатиот период ја погоди Преспа. сс/цр

Таг
Back to top button
Close
Close