0_Web_Избор на уредникот0_Web_Насловна-слајдер0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderПолитика

Очекувањата за членство во НАТО и старт на преговорите со ЕУ се вкрстуваат во март

По најавата на Шпанија за забрзување на постапката за ратификација на Протоколот за НАТО и реафирмираната поддршка за старт на преговорите за членство во ЕУ на состанокот на Европскиот совет во март, како и омекнувањето на ставот на францускиот претседател Макрон дека ќе поддржи отворање на преговорите со Скопје и Тирана, ако резултатите од извештајот што ЕК треба да го објави исто така во март за двете земји се позитивни, го прават месец март клучен месец во календарот за евро-атлантските перспективи на земјата.

Скопје, 20 февруари 2020 (МИА) – По најавата на Шпанија за забрзување на постапката за ратификација на Протоколот за НАТО и реафирмираната поддршка за старт на преговорите за членство во ЕУ на состанокот на Европскиот совет во март, како и омекнувањето на ставот на францускиот претседател Макрон дека ќе поддржи отворање на преговорите со Скопје и Тирана, ако резултатите од извештајот што ЕК треба да го објави исто така во март за двете земји се позитивни, го прават месец март клучен месец во календарот за евро-атлантските перспективи на земјата.

Шефицата на шпанската дипломатија Аранча Гонзалес Лаја на прес-конференцијата со министерот за надворешни работи Никола Димитров кој вчера престојуваше во посета на Мадрид, истакна дека Шпанија ќе поддржи старт на преговорите за членство на Северна Македонија во ЕУ на состанокот на Европскиот совет во март.

Лаја нагласи дека Шпанија работи со Франција за обезбедување консензус за ова прашање, додавајќи оти за тоа станало збор и на завчерашната средба на шпанскиот државен секретар за ЕУ, Хуан Гонзалес Барба со неговата француска колешка Амели де Моншалан.

Димитров изјави дека со новата методологија предложена од Европската комисија, која предвидува награда за оние што си ја завршиле домашната задача и казна за оние кои назадувале, ќе биде многу тешко, па дури и засрамувачки, да и се каже повторно „не“ на Северна Македонија.

Тој потсети дека земјава направи значителен напредок, го реши долгогодишниот спор со Грција за името, ги спроведе задачите што и беа поставени и е целосно подготвена за старт на преговарачкиот процес со ЕУ.

Во врска со ратификацијата на Протоколот за НАТО во шпанскиот Парламент, Лаја рече дека очекува тоа да се случи многу брзо и Северна Македонија да стане 30-та полноправна членка на Алијансата. Ратификацијата на Пристапниот протокол, нагласи таа, е веќе започната во шпанскиот Парламент, по скратена постапка и се очекува денеска да биде усвоена од Комисијата за надворешни работи на Долниот дом, а веќе следната недела ќе биде ставена на гласање на пленарна сесија во Долниот дом по што постапката ќе продолжи во Сенатот. Очекувањата се дека целата постапка би требало да заврши до крајот на март годинава.

Во рамки на посетата, Димитров оствари средба и со претседателката на Долниот дом на шпанскиот Парламент Маричел Батет, која му ја претстави очекуваната временска рамка за процесот на ратификација, како последна од земја членка на НАТО со која треба да се заокружи процесот.

-Забрзаната постапка за заокружување на нашето членство во НАТО од страна на шпанскиот Парламент е потврда за силната волја на Шпанија да и помогне на Северна Македонија за конечно остварување на стратешките цели. Добрите вести од Шпанија се реалност во март, веројатно најзначајниот месец во календарот на нашите успеси, оцени министерот Димитров.

Лидерот на СИРИЗА и поранешен премиер на Грција, Алексис Ципрас вчера во неговиот говор за проширувањето на ЕУ, на настан во францускиот Сенат од Париз побара да се отвори европскиот пат за Скопје и Тирана и рече дека Унијата „не може да биде силен геополитички фактор на меѓународно ниво, доколку не е кредибилен фактор во нејзиното соседство“.

Нагласи дека кога беше постигнат Договорот од Преспа во 2018, за Северна Македонија „се отклучи“ перспективата за проширување, паралелно давајќи ѝ импулс и на албанската европска перспектива, а придонесе и за нов моментум во развојот на дијалогот меѓу Белград и Приштина. Ако повторно ја изгубиме оваа динамика, ќе биде многу тешко одново да ја вратиме.

-Зоран Заев, како премиер беше доста храбар да најде компромис со мене за името, а истото го стори и со Бугарија, иако ја знаеше тешката политичка цена. Причината, зошто ние и нашите министри за надворешни работи, Никос Коѕијас и Никола Димитров, успеавме да стигнеме до овој договор беше затоа што го базиравме на взаемно почитување и заемно прифатливи решенија. Ние, не ги префрливме проблемите за далечната иднина, не ја фрливме топка на следниот. Не се обидовме меѓусебно да се измамиме или да играме политички трикови. Не игравме на лесната карта – националистичкиот популизам што другите политички сили го користеа и го користат во нашите земји. Ние, го почитувавме меѓународното право, рече Ципрас.

Поранешниот грчки премиер коментираше дека откажувањето па дури и одложувањето на проширувањето ќе има сериозни последици за стабилноста во регионот, како пример споменувајќи ја 2014 година кога Јункер најави замрзнување на процесот на проширување, а „регионот влезе во состојба на продолжена нестабилност“..

Според него, позитивно е тоа што се дискутира за нова методологија за усогласување и подобрување на процесот на интеграција, но додаде дека сепак, мора да биде јасно дека „не постојат механизми што можат да ја заменат перспективата за интеграција на народите од Западен Балкан, а европската соседска политика е моќна алатка за реформи и финансиска поддршка“.

Заменик министерот и портпарол на грчката Влада Стелиос Пецас, вчера во редовниот брифинг за новинарите оцени дека е многу позитивно тоа што конференцијата за Западен Балкан што треба да се одржи во понеделник во Солун доаѓа во услови кога се чини дека француската страна, која имаше важни противења на оваа тема, сега е поотворена за компромис. -Секогаш сме со доза на резерва, но сме малку повеќе оптимисти, вели Пецас во однос на тоа колку конференцијата ќе придонесе за забрзување на европската перспектива на Скопје и Тирана.

Во понеделник, во Солун на конференцијата за поддршка на европската перспектива на регионот „Од Солун до Загреб”, ќе присуствуваат министрите за надворешни работи на балканските земји членки на ЕУ и шефовите на дипломатиите на државите кандидати за членство од Западен Балкан, меѓу нив и министерот за надворешни работи Никола Димитров. На фирумот е поканет да присуствува и комесарот за проширување и соседство на ЕУ, Оливер Вархеји.

Во меѓувреме, и премиерот Оливер Спасовски во интервју за ЕУ Обсервер ја повика ЕУ да донесе одлука за старт на преговорите за пристапување на земјата пред априлските избори.

– Направивме се што беше побарано од нас и многу е важно да добиеме соодветна порака од ЕУ,  особено во март. Тајмингот е од огромна важност за нас со цел да се запре неизвесноста околу европската перспектива на Северна Македонија што може да се појави во земјата, но и во регионот, оценува Спасовски.

Претстојните избори, вели, ќе бидат соочување меѓу проевропските и националистичките сили во земјата.вг/са/

 

Back to top button
Close
Close