Обичаи и верувања

Обичаи и верувања

Од минатото на Малешевијата  Обичаи при разни трудови дејности  Кога при правењето на сирењето ќе се забележи дека нешто не е како што треба, водата ја прекрстуваат со китка од Богородичина трева и со неа го попрскуваат сирењето. - Кога за прв пат се пали оган за варење млеко, на огнот се ставаат 40 дрва (сачки) кои се собрани оној ден, кога за прв по отелувањето кравата се пуштила на паша.

27 февруари 2021 (МИА)

Од минатото на Малешевијата 

Обичаи при разни трудови дејности

Кога при правењето на сирењето ќе се забележи дека нешто не е како што треба, водата ја прекрстуваат со китка од Богородичина трева и со неа го попрскуваат сирењето.
– Кога за прв пат се пали оган за варење млеко, на огнот се ставаат 40 дрва (сачки) кои се собрани оној ден, кога за прв по отелувањето кравата се пуштила на паша.
– Кога ќе се отели кравата на телето му се става ѓубре во устата, за тоа подоцна се да јаде (да не биде пребирливо на храната). Домаќинката меси колач (кравај) и го дели на луѓето. По некој на телето му врзува и ѓердан.
Воопшто кога ќе се отели кравата, не се пушта од кошарата два дена. Дури третиот ден ја истеруваат да паси. Оној што тогаш му ја дотерал на говедарот, ги собира погоре споменатите 40 дрвца за првиот оган (за варење на првото млеко).
– Кога ќе се измолзи првото млеко, постои обичај, со бургија да се направи мала дупка во ноќвите и таа дупка да се замачка со маст, добиена од првото млеко. По некој сосема ги продупува ноќвите и тоа место го замачкува со маст.
– Кога се стрижат овците прво се стрижи овца што е сосема бела. Нејзиното руво се беси на зелена гранка, за волната пак да порасне.
– Кога на овците им се дава сол (и мекици) за да биде масно млекото, во мекиците се ставаат разни треви, а и вода, која е на Ѓурѓовден во црквата пеана. Таа вода специјално за тоа се чува.
– Кога кравите или овците ќе се измолзат за прв пат, треба млекото да мине низ сребрен прстен, за стоката да биде млечна.
– За изведување пилиња се ставаат непарен број јајца и тоа во следниве денови: среда, сабота или недела. За пилињата да бидат булкарести (убави со булка на главата) жената што ги насадува јајцата се забулува со марама.
-Кога се ројат пчелите, за ројот побрзо да влезе во новата кошница, ја намачкуваат со трева маточина. Откако ројот веќе влегол во кошницата, ја закитуваат со цвеќе и ја завиваат со бело платно.
-Кога за прв пат започнуваат да ораат, се внимава орачот да има чиста облека (за и родот да е чист). – Тогаш се месат три погачи кој се продупчени во форма на геврек. Од нив две им се стават на воловите на роговите. Кога ќе се изора првата бразда, погачите се симнуваат од роговите и им се даваат на воловите да ги изедат, а третата погача ја јаде орачот. – Тој ден ништо од дома не се изнесува ниту пак некому се дава.
– Кога се копа бунар или темел за куќата, домаќинот фрла сребрена пара.
Кога за прв пат се пали оган во нова куќа, се вика свештеникот, кој претходно ќе се прекрсти – потоа ќе го запали.

Гатанки

Во Малешево има доста гатанки, кои се слушаат во долгите зимски ноќи, при ноќните седенки, наречени попретки (на предење).
Како примери овде наведуваме повеќе гатанки:
– В среде море оган гори? (Кандило)
– Два моја брата, куга са слепи, милувам ги; куга прогледнат, мраза ги. (Нова и искината облека)
– Дења слуга, през ношчи господарка! – (Метла)
– Дрво дафиново у недеља цавти? (Велигден)
– Д’га Мара сенка нема. (Река)
– Д’га, д’га като важе, (јаже) гребе, гребе, като маче; ни е важе, ни е маче? -(Капина)
– Еже, меже, туту меже; кажувам ти, не го знаш? (Еж).
– Един овен заклах, девет кожи одрах? – (Кромид).
– Ѕид ѕидосан, вар варосан, нима (нема) ѕирка ни проѕирка? – (Јајце).
– Живу живуленце, на грамада седеше; живо месце теглеше? – (Дете кога цица).
– Клекна кмет, искара мед; видеа го двоица, фанаха го петина. – (Кога кокошката снесува јајце, а домаќинката го зема)
– Кралев зет на кол виси. (Пушка)
– Малено грненце, слатко веривце? – (Лешник)
– Мајка се сиромаши, а дете се богати. (Кадела и вретено).
– Млекото и се јаде, а месото не. – (Доилка и дете).
– Нишчо не изгубила а тера, нити је болна а стенка. – (Свиња).
– Од месо шише, од железо печење. – (Прст во прстен).
– Одрана коза низ село оди, ем реве. – (Гајда).
– Петина брата ајдука фанаха, у темница го турија. – (Рака, залак и уста).
– Прежда преде, платно ткае, гол се влече. (Пајак).
– Распердушена мајка, убаво дете, лудо внуче. (Лоза, грозје и вино).

– Сиво биче по тумбица пасе? (Брич кога бриче).
– Син гарван под земја лита. (Ралник на плуг).
– Тркалин татко, перната мајка, шупливи деца. (Разбој и цевки)
– Царева ќерка сос илјада кошули, духна ветар, виде и се гола снага? (Кокошка)

Од книгата „Малешево и Малешевци“ од Јеремије Павловиќ, Београд 1929 г. (Подготви Марко Китевски)

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close