Обичаи и верувања

Oбичаи и верувања

Свети апостол Андреј Првоповикан  Празник на првиот Господов апостол  Во народниот говор името Андреј асоцира на нешто јадро (крупно) па поради тоа е поврзано со верувањето дека од тој датум денот наедрува, се зголемува. Свети Андреј, брат на апостолот Петар, бил ученик на св. Јован Крстител. Тој е првиот што го повикал Исус, оттука е наречен Првоповикан.

13 декември 2019 

Свети апостол Андреј Првоповикан 

Празник на првиот Господов апостол

Во народниот говор името Андреј асоцира на нешто јадро (крупно) па поради тоа е поврзано со верувањето дека од тој датум денот наедрува, се зголемува. Свети Андреј, брат на апостолот Петар, бил ученик на св. Јован Крстител. Тој е првиот што го повикал Исус, оттука е наречен Првоповикан.

Именден празнуваат: Андреј, Андреја, Андријана…

Првиот Христов апостол св. апостол Андреј наречен Првоповикан има значајно место во христијанската религија и во народниот живот, иако со неговото име и со неговиот ден се поврзани малку обичаи и верувања.
Роден е во Витсаида на брегот на Генизаретското Езеро и е роден брат на св. апостол Петар. Тие биле рибари и ловеле риби во Генизаретското Езеро. Најпрвин св. ап. Андреј бил ученик на св. Јован Крстител, а кога Јован покажувајќи кон Исус рекол: „Еве тоа е јагнето Божје што ги собира сите гревови на овој свет“ тогаш Исус го повикал, оттука и е наречен Првоповикан. Андреј станал прв Исусов ученик и никогаш повеќе не се одделил од него. Легендата раскажува дека еднаш додека Андреј и Петар ловеле риби на езерото тука минал Исус и им рекол: „Дојдете со мене, јас ќе ве научам да ловите луѓе“. Оттогаш Андреј е неразделен од Исуса. Присуствувал на сите големи настани поврзани со Исус Христос, потоа кога Исус им се јавил на апостолите по Воскресението, на Вознесението, како и на слегувањето на Светиот Дух.
Кога апостолите се растуриле по светот за да го проповедаат Евангелието, Андреј отишол во Витанија, Тракија, Русија, Рим итн. На Пелопонез, во градот Патрас излечил многу болни и многу придобил за христијанската вера. Дури ги придобил и братот и снаата на градоначалникот, поради што овој наредил да биде распнат на крст, но не како Исус, туку на две штици во форма на буквата Х. Два дена и две ноќи 70-годишниот св. ап. Андреј се мачел пред да испушти душа, на 13. XII/30 XI. За време на владеењето на цар Константин Велики неговото тело е пренесено од Патрас во Цариград и е поставено во црквата на Светите апостоли. Подоцна главата му е пренесена во Рим каде што и денес со многу почести се чува во црквата „Св. Петар“.
Светата православна црква споменот на св. ап. Андреј Првоповикан го празнува на денот кога маченички умрел за верата Христова.
Во народниот говор името Андреја асоцира на нешто јадро (крупно) па поради тоа е поврзано со верувањето дека од тој датум денот наедрува, се зголемува. Ваквото толкување на овој ден во Охрид го запишал Е. Спространов, а слични толкувања се запишани и во Прилеп, Штип, Крушово и др. места. М. Цепенков во записот „Зошто се држат некои празници“ запишал дека „празнико Свети Јандреја во тој ден што паѓа нарастуал по прилепски. Власите крушоски и битолски велат по влашки: арсʼри дзуа ктʼн андреоа (скочи денот колку една игла самарна).“
Во Петричко верувале дека св. ап. Андреја бил татко на св. Никола. Во овој крај домаќинката спроти празникот во ново грне варела разни зрна: жито, пченка, боб, леќа и др. за „да наедрјаваат“. Потоа секој фрлал во комината со молитва за добар род на земјоделските култури, а другото го јаделе. Се давало и на домашните животни, на кокошките итн. Во Гевгелиско на шега велеле: „Свети Андреја, кокошките му изумреја“ и го славел ковачкиот еснаф.

Канон за свети апостол Андреј од Свети Наум Охридски Чудотворец

Песна прва

Ирмос: Поразен Египет…
Прв си од сите: првоповикан те нарече, за да ги просветлиш како големо светило на земјата оние што се помрачени со ѓаволска лага; и кон светлината Негова сите да ги упатиш.
Ропството од кое, сакајќи да ги избави од сите, Создателот дојде на земјава. Свети, тебе на радост те повика од земните лаги, за земните да ги упатиш кон Светлината.
Владика, штом ги виде помрачените народи од лага, го повика светиот апостол Андреја кон Себе – Светлината, велејќи му велегласно Тебе на сите да Те проповеда.
Богородичен:
Она што беше речено за тебе, Дево, мајко, се се исполни, зашто од твојата утроба излезе Светлината, која го објави апостолот на Светлината, која им свети на сите.
Песна трета
Ирмос: Тврдина…
Апостол те нарече Христос, свети; те испрати меѓу народите и кон Него да ги приведеш сите, коишто со вера извикуваат: „Никој не е така свет (како Господ нашиот Бог)“.
Горејќи со Светиот Дух ти, свети, ја стоплувашп земјата, оладена со гревовната лага, со вера извикувајќи: Никој не е така свет (како Господ; нашиот Бог).
Осветен со духот, ти ја освети вселената, свети Андрее апостоле, повикувајќи ги народите да извикуваат: Никој не е така свет (како Господ, нашиот Бог).
Богородичен:
Херувимски се уподоби, свети апостоле, којшто воспеваше, како и на Христа, родениот од Дева, повикувајќи ги народите, коишто извикуваат: Никој не е така свет (како Господ; нашиот Бог).

Седален, глас 3, подобен:
Од ист татко и од иста мајка, и сиот со духовна благодат, го повика Петра тајно, Андрее, префални, да го известиш за Господа Исуса; Него Кого што го покажа Јован – јагнето Божјо; Него сега моли го да ги спаси оние што со вера те восхвалуваат во твојот спомен.
(Фрагмент) (Подготви Марко Китевски)

Back to top button
Close
Close