0_Web_АктуелноBiznis.SlajderБизнисБизнис.ПорталЕкономијаМИА ИстражуваТема

Новогодишните празници се честитаат со мали пратки

Телефони, текстил, обувки, бижутерија и книги се меѓу најчестите предмети што ги порачуваат македонските граѓани на интернет од странство. Пред новогодишните празници нивниот број е најголем, но не само од оние што се нарачани онлајн, туку и пратките што стигнуваат како подароци од физички лица од странство, односно подароци што немаат вредност.

Скопје, 1 јануари 2020 (МИА) – Малите пратки ги заменуваат новогодишните честитки за празниците. Сè помал е бројот во поштата на испратени вакви честитки, но затоа тренд е за новогодишните празници да се испраќаат мали пратки. Покрај како подароци, раст покажува и бројот на мали пратки порачани онлајн од странство.

Телефони, текстил, обувки, бижутерија и книги се меѓу најчестите предмети што ги порачуваат македонските граѓани на интернет од странство. Пред новогодишните празници нивниот број е најголем, но не само од оние што се нарачани онлајн, туку и пратките што стигнуваат како подароци од физички лица од странство, односно подароци што немаат вредност.

Малите пратки што ги примаат граѓаните досега беа ограничени на 45 евра без царина, но со промените вредносниот праг е зголемен на 90 евра, односно ако нарачате нешто преку интернет и ако тој производ е до 90 евра сте ослободени од плаќање царински давачки, додека над оваа вредност пратката подлежи на царина.

Малите пратки содржат предмети за секојдневна употреба. Според прописите, граѓаните во вакви пратки може да нарачаат алкохол, цигари и парфеми, но тие не се ослободени од плаќање на предвидените царински давачки.

– Сите поштенски пратки што содржат стока, а кои се испратени од странство од страна на правни лица, како и сите пратки што се предмет на купопродажба, подлежат на пресметка на царински давачки и ДДВ, независно дали служат за лична употреба на примачот. Притоа, од плаќање царински давачки се ослободуваат пратките чија вредност не надминува 90 евра, а од плаќање ДДВ се ослободуваат пратките чија вредност не надминува 22 евра, што значи дека за пратките со вредност до 90 евра се плаќа само ДДВ, појаснуваат од Царинската управа за МИА.

Плаќањето на царинските давачки и ДДВ, како што истакнуваат, се врши со поштенско царинска декларација доколку вредноста на стоката во пратката е помала од 800 евра во денарска противвредност. Кога испраќачот е физичко лице, додаваат, се применува единствена царинска стапка од 15 отсто и стапка на ДДВ од 18 отсто или пет отсто во зависност од видот на стоката. Кога испраќачот е правно лице, односно се работи за пратка порачана преку интернет, при пресметката на царинските давачки се применуваат стапките во согласност со Законот за царинска тарифа. Царинската декларација ја пополнува царинскиот службеник, а давачките се плаќаат при приемот на пратката.

Со единствена царинска декларација се плаќа доколку вредноста на стоката во пратката е поголема од 800 евра или примачот на пратката се изјаснил дека сака стоката да биде оцаринета со стапка согласно Законот за царинска тарифа. Во овој случај декларацијата се поднесува во согласност со постојните прописи предвидени со членот 72 од Царинскиот закон и членот 115 од Уредбата за спроведување на Царинскиот закон, како и Правилникот за начинот на пополнување на царинската декларација и кодексот на шифри што се употребуваат во царинската постапка, најчесто преку царински застапник.

Податоците покажуваат дека во текот на 2018 година во поштата имало околу 4.400 пратки со вредност над 45 евра, додека значително поголем е бројот на пратките што пристигнуваат преку брзите пошти, како што е ДХЛ или околу 30.000 пратки. Во првите шест месеци од годинава мали пратки што пристигнуваат во поштите се околу 2.800 и има раст од околу 30 проценти.

Во Европа просекот за вредноста на малите пратки е 150 евра, односно до 150 евра не се плаќаат царинските давачки кога ќе се нарача некаква пратка.

Зголемувањето на бројот на пратките и воспоставувањето правилен баланс помеѓу олеснувањето на самата трговија и овозможувањето доволно ниво на контрола на самите пратки претставува предизвик на Царинската управа не само во земјава, туку и во светот.

–  За да се овозможи заштита на здравјето на населението и безбедноста од продажбата на фалсификуваната стока, наркотичните средства и оружјето, како и заштита на фискалните интереси, односно спречување загуба во наплата на увозни давачки, Царинската управа на Република Северна Македонија е насочена кон обезбедување соодветни контроли на овој вид стоки. За оваа цел се прават мерки за успешна анализа на ризик и добро таргетирани контроли. Притоа, откриени се случаи на малверзации и за такви случаи е поведена соодветна постапка. Откриени се стоки што повредуваат право на интелектуална сопственост, како и стоки што во согласност со законските прописи се забранети за внес во државата или, пак, содржат материи или супстанции што се забранети и претставуваат кривично дело, наведуваат од Царината.

Во насока на забрзување на царинските постапки, но и контрола на пратките што доаѓаат во функција е пуштен и скенер.

Со инсталирањето на новиот скенер е олеснета работата, како на поштенските работници така и на царинските службеници, по однос на надзор и контрола на пратките, истакнуваат од Царината.

Целите што треба да се постигнат се безбедност, брзина и намалување на трошоците за граѓаните.

– Скенерот овозможува детектирање пратки што во согласност со позитивните законски прописи содржат материи што се забранети за внесување во нашата држава. Пред сè, заради заштита на луѓето, заштита на правото од интелектуална сопственост, како и други мерки на трговска политика. Потоа со употреба на скенерот се забрзува постапката од внесување на пратката во царинското подрачје до нејзино подигнување од страна на примачот. Ова од причина што не мора да помине низ дополнителна царинска контрола, односно да се задржи пратката без потреба. И со ставање во функција на скенерот, се намалуваат и трошоците на граѓаните бидејќи пратките што поминуваат низ скенерот и за кои ќе се утврди дека во нив нема нешто сомнително, веднаш се пуштаат до примачот, без да се задржат непотребно во поштенските простории, а со тоа и наплатување одредени поштенски трошоци (како што се трошоци за царински преглед или лежарина), велат за МИА од Царинската управа.

Онлајн нарачки вршат триесет и шест проценти од македонските граѓани кои имаат пристап до интернет. Од почетокот на годината бројките покажуваат дека се потрошени 84 милиони евра и раст од 26 проценти во однос на тој период лани.

Дестинациите од каде што пристигнуваат, односно од каде што најчесто граѓаните нарачуваат онлајн, како што информираат за МИА од Царинската управа, се Кина, Сингапур и Америка.

Сузи Котева Стоименова

 

 

 

 

 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close