0_Македонија.ПорталДописници МКДОпштествоОпштински вести

Ново возило за пивка вода за пелагониските општини преку македонско-грчки проект

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски во Битола промовира нов македонско-грчки проект со кој за пелагониските општини Битола, Новаци и Могила е обезбедено ново возило за пивка вода.

Битола, 7 мај 2021 (МИА)Министерот за локална самоуправа Горан Милевски во Битола промовираше нов македонско-грчки проект со кој за пелагониските општини Битола, Новаци и Могила е обезбедено ново возило за пивка вода.

Инвестицијата е во износ од 73.900 евра во кои Министерството за локална самоуправа учествува со 15 проценти, односно со 11.085 евра.

Со цистерната што ќе ја користи ЈКП „Водовод“ ќе може да се обезбедуваат услуги за граѓаните од трите општини Битола, Новаци и Могила.

– Набавката на цистерната се реализира во рамки на проектот „Заедничка прекугранична соработка за заштита на населението од природни непогоди и катастрофи предизвикани од човечки фактор (Ј-CROSS)“. Проектот го спроведува Центарот за развој на Пелагонискиот плански регион во рамките на Програматата за прекугранична соработка со Грција Interreg – IPA CBC 2014-2020 финансиски поддржана од ЕУ и Министерството за локална самоуправа. Би сакал да потенцирам дека ова е важно за битолчани и понатаму преку прекуграничните соработки поддржани од ЕУ, партнерски со Грција но и со останатите соседи ќе го подобруваме квалитетот на животот на граѓаните низ целата држава, истакна министерот Милевски на промотивниот настан во Битола.

Со набавката на современо возило за техничка вода за пиење се покрива потребата од вакво возило при непогоди, се исполнува одредбата од член 10 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води и се зајакнува системот за справување со непогоди на регионот.

Милевски потсети дека Центарот за развој на пелагонискиот плански регион реализира и други активности за подигнување на свеста на населението во ситуација на природни непогоди, а реализирани се и заеднички прекугранични вежби со партнерите од Грција.

– Конкретно, во селото Гермијан минатата година беше завршена надградбата на заштитното корито коешто ќе го штити селото од поројните дождови кои нанесувале во минатото голема штета по имотот на овие жители. На овој начин се реши проблемот со поплавувањето на земјоделското земјиште како и станбените и фармерските објекти во овој дел од регионот кои често се случуваа во изминатите години како последица на поројните дождови и слабиот систем за заштита од поплави. Овој проект е уште еден доказ дека прекуграничната соработка одлично се интензивира помеѓу нашите две држави и практично и општините, цивилниот сектор и другите институции спремни се да влезат и во третата фаза, и во ИПА III која што ќе се имплементира за периодот 2021-2027 година за којашто се предвидени неформално околу 40 милиони евра, посочи Милевски.

Значењето на проектот го потврдија градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, директорот на ЈП Водовод Битола, Горан Козаров, директорот на Центар за развој на Пелагониски плански регион, Гого Видимче и грчкиот конзул во Битола, Ахилеас Ракинас. мт/лв/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close