Видео изјаваОпштествоОпштински вестиСкопје

Нови екоиграчки за сите градинки во Карпош

Нови екоиграчки, интерактивни паметни табли и дидактички материјали денеска им беа доделени на претставниците на сите градинки на територијата на Општина Карпош.

Скопје, 9 јануари 2020 (МИА) – Нови екоиграчки, интерактивни паметни табли и дидактички материјали денеска им беа доделени на претставниците на сите градинки на територијата на Општина Карпош.

Примарната цел, соопшти прес-службата на Општина Карпош, е да се обноват играчките за најмладите, но и да им се овозможат материјали со кои ќе ги развиваат когнитивните вештини, полесно да спознаваат и да учат за појавите. Оттаму велат дека овие паметни и интерактивни табли овозможуваат развој на моториката кај децата, учење на боите, на бројките и логично решавање на секојдневни ситуации.

Градоначалникот на Општина Карпош Стефан Богоев при посетата во новата градинка „Виножито“ во Бардовци истакна дека локалната самоуправа и во 2020 година става значаен акцент на раниот детски развој и на унапредувањето на условите во предучилишното образование.

– Минатата година добивме нови занимални во „Мајски цвет“ (Тафталиџе 2), а беше реконструирана и главната кујна во „Орце Николов“ (Карпош 3). Дополнително, се работеше и на обнова на тоалетите во градинката „Пролет“ во Влае, посочи градоначалникот Богоев.

На крајот на 2019 година, истакна тој, потпишавме договор за доградба и проширување на „Орце Николов“ во Карпош 3, а ќе следи и надградба на градинката „Распеана младост“, во Карпош 1. Богоев посочи дека целта им е да ги зголемат капацитетите за згрижување деца и да овозможуваат квалитетно и сеопфатно предучилишно образование.

Снабдувањето на новите екоиграчки е активност на Одделението за детска, социјална и здравствена заштита, која се спроведува еднаш во годината, а купувањето на дидактичкиот материјал за градинките е од средства од буџетот на Општина Карпош.

Локалната самоуправа за тековната 2020 година предвидува и средства во висина од пет милиони денари за реконструкција на градинката „Мајски цвет“, објектот во Тафталиџе 1, како и два милиони денари за други, тековни реконструкции по градинките. фф/сп/

Back to top button
Close
Close