0_Македонија.ПорталОпштество

„Но пасаран“ ја поздрави одлуката на судот во Стразбур

По одлуката што ја донесе Европскиот суд за човекови права во Стразбур во корист на граѓани кои требаше да плаќаат фиксен надоместок за парно греење, денеска од здружението „Но пасаран“ ја поздравија одлуката и ги повикаа граѓаните кои се наоѓаат во слична ситуација да се борат за своите права.

Скопје, 28 февруари 2020 (МИА) – По одлуката што ја донесе Европскиот суд за човекови права во Стразбур во корист на граѓани кои требаше да плаќаат фиксен надоместок за парно греење, денеска од здружението „Но пасаран“ ја поздравија одлуката и ги повикаа граѓаните кои се наоѓаат во слична ситуација да се борат за своите права.

– Ги охрабрувам сите граѓани да ни се придужат и ќе им помогнеме максимално да си дојдат до своите пари. Најавуваме дека од наредниот петок од 11 часот нема да се собираме пред РКЕ, туку пред Основниот суд 2 и пред Апелација. Таму нека дојдат сите загрозени лица и ќе им помогнеме во сите процеси, изјави претседателот на здружението Маријан Ненов.

Во судот во Стразбур, според Ненов, се наоѓаат околу 200 до 300 предмети кои очекуваат позитивно да бидат решени.

Од здружението вина наоѓаат и во Регулаторната комисија за енергетика бидејќи, како што велат, таа  наместо да го регулира бизнисот со енергетика, се свртела против граѓаните.

Од Регулаторната комисија не се согласуваат со ваквите обвинувања од страна на здружението „Но пасаран“.

– РКЕ во април и во јули ги допрезицираше новите правила за снабдување со топлинска енергија. Со тие правила, исклучените потрошувачи немаат веќе обврска да го плаќаат фиксниот надоместок и тоа е нотирано во одлуката на Стразбур. Во мај и во јуни некои граѓани кои не сакаа да одат во БЕГ, беа примени во РКЕ и имаме примено над 2.000 барања за ослободување на плаќање на фиксниот надомест. Значи се што можеше да направи РКЕ, направи со цел да го задржиме концептот на централно греење. Дури дадовме и иницијатива до Владата за намалување на ДДВ за топлинска енергија од 18 на пет проценти со цел да не бидат обесправени и потрошувачите кои останаа приклучени на системот. Не ги разбирам причините за нивното незадоволство од РКЕ, изјави претседателот на Комисијата Марко Бислимоски.

Европскиот суд за човекови права оцени дека Северна Македонија не го заштитила имотот на лицата кои не сакале да ја подмират фиксната сметка за топлинска енергија на исклучените станови од мрежата за централно греење. Според Судот од Стразбур, во овој случај имало прекршување на членот 1 од Протоколот 1 на Европската конвенција за човекови права. Одлучено е на граѓаните да им биде исплатено обештетување. бак/са/

Back to top button
Close
Close