0_МИА Истражува.ПорталДописници СветТема

Ноќниот живот во Атина прилагоден на „новата нормалност“ со коронавирусот  

Во текот на викендов, дописничката на МИА од Атина, направи обиколка во кафулињата во центарот на грчката престолнина, онаму каде што чука срцето на ноќниот живот во Атина.Динамичниот и интензивен ноќен живот, сега е прилагоден на „новата нормалност“. Точно на полноќ, музиката се гаси, масите се празнат, кафулињата и ноќните клубови затвораат. Петнаесетина минути подоцна, Атина воопшто не ни наликува на она што беше претходно.

Атина, 23 август 2020 (МИА) – Зголемениот број позитивни случаи на Ковид-19 е причина во 19 различни области во Грција владата да донесе дополнителни рестриктивни мерки, меѓу кои и ограничување на работно време на угостителските објекти, кафулињата, ноќните клубови и слично, односно забрана за работа од полноќ до 7 часот наутро.

Врз основа на епидемиолошките податоци, на листата, освен острови и грчки туристички дестинации, се најде и областа Атика, поширокиот дел на Атина.

Според официјалните податоци, од 8.381 случај регистриран во Грција од почетокот на епидемијата заклучно со вчера, речиси 40 отсто, односно 3.112 случаи се во областа Атика.

Во текот на викендов, дописничката на МИА од Атина, направи обиколка на кафулињата во центарот на грчката престолнина, онаму каде што чука срцето на ноќниот живот во Атина. Динамичниот и интензивен ноќен живот сега е прилагоден на „новата нормалност“. Точно на полноќ, музиката се гаси, масите се празнат, кафулињата и ноќните клубови затвораат. Петнаесетина минути подоцна, Атина воопшто не ни наликува на она што беше претходно.

-Не паметам да сме затворале на полноќ, пред коронавирусот, работевме и до 3 до 4 часот наутро, додека не си замине и последниот гостин, вели за МИА сопственик на кафуле во центарот на Атина.

-Ова со ограничениот број маси и со растојанието меѓу нив, со забраната за стоење, е во ред, но која е логиката да затвораш во 12? Пред полноќ нема Ковид-19, се појавува после полноќ?, се прашува помлад Грк.

Во Грција не постои закон што, под нормални услови, пред пандемијата, наметнуваше конкретно работно време за рестораните, таверните, кафулињата, ноќните клубови, со исклучок на 1994 година, кога тогашниот министер за јавен ред Стелиос Папатемелис, донесе закон според кој ноќните клубови требаше да затвораат во 2 часот по полноќ, нешто што во цела Грција предизвика негативни реакции, а одредбите беа во сила само одреден временски период.

-Порано ова време излегувавме, сега стануваме да си одиме, а излеговме многу порано. Многу е тешко, поради нашиот менталитет, да се прилагодиме на новите околности и преку ноќ да се одвикнеме од она на што сме биле навикнати досега, вели млада Гркинка во разговор со дописничката на МИА од Атина, додека со нејзиното друштво, на една минута пред полноќ го напуштаат кафулето во кое излегуваат речиси секоја сабота.

Велат дека нема да си одат дома, туку ќе продолжат со новиот вид „забава“ на клупи на некој од атинските плоштади, нешто што беше пракса и во периодот додека земјата беше во целосен карантин.

Друго друштво пак вели дека нема избор, се прилагодува на целата ситуација, излегле еден час порано и по затворањето на кафулињата, принудно ќе си одат дома.

Од друга страна и сопствениците и менаџерите на кафулињата, но и на ноќните клубови, се прилагодуваат на новите мерки.

-Луѓето се жалат, бидејќи сега, во текот на летото излегуваат подоцна и немаат доволно време да уживаат во јадењето. Но, за жал, со новите мерки обврзани сме да им кажеме да си одат, вели за МИА Марина Спиропулу одговорна во атински бар- ресторан.

-Повеќето веќе знаат дека на полноќ затвораме, но единствено туристите треба да ги информираме, бидејќи не се запознаени со мерките и се изненадени, објаснува Василис кој е одговорен во кафуле во центарот на Атина.

 

Паралелно, до крајот на август, за да се избегнат гужви и собири и за да се задржи потребната дистанца, во цела Грција, забрането е стоење во кафулињата и ноќните клубови.

Ова беше прв викенд во Атина со „ограничен“ ноќен живот, со оглед на тоа дека новите мерки стапија во сила во понеделникот, важат до утре, а не е исклучена можноста да бидат дополнително продолжени.

За утре попладне вработените во ноќните клубови, баровите и кафулињата закажаа протест во центарот на Атина.

Сања Ристовска

Таг
Back to top button
Close
Close