Дописници МКДОпштински вести

Над 17 илјади книги електронски достапни за читателите од Делчево

Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево започна со електронско издавање на библиотечниот фонд со кој располага. Процесот досега, како што информираше директорката Билјана Петровска, се одвива без проблем.

Делчево, 28 јануари 2020 (МИА) – Јавната локална библиотека „Илинден“ од Делчево започна со електронско издавање на библиотечниот фонд со кој располага. Процесот досега, како што информираше директорката Билјана Петровска, се одвива без проблем.

Од први јануари досега, посочува таа, електронски се зачленети 55 читатели.

– За да може библиотеката електронски да издава книги, истите треба да видат внесени во системот Кобис. Досега имаме внесено вкупно 17.198 книги. Внесени се сите детски книги, лектирите и делата кои учениците најмногу ги бараат, рече Петровска.

Освен ова, како што додаде, континуирано се внесуваат и сите нови изданија со кои се снадбува библиотеката.

– Библиотекарите секојдневно внесуваат нови книги во Кобис и само од 1. јануари годинава досега се внесени вкупно 4.000 книги, што е навистина за пофалба. Ова е процес што ќе трае цела година, значи комплетно електронски карти сите наши членови ќе имаат од следната година, што значи целиот овој процес ќе се заокружи до крајот на 2020 година. До тогаш се надеваме дека и целиот книжевен фонд со кој располага библиотеката ќе биде внесен во компјутер, додаде Петровска.

Во моментот библиотеката ги има набавено најновите наслови меѓу кои најбарани се „Пациентот“ од Себастијан Фицек, „Хирургот“ од Тес Геретсон и „Љубовното писмо“ од Лусинда Рајли. вс/цр

Back to top button
Close
Close