0_Web_Актуелно0_Македонија.Портал0_МИА Истражува.ПорталАнализаМИА Истражува

На трите циклуси на студии при УКИМ, преку онлајн одбрана, со диплома во 2020-та година се стекнале 32,9 проценти од студентите

Вкупно 32,9 проценти од одбраните на дипломски работи, магистерски трудови и докторски дисертации, изминатата година, на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје се одржале онлајн.

Скопје, 20 февруари (МИА) – Вкупно 32,9 проценти од одбраните на дипломски работи, магистерски трудови и докторски дисертации, изминатата година, на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ во Скопје се одржале онлајн.

Според податоците до кои дојде МИА, преку Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на УКИМ, изминатата година дипломирале 1.518 студенти, од кои, 448 одбраната на дипломскиот труд ја спровеле онлајн. Магистри за изминатата година имало 360, од кои, 179 магистрирале онлајн. Вкупно 16 од 74 студенти кои докторирале, своите докторски дисертации ги одбраниле онлајн.

На УГД најмногу онлајн додипломци и докторати

Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип има најмногу дипломирани и докторирани студенти кои што се стекнале со дипломата онлајн. МИА доби податоци дека во 2020-та дипломирале 835 студенти, од кои 488 или 58,4 проценти дипломирале онлајн. Онлајн процентот превагнува и кај докторатите, каде што од 18 докторирања, вкупно 13 или 72,2 проценти се одржале онлајн. Во 2020 на УГД биле одбранети 77 магистерски тези, меѓутоа до објавувањето на текстот МИА од УГД не доби податоци колку од нив се одбраниле онлајн.

На Универзитетот во Тетово од 1.281 дипломи 178 стекнати онлајн

На Универзитетот во Тетово, на сите три циклуси, 13 проценти од студентите со своите дипломи се стекнале преку онлајн одбрана. Во 2020-та на Универзитетот во Тетово од 1.075 дипломирани студенти, 118 дипломирале онлајн, од 193 магистрирани, 58 магистрирале онлајн и од 13 докторати, двајца докторирале онлајн.

На седум единици од УКЛО со диплома се стекнале 542 студенти од кои 13 проценти онлајн

МИА до објавувањето на текстот доби податоци од седум од вкупно 12 единици при Универзитетот „Св.Климент Охридски“ – Битола. Според податоците од седумте единици, 13 проценти од студентите кои што се стекнале со дипломи на сите три циклуси на УКЛО одбраната на својот труд им била спроведена онлајн. На седумте единици дипломци имало вкупно 450 од кои 58 дипломирале онлајн. Магистри 76, од кои 9 магистрирале онлајн и со називот Д-р се стекнале 16 студенти од кои седум докторирале онлајн.

Американскиот универзитет во Европа ФОН со МИА ја сподели само бројката на дипломирани и магистрирани студенти, која изнесува 132 односно 98 и за истите не беше проследена информација за онлајн спроведување на одбрани.

Долгоочекуваниот момент го доживеавме оналјн, далеку од она како го замислувавме, споделија студентите

Даница Караташова, магистрирала во јули 2020-та година. Таа е магистер по медиуми и комуникации при Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје и својата магистерска теза ја одбранила онлајн. Со МИА, Караташова сподели дека долго време го очекувала моментот на одбрана на својот магистерски труд, но не го замислувала како ваков.

– Сигурно не го замислував вака. Верувам дека како и секој студент, посакував да се тука присутни моите најблиски, сите оние кои ми значат, заедно да просведочиме на ова станување магистер, сепак, одговоривме на барањето што го имаше пандемијата и верувам дека така беше најбезбедно да се случи, сподели Караташова.

Таа дополни дека поради пандемијата имало одолговлекување од неколку месеци, меѓутоа тоа за среќа, на крајот завршило супер.

– Беше онлајн, секако поради претпазливост и заштита од пандемијата. Владее страв како и пред секој испит, ова е нешто завршно кое што очекуваш да помине најдобро, да се покажеш во најдобро светло, меѓутоа, тука, покрај сите стравови беше присутен и стравот дали сè ќе биде во ред и ќе помине добро од технички аспект, раскажа Краташова.

Јелена Стевковиќ дипломирала, исто така, во време на пандемија. Таа неодамна се стекнала со називот дипломиран психолог при Филозофскиот факултет во Скопје. Стевковиќ со МИА сподели дека во текот на целото студирање размислувала како ќе изгледа тој момент на одбрана на дипломската работа и сите емоции и возбуди што ги носи истата, меѓутоа, замислата не се реализирала во целост.

– Со пандемијата со Ковид – 19 и целата состојба во светот, целосно ми се срушија очекувањата за истото. Не беше воопшто лошо тоа што беше онлајн, но, сепак, мислам дека не беше доволен вистинскиот момент како што би било со физичко присуство. Очекувањата беа делумно, речиси воопшто неисполнети, бидејќи никогаш, физичкиот контакт не би го заменил оној од онлајн наставите и сите настани, сподели Стевковиќ

Онлајн верзијата на одбрана ја губи свечената симболика на универзитетот

Покрај онлајн наставата, професорите беа задолжени да организираат и онлајн одбрани. Многу од факултетите релативно брзо се организираа во техничко-административна смисла и со големи заштеди на време и инфраструктурни трошоци успеаја да им овозможат на студентите право на студирање и стекнување со дипломи. Меѓутоа, сето ова беше проследено со недостиг од социјален момент и интерактивност.

Професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“, Јасна Бачовска Недиќ, со МИА сподели дека онлајн верзијата на одбрана е по истиот протокол како во живо, со тоа што, одбраната се формализира и ја губи онаа свечена симболика која била традиција на нашиот универзитет.

– Кандидатите исто така имаат позитивна трема, се трудат да се покажат во најдобро светло. Забелешката повторно е во непосредноста која секако е специфична за живите социјални настани.  Во овој домен ние како универзитетска заедница почнавме да градиме етички и естетски критериуми за онлајн работење и тоа е многу интересно за социолошка опсервација, сподели Бачовска Недиќ

Таа дополни дека одбраните на втор и трет циклус студии во смисла на квантитет продолжиле со исто темпо, некои од нив се одржувле онлајн, но, некои во живо, по барање на кандидатот или Комисијата, со почитување на протоколи, а имало и колеги кои поради посебноста на моментот инсистирале одбраната да е во живо.

Сето ова ни кажува дека онлајн светот, особено поддржан од пандемијата, пркоси на сите социјални моменти, доживувања и очекувања. Учењето на далечина кое што се користеше во многу земји и пред пандемијата, сега не е нешто непознато и за нас. Колку овие искуства ќе влијаат на иднината на образованието и дали позитивните аспекти од истите ќе ги аплицираме во конвенционалниот начин на учење останува да видиме со реализацијата на истите.

Ангела Рајчевска

 

Таг
Back to top button
Close
Close