Дописници МКДОпштински вести

На Пониква ќе се одржи „Осоговски велеслалом 2021“

Општина Кочани во соработка со Скијачката федерација на Македонија, идниот викенд на Пониква ќе го организира скијачкиот натпревар „Осоговски велеслалом 2021“.

Кочани, 20 февруари 2021 (МИА) – Општина Кочани во соработка со Скијачката федерација на Македонија, идниот викенд на Пониква ќе го организира скијачкиот натпревар „Осоговски велеслалом 2021“.

Со тоа по повеќегодишен застој, повторно ќе се возобнови натпреварувачката манифестација што во минатато ги собираше најдобрите скијачи од повеќе клубови во државата.

– Иницијативата за организирање на ова натпреварување е наша, а целта е да ја подобриме промоцијата на Пониква како единствен скијачки центар во источниот регион на државата. Натпреварот ќе се одржи в недела, на 28 февруари, а ќе се потрудиме подготвеноста на ски-патеката да биде соодветна на потребите. Идејата за возобновување на „Осоговски велеслалом“ е да се мотивираат помладите да научат да скијаат, а оние кои веќе ја поседуваат оваа вештина што повеќе да ја практикуваат, истакна градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Натпреварите ќе се реализираат во пет категории: цицибани, деца, млади, сениори и ветерани. Учесниците ќе скијаат на ски-патеката 3, која за натпреварот ќе ја подготви и опреми Скијачката федерација на Македонија.

Пријавувањето за учество на натпреварот „Осоговски велеслалом 2021“ трае до 25 февруари, а натпреварувачите се ослободени од котизација и бесплатно ќе го користат ски-лифтот.

Општина Кочани на најуспешните во сите категории ќе им додели награди и признанија. та/рп/

Back to top button
Close
Close