СветСвет.Портал

Најниска излезност на избори во Иран од 1979 година

Излезноста на парламентарните избори во Иран, одржани на 21 февруари, била 42,57 отсто, соопшти денеска иранското Министерство за внатрешни работи.

Техеран, 23 февруари 2020 (МИА) – Излезноста на парламентарните избори во Иран, одржани на 21 февруари, била 42,57 отсто, соопшти денеска иранското Министерство за внатрешни работи.

Тоа е првпат одѕивот на избирачите да е помал од 50 проценти уште од Исламската револуција во 1979 година.

Иранскиот министер за внатрешни работи Абдолреза Рахмани Фазли изјави дека повеќе од 24 милиони луѓе, од 58 милиони со право на глас, учествувале на изборите во петокот.

Западните медиуми објавија дека ниската излезност е знак за можно ширење незадоволство кон иранските политичари на власт и системот кој го предводат.

Се напоменува и дека гласачите имале ограничен избор, бидејќи повеќе од 7.000 потенцијални кандидати биле дисквалификувани од трката, од кои мнозинството биле реформисти и умерени политичари. Меѓу дисквалификуваните се наоѓаат 90 пратеници од претходниот состав на 290-члениот Парламент, а кои сакале да се кандидираат за уште еден мандат.

Иранската државна телевизија објави дека ирански тврдокорни политичари ги освоиле сите 30 места во Градското собрание во Техеран. Се наведува и дека поранешниот градоначалник на Техеран, Мохамад Багер Калибаф, кој е главен кандидат за функцијата претседател на Парламентот, е најголем победник на изборите во иранскиот главен град, со освоени над 1,2 милиона гласови.

Иранскиот врховен лидер, ајатолах Али Хамнеи ја обвини утрово „непријателската пропаганда“ како обид за спречување на народот да гласа на изборите, бидејќи биле „предимензионирани заканите од коронавирусот“. гт/

Таг
Back to top button
Close
Close