0_Македонија.ПорталПолитика

На ДКСК ѝ е неопходен софтвер за полесно да се бори против корупцијата

Генералните забелешки во врска со индексот за прецепција за корупција за нашата држава се однесуваат на високото ниво на политичка корупција, недоволната транспарентност во работењето на јавниот сектор и управувањето со судирот на интереси, како и недоволниот капацитет и неефикасноста на контролните и регулаторните тела, прецизира денеска претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) Билјана Ивановска и додаде дека на Комисијата ѝ е потребен функционален софтвер за полесно да се бори против корупцијата.

Скопје, 31 јануари 2020 (МИА) – Генералните забелешки во врска со индексот за прецепција за корупција за нашата држава се однесуваат на високото ниво на политичка корупција, недоволната транспарентност во работењето на јавниот сектор и управувањето со судирот на интереси, како и недоволниот капацитет и неефикасноста на контролните и регулаторните тела, прецизира денеска претседателката на Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) Билјана Ивановска и додаде дека на Комисијата ѝ е потребен функционален софтвер за полесно да се бори против корупцијата.

– Според резултатите најслаба оцена 19,79 сме добиле во делот на влијание на политиката врз бизнисот и во делот на демократските процеси 27,53 поени.За надминување на овие состојби сметаме дека треба да се вклучи целото општество, а особено треба  да се остави простор за работа за независните тела како што е и нашата институција, рече Ивановска на денешната прес-конференција.

Таа нагласи дека една од надлежностите на ДКСК е следење на финансирањето на политичките партии, чии главни финансиери, како што рече, во другиот дел од прикаската се јавуваат како главни добитници на тендерите.

– Во нашата околина постојат софистицирани начини за следење на движењето на овие парични текови помеѓу донаторите и корисниците на тендерите, но ние се уште не можеме да ги заживееме тие системи кај нас и првично да имаме таков софтвер, па потоа да го имплементираме, рече Ивановска.

Додаде дека е неопходно да се зајакне и меѓуинституционалната соработка и да постои ефикасна примена на пропишаните процедури за работа и на функционирањето на контролните системи по институциите, како и да се подигне свеста на сите граѓани во општеството, а особено на оние кои се занимаваат со политика тоа да не го прават од користољубиви причини, туку во корист на граѓаните и на јавниот интерес.

Потенцира де сè уште не знае кога ДКСК ќе дојде до таков софтвер и кога ќе бидат целосно функционални во тој дел иако, како  што посочи, цела година тоа го објавуваат во јавноста и пред лицата кои требада го решат проблемот.

– Работиме за да имаме таков софтвер кој ќе ни даде податоци кои се донаторите на политичките партии, кои имиња се споменуваат како донатори а понатаму стануваат економски оператори кои ги добиваат тендерите. Во тој дел треба да се зајакне и законската регулатива да има обврска да се објавуваат имињата на крајните корисници и мрежата на сопственици на фирмите. Кога ќе се обезбеди транспарентност и целосност на податоците тогаш се ќе биде многу поедноставно, рече Ивановска.

Посочи дека ДКСК во моментов не работи на најдобриот и најсофистицираниот начин, туку го оди по потешкиот пат со прибирање на документи, испраќање дописи, писма па потоа чекање одговори.

– Имаме визија како треба да се работи и да бидеме поефикасни и за пократок временски период да даваме подобри резултати. Со оневозможување на она што треба да го имаме на некој начин не можеме да работиме како што треба да работиме, рече Ивановска.

Членот на ДКСК Нури Бајрами потенцира дека во моментов Комисијата работи, како што рече, пешки.

– Тоа не значи дека не ги работиме поголемите случаи. Според годишниот план за испитување на имотна состојба веќе работиме на членови на поранешната  и актуелната Влада и на прибирање податоци. На начинот на кој работиме,тоа значи постигнување на бројот на списите на над 50 или 60, па и 70. Некои предмети се при крај, па  можеби ќе им треба подетална анализа како да ги читаме за да откриеме дали има зголемување на имотот или некоја друга злоуптореба, рече Бајрами.

Нагласи дека се при крај првите случаи за судиите што беа спомнати од Стејт департментот и за нив е прибрана документација од сите институции. Следи, како што рече, преработка на предметите и ќе се носи одлука. За другите судии, додаде, треба да се одреди методологија.

– Сите судии кои се споменати во предметите што стасале до нас ќе бидат опфатени, но треба за нив да ги добиеме податоците од Републичкиот судски совет(РСС), односно да прецизираат за кои судии има најмногу поплаки, судии кои најдолго ги чувале предметите,.. Критериумите и методологијата се тие само чекаме од РСС да ни ги достават бараните податоци, прецизира Ивановска.

Прашана до каде е случајот со Драги Рашковски, претседателката на ДКСК прецизира дека Државниот завод за ревизија веќе изврши ревизија во Владата и се очекува да завршат процедурите по завршената ревизија и 30-те дена за приговори по што ДКСК, додаде, ќе може да ги искористи тие наоди доколку имаат откриено неправилности.

– Јавното обвинителство веќе има покренато постапка и затоа ќе одмериме дали ќе се вклучуваме понатаму, бидејќи немаме многу ресурси за да ги дуплираме работите. Ќе определиме дали има некакви елементи што се однесуваат за нашата институција и по нив ќе постапиме. Во спротивно ќе го препуштиме тоа што веќе го имаме завршено да се сработи, бидејќи што и да направиме случајот пак ќе го однесеме во Јавното обвинителство. Нема поента да се дуплираме доколку тие го работат, рече Ивановска.

Нагласи дека се размислува да се намали обемот на работа на ДКСК за до израз да дојдат покрупните случаи.

– Размислуваме да има законски измени во насока да се утврдува методологија за да се знае како ќе се прави филтерот за да не бидеме пренатпрани со некои помалку значајни предмети. За тоа разговаравме и со невладите организации. Сметам дека е добро да се направи некое такво законско решение, кое ќе ни ја олесни работата на некој начин. Така ќе бидеме поефикасни и на генерален план на ниво на државата ќе дадеме подобри ефекти за покрупните случаи, кои ќе излезат на површина, рече Ивановска. вј/лв/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close