На денешен ден

На денешен ден

1574.- Избила верската војна меѓу француските католици и протестанти (хугеноти) - петта по ред. Протестантските војни ја потресувале Франција се до 18. век. Католичката црква престанала да биде носител на верскиот ексклузивитет во Франција дури по револуцијата во 1789 година.

23 февруари 2020 (МИА)

1574.- Избила верската војна меѓу француските католици и протестанти (хугеноти) – петта по ред. Протестантските војни ја потресувале Франција се до 18. век. Католичката црква престанала да биде носител на верскиот ексклузивитет во Франција дури по револуцијата во 1789 година.

1685.- Во Хале е роден Георг Фридрих Хендл, германски композитор. Неговиот творечки опус е мошне богат: 40 опери, меѓу кои „Риналдо“, „Јулиј Цезар“, 22 ораториуми, од кои позначајни се „Месија“, „Израел во Египет“, „Самсон“, како и голем број оркестарски, камерни и клавирски дела. Умрел во Лондон, на 14 април 1759 година.

1792.- Умрел англискиот сликар Џошуа Рејнолдс, еден од најголемите светски портретисти, основач на Кралската уметничка академија во 1768 година и нејзин прв претседател. Силно влијаел врз англиското сликарство, не само на сликарски план туку и како автор на интересни расправи за сликарството.

1821.- Умрел англискиот писател Џон Китс, еден од најголемите поети во англиската книжевност, чии стихови се одликуваат со исклучителна мелодичност и голем изразен идиом. Неговите сонети, епот „Ендимион“, песните „Ода на славата“, „Ода на есента“ се меѓу најголемите поетски дела напишани на англиски јазик, а „Писма“ се значаен прилог за развојот на естетската теорија.

1836.- Околу 4.000 војници под команда на претседателот на Мексико Антонио Лопес де Санта Ана ја почнале опсадата на крепоста Аламо во Тексас која ја бранеле помалку од 200 доброволци, вклучувајќи го знаменитиот Дејви Крокет. Аламо паднал на 6 март 1836 година, а со него настрадале и сите бранители.

1855.- Во Гетинген умрел Карл Фридрих Гаус, германски математичар, астроном и физичар, еден од најголемите математичари на своето време, основач на прочуената математичка школа и директор на астрономската опсерваторија во Гетинген. Докажал некои фундаментални поставки во алгебрата, поставувајќи ги основите на современата теорија на броевите. Отворил нова етапа во развојот на диференцијалната геометрија и поставил нови темели на небесната механика, а со тоа и на современата астрономија. Роден бил во Брауншвајг, на 30 април 1777 година.

1866.- Абдицирал кнезот Александар Куза, творецoт на романската држава (обединител на Влашка и Молдавија). Власта ја отстапил под притисок на романската аристократија, незадоволна од трендот на демокртизацијата на земјата. На престолот бил поставен принцот од пруското кралско семејство Хоенцолерн под името Карол Први.

1883.- Роден е германскиот филозоф Карл Теодор Јасперс, творец на егсистенцијалната филозофија. По завршувањето медицина работел на Психијатриската клиника во Хајделберг, а потоа бил професор по филозофија до 1937 година кога бил отпуштен од нацистите. Објавил 25 книги од областа на психијатријата и филозофијата. Дела: „Општа психопатологија“, „Психологија на погледот на светот“, „Филозофија“, „Ум и егзистенција“, „За вистината“, „Филозофска вера“.

1883.- Роден е американскиот филмски режисер Виктор Флемиг. Ги режирал филмовите „Однесено со виорот“, „Тортиља Флат“ и „Јованка Орлеанка“.

1905.- Американскиот адвокат Пол Перси Харис во Чикаго го основал Ротари клубот.

1915.- Во Охрид е роден Борис Бојаџиски, македонски раскажувач, новинар и публицист. Автор е на пиесите за деца „Дадовме збор“, „Милка“, „Дедо Мраз и кај нас“, на збирките раскази за деца „Првите цутови“ и „Чекори што не можеа да запрат“, како и на монографијата за народниот херој Орце Николов. Умрел во Охрид, на 9 мај 1959 година.

1931.- Умрела австриската пејачка Нели Мелба, една од најголемите оперски сопрани на крајот од 19. и почетокот на 20. век. Со голем успех со децении настапувала во речиси во сите најголеми оперски куќи во светот.

1934.- Умрел англискиот композитор и виолинист Едвард Вилијам Елгар. Дела: ораториум „Геронтијусовиот сон“, концертните увертири „На југот“, „Енигма на варијациите“, „Фалстаф“, две симфонии, концерти за виолина и виолончело.

1937.- Во селото Луковдол, Струшко, е роден Рајко Јовчевски, македонски писател за деца, преведувач и новинар. Негова прва објавена книга е „Еден малечок свет“ (поезија, 1967). Пишувал и раскази и романи. Умрел во Скопје, на 19 јуни 2001 година.

1938.- Откриени биле првите наоѓалишта на нафта во Кувајт (тогаш британски протекторат).

1943.- Изведена била најголемата сојузничка воздушна офанзива од почетокот на Втората светска војна. Околу шест илјади авиони нападнале многу сообраќајни центри во Германија, од Хамбург и Хановер на запад до Берлин и Лајпциг на север. Притоа, на простор од околу 80.000 км биле исфлени 14.000 бомби од по 250 килограми.

1965.- Умрел англискиот филмски актер Стен Лорел (слабиот) од тандемот со американскиот актер Оливер Харди (дебелиот). Филмските продуценти и денес го собираат профитот од нивните филмови, додека и двајцата актери завршиле во болниците за сиромашни. Филмови: „Музичка кутија“, „Наши односи“, „На дивиот запад“, „Двајца добри другари“, „Ние од Оксфорд“, „Голема работа“, „Наша жена“.

1967.- Во Скопје бил донесен Закон за Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Академијата свечено била отворена на 10 октомври 1967 година. Прв претседател на МАНУ бил Блаже Конески.

1970.- Британска Гвајана стекнала независност.

1979.- Починал актерот Ќемал Ајдини, еден од доајените на Албанската драма при Театарот на народностите во Скопје. На сцената на овој театар одигра над 70 улоги, меѓу кои останале запаметени оние во „Сонот на летната ноќ“ од Шекспир, „Свадба“ од Гогољ, „Вујко Вања“ од Чехов, „Големата вода“ од Живко Чинго и многу други. Играл и во неколку домашни играни и телевизиски филмови. Театарот во неговиот роден град Дебар во негова чест го носи името Ќемал Ајдини. Роден бил во 1935 година.

1990.- По 11 години во бегство, во Камбоџа се вратил принцот Нородом Сиханук.

1991.- Во Тајланд со пуч без крвопролевање власта ја презела воената хунта  која ја соборила владата на Чатича Чунавана.

1994.- На падините на Шар Планина, во близина на Тетово, биле предадени во редовно производство четири мали хидроцентрали на водоснабдително-енергетскиот систем „Попова Шапка“.

1998.- Шефовите на дипломатиите на Европската унија ја укинале забраната за официјални контакти со Иран на високо ниво.

1999.- Умре Ристо Стиков, македонски новинар. Роден бил во 1943 година.

2001.- Во Скопје, претседателите на Република Македонија и на тогашна СР Југославија, Борис Трајковски и Воислав Коштуница, го потпишале Договорот за обележување на границата меѓу двете држави.

2013.- По долго боледување починал актерот Бранко Ѓорчев, директор на Драмскиот театар – Скопје. Од 1987 година работел како актер во Драмски театар – Скопје. Остварил голем број главни и споредни улоги, во матичниот театар и во сите театарски институции во државата. Во 2006 година бил избран за директор на Драмски театар, а во 2010 реизбран на функцијата. Добитник бил на државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2012 година, за долгогодишни остварувања во културата. Ѓорчев бил роден 1962 година во Неготино.

###

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close