На денешен ден

На денешен ден

18 февруари 2020 (МИА)

1405.- Во текот на инвазијата која ја предводел против Кина умрел монголскиот владател, емирот Самарканда Тимур Ленк, наречен Тамерлан, освојувачот на Персија, Индија, Месопотамија и поголем дел од Мала Азија, чие царство се простирало од Москва до Кинескиот ѕид. Во 1402 година го поразил турскиот султан Бајазит Први во битката кај Ангора со што Османлиската држава за неколку децении била забавена во освојувањето на Југостична Европа.

1455.- Умрел италијанскиот сликар Фра Анџелико, доминикански калуѓер, еден од најважните претставници на раната ренесанса. Неговите најважни трудови се фреските во манастирот „Свети Марко“ во Фиренца и фреските во Ватикан.

1516.- Родена е англиската кралица Мери Прва Тјудор, ќерка на Хенри Осми, наречена „Крвавата Мери“, која во текот на владеењето од 1553 па се до нејзината смрт во 1558 година се обидела да го спречи протестантизмот и во Англија да го врати римокатолицизмот. Англиското граѓанство, здружено со „ново племство“, го воспоставило повторно протестантизмот кога во 1558 година на престолот дошла нејзината сестра Елизабета Прва.

1519.- Шпанскиот конквистандор и авантурист Ернандо Кортес (1485-1547) се упатил од Сан Доминго кон Мексико со флота од 11 бродови, 110 морнари и 570 војници. Таа воена единица, составена од авантуристи и пропаднати луѓе, се нафрлила врз старата ацтешка цивилизација и за кратко време, на најкрвав начин го совладала големото царство на кралот Монтезума.

1546.- Умрел Мартин Лутер, основачот на Протестанската црква во Германија и водач на реформацијата на Христијанската црква. Со преводот на „Библијата“ – станал втемелувач на германскиот литературен јазик. Во 1517 година, јавно ги изнесол 95-те тези за реформа на црквата, што довело до широко народно движење против папската власт. Всушност, движењето било насочено против феудалното општествено уредување, на кое црквата му давала организациона форма. Кога реформацијата довела до селанска војна против феудализмот во 1525 година, Лутер направил се движењето да биде задушено. Роден е на 10 ноември 1483 година.

1745.- Роден е Александар Волта, италијански научник, физичар. Според неговото име се наречени голем број поими во физиката: волт, волтампер, волтин лак. Умрел во 1827 година.

1856.- Во Турција бил издаден акт, таканаречен Хати-хумајун, со кој им се ветувала верска и национална рамноправност на сите народности во Турската империја, слобода на вероисповеста и слобода на совеста, мешани судови, право на христијаните да можат да стапуваат на државни должности, да служат во турската војска итн.

1861.- Првиот Парламент на Италија го прогласил за крал Виторио Емануел Втори.

1865.- Северната флота во Американската граѓанска војна го зазела градот Чарлстон во Јужна Каролина, едно од најважните упоришта на јужните сили.

1896.- Роден е францускиот писател Андре Бретон, главен теоретичар на надреализмот. Заедно со француските писатели Луј Арагон и Филип Супо во 1919 година го основаале весникот „Литература“, орган на дадаистичкото движење. Потоа во психоанализата побарал средство за откривање на вистината и во првиот и вториот Надреалистички манифест во 1924 и во 1930 година се обидел да го примени во сликарството со што ги даал теоретските и филозофските основи на надреализмот. Владата во Виши во 1941 година ја забранила неговата „Антологија на црниот хумор“, по што бил принуден да избега во САД. Во 1946 година се вратил, а во Париз во 1947 органиширал Меѓународна надреалистичка изложба. Дела: „Надреалистичка револуција“, „Наѓа“, „Сјајот на земјата“, „Изгубени чекори“, „Фатаморгана“, „Надреализмот и сликарството“.

1932.- Роден е чешкиот филмски режисер Милош Форман, мајстор за атмосфера, извонреден аналитичар на менталитетот. Неговиот филм „Лет над кукавичкото гнездо“, кој го сними по одењето во САД, каде се здоби со американско државјанство, доби пет Оскари. ДРуги филмови: „Црн Петар“, „Љубовта на една русокоса“, „Гори, гори моја госпоѓице“, „Соблекување“, „Коса“, „Амадеус“ (Оскар), „Народот против Лари Флинт“.

1950.- Во Прилеп, аматерите на КУД „Мирче Ацев“, претходно работници на Тутунскиот комбинат, со претставата „Кир Јања“ од Јован Стерија Поповиќ, а во режија на Аце Михајловски, ги поставиле темелите на Народниот театар „Војдан Чернодрински“.

1952.- Грција и Турција станале членки на НАТО.

1956.- Умрел францускиот композитор Гистав Шарпантје, кој во 1902 година го основал „Конзерваториумот Мими Пинсон“, со настојување да овозможи услови за музичко образование на париските граѓани. Дела: операта „Лујза“, оркестарска свита „Импресии од Италија“.

1960.- Аргентина, Бразил, Мексико, Парагвај, Перу, Уругвај и Чиле се договориле да формираат Латиноамериканско здружение за слободна трговија.

1965.- Прогласена била независност на африканската држава Гамбија во рамките на Британскиот комонвелт.

1967.- Умрел американскиот атомски физичар Роберт Опенхајмер, професор на Универзитетот во Калифорнија, кој во Втората светска војна имал водечка улога во изработката на првата атомска бомба. На повик на Министерството за труд на САД, во 1942 година го напуштил Универзитетот и до 1945 година раководел со лабораторијата за изработка на атомски бомби во Лос Анѓелес, а потоа со работа продолжил „во подготовката на нуклеарната енергија за воени цели“, која му ја доверило истото министертво. Од 1953 година бил под сомнение дека одржува врски со комунизмот и му било забрането да работи со атмоски програми, бидејќи се противел на производството на хидрогенски бомби и се залагал за користење на нуклеарната енергија во мирновременски услови. Владата на претседателот Џон Кенеди го рехабилитирала во 1963 година, а Комисијата за атомска енергија на САД му ја доделила Фермиевата награда.

1979.- Паднал првиот снег на подрачјето на Сахара. Снежната бура траела само половина час.

1986.- Во Лос Анџелес умре Пол Стјуарт, американски филмски актер и режисер. Настапил во повеќе од 60 филмови, меѓу кои се „Граѓанинот Кејн“ и „Одмаздата на Пинк Пантер“. Роден бил во 1909 година.

  1. – Со одлука на Собранието на Република Македонија била основана Македонската Информативна Агенција (МИА), јавен информативен сервис, од редот на новинските агенции што настојуваат да ги задоволат професионалните стандарди во сферата на нејзината функција – секојдневно континуирано регистрирање настани и појави и продукција и емитување вести и други прес-информации и материјали. МИА 24 часа емитува вести на македонски, на албански и на англиски јазик. Го сервисира целиот информативен простор – печатените и електронските медиуми во земјата и медиумите на македонски јазик во странство, државните органи и институции, македонските амбасади и други странски организации, институции, мисии… МИА произведува и специјални тематски потсервиси и дневни и неделни билтени. МИА, исто така, продуцира Фото-сервис и Фоно-сервис што се достапни преку веб-страницата на Агенцијата. МИА ангажира педесетина новинари за вести и новинари-репортери во редакцијата и триесетина новинари-дописници од Македонија и од странство. Од непознати причини, активирањето и функционирањето на Агенцијата се одложувало наредните 5-6 години. Тогашната влада решила професионалното агенциско работење да го супституира со основање на Македонско прес биро (МПБ), кое функционирало во рамките на тогашното Министерство за информации. МПБ во 1994 година станало член на АБНА, Асоцијација на балкански новински агенции. Во почетокот на 1998 владата донесла одлука МИА да се активира и да профункционира, како јавно претпријатие. Редовната продукција на вести, како јавен информативен сервис, МИА ја започнала на 30 септември 1998 година. Во почетокот се емитувале вести и извештаи на македонски и англиски јазик. Во мај 1999 година во МИА е формирана Албанска редакција и од тогаш Агенцијата има редовни сервиси на албански јазик. Денес МИА секој ден до своите корисници, од сите сервиси и потсервиси емитува од 300 до 350 артикли, што на месечно ниво изнесува околу 9.750 артикли.  Со одлука на Владата на Република Македонија, од април 2006 година, МИА од јавно претпријатие се трансформира во акционерско друштво со назив А.Д. Македонска Информативна Агенција, во државна сопственост. МИА е членка на Светскиот конгрес на новински агенции – NAWC, на Асоцијацијата на балканските новински агенции – АБНА, како и на Црноморската асоцијација на национални новински агенции – BSANNA. МИА исто така е и дел на информативните пулови на: РОМПРЕС (Романија), БТА (Бугарија), АТА (Албанија), ТАНЈУГ (Србија), МИНА (Црна Гора), ФЕНА и СРНА (БиХ), СТА (Словенија), ХИНА (Хрватска), АНА-МПА (Грција), АНАДОЛИЈА (Турција), АПА (Австрија), ЕФЕ (Шпанија)… МИА соработува и со големите новински агенции – француската ФРАНС ПРЕС, кинеската ХСИНХУА, иранската ИРНА, британскиот јавен сервис Би-Би-Си, германската ДПА, руската ИТАР-ТАСС, а сервисите на МИА ги користат и светските информативни сервиси ДОЈЧЕ ВЕЛЕ, СЛОБОДНА ЕВРОПА, ГЛАСОТ НА АМЕРИКА…

1994.- Владата на Република Македонија донесла одлука за воспоставување на дипломатски односи меѓу Република Македонија и САД на ниво на амбасади.

2002.- На полноќ меѓу 17 и 18 февруари франкот престанал да биде легално платежно средство во Франција после 641 година. Така Франција, после Холандија и Ирска, станала третата земја од 12-те земји во евро зоната која ја прекинала својата валута и преминала на еврото.

2004.- Во експлозија на товарен воз кој превезуваше сулфур, бензин и ѓубриво кај градот Нишапур во североисточен Иран загинале повеќе од 300 луѓе, а пет села биле уништени. Од силната детонација испукале прозорците на зградите оддалечени повеќе од 10 километри од местото на несреќата.

2008.- Умрел францускиот писател Ален Роб-Грие, член на Француската академија. Во литературата влегол во педесеттите години на 20. век, како теоретичар и еден од најпознатите претставници на францускиот „нов роман“. Филмската кариера ја започнал во 1961 година кога го напишал сценариото, според сопствен роман, за филот „Минати години во Мариенбард“, за кој бил номиниран за Оскар. Како режисер се прославил со филмот „Убавата заложничка“.

###

Back to top button
Close
Close