На денешен ден

На денешен ден

1 февруари 2020 (МИА)

1328.- Роден е францускиот крал Шарл Четврти Убавиот, последниот директен потомок на династијата Капет на престолот на Франција, кој воедно бил и крал на Навара, како Шарл Први. Во текот на владеењето од 1322 година, ја реформирал администрацијата со настојување да ја зајакне монархијата, а во 1327 година склучил мир со Англија.

1650.- Умрел францускиот филозоф, математичар и физичар Рене Декрет, основач на нововековната европска филозофија, посебно на модерниот рационализам. Дела: „Расправа за методите“, „Правила за раководење со умот“, „Медитации за првата филозофија“, „Расправа за страстите на душата“, „Принципи на филозофијата“, „Геометрија“.

1793.- Револуционерна Франција по неполни две недели по погубувањето на кралот Луј Шеснаесетти, им објави војна на Велика Британија и на Холандија.

1834.- Во Охрид е роден Кузман Шапкарев, еден од најзначајните собирачи, публикувачи, афирматори на народни умотворби и еден од првите учебникари. Ги објавил делата „Зборник на народни умотворенија, наука и книжнина“, „Материјали за животописот на браќата Миладиновци Димитрија и Константин“, како и осум учебници што ги напишал за потребите на училиштата на Македонија. Умрел во Софија, на 18 март 1909 година.

1840.- Во американскиот град Балтимор отворен е првиот стоматолошки факултет во светот.

1872.- Во селото Лактиње, Охридско, е роден Смиле Војданов, македонски револуционер, учител и војвода. Учесник бил во Илинденското востание во својство на војвода во Дебарско и Охридско. Тој е првиот македонски лобист на просторот на цела Северна Америка, залагајќи се за македонска држава. Умрел во Понтијак, САД, на 4 март 1958 година.

1874.- Роден е австрискиот писател Хуго фон Хорфманстал чии стихови и прозни дела се исполнети со меланхолија и резигнација. Соработувал со Рихард Штраус, за чии композиции пишувал либрета. Дела: драмите – „Тицијановата смрт“, „Бела лепеза“, „Електра“, „Едип и Сфинг“, „Човек“, „Кула“, либретата – „Кавалер со ружи“, „Жена без сенка“, приказната – „Бајка на 672 ноќи“, есејот – „Писмо на лордот Чендос“.

1883.- Под раководство на францускиот инженер Фердинанд Лесепс, градител на Суецкиот канал, почнала изградбата на Панамскиот канал, која завршила со еден од најголемите финансиски скандали во 19. век. Работите биле прекинати цели 20 години. Целосна контрола над зоната над каналот презеле САД со чија финансиска поддршка каналот бил завршен во август 1914 година. Каналот е долг 81 километар.

1887.- Основан бил Холивуд, најголемиот филмски град (предградие на Лос Анџелес) во светот. Првиот филм бил снимен во 1911 година.

1893.- Томас Едисон во Вест Оринџ во Њу Џерси го отворил првото филмско студио во светот.

1901.- Роден е американскиот филмски актер Клерк Гејбл, кој играл во повеќе од 70 филмови. Филмови: „Источен пат“, „Слободна душа“, „Се случи една ноќ“ (Оскар), „Кинеско Море“, „Однесено од виорот“, „Сан Франциско“, „Могамбо“, „Пробен пилот“, „Неприлагодени“, „Луѓе во бело“ и други.

1907.- Хондурас почнал војна со Никарагва поради пограничните територии.

1908.- Во одговор на теророт предизвикан од режимот, републиканските следбеници во Лисабон ги убиле португалскиот крал Карлос Први и неговиот син кој требало да го наследи престолот.

1912.- Во селото Буф, Леринско, е роден д-р Трифун Пановски, борец во НОВ на Македонија. Загинал во несреќен случај во близина на селото Буринец, Струшко (во несреќата загинаа уште тројца борци и едно дете), на 22 јуни 1944 година.

1922.- Родена е италијанската оперска певица Рената Тебалди, една од најголемите лирски сопрани на 20. век, која брилјантно ги интерпретираше големите рољи, посебно во оперите на Ѓузепе Верди и Ѓакомо Пучини.

1943.- Кај селото Старо Градско, на Косово, во борба против италијанските фашисти и против балистите, загинал Александар Урдаревски – Станко, народен херој на Југославија, од Македонија. Роден е во селото Чучер, Скопско, на 18 февруари 1920 година.

1944.- Во Њујорк умрел Пит Мондријан, холандски сликар и теоретичар. Како еден од основачите на групата „Де Стил“, во 1920 година објавил манифест за „неопластицизмот“. Од 1940 година живеел во САД. Тој е значаен претходник на новото сликарство. Роден бил на 7 март 1872 година.

1945.- Во велешката гимназија „Кочо Рацин“ првпат во слободна Македонија почнала наставата на мајчин македонски јазик. Гимназијата е основана во 1857 година и е најстара гимназија во Македонија.

1946.- Тригве Ли (од Норвешка) бил избран за прв генерален секретар на Организацијата на Обединетите нации.

1946.- Унгарија е прогласена за република со претседателот Золтан Тилдиј и премиерот Ференц Наѓи. Во меѓувоениот период Унгарија била кралство без династија, што претставува единствен случај, па затоа грофот Хорди ја вршел функцијата регант.

1966.- Умрел американскиот филмски актер и режисер Бастер Китон, кој секогаш играл улоги на осамен човек, предодреден да се бори сам против сите. Филмови: „Генерал“, „Нашето гостопримство“, „Навигатор“, „Снимател“, „Булевар на самракот“, „Светла сцена“.

1979.- Иранскиот верски водач ајатолахот Рухолах Хомеини по 15 години бегство од Париз се вратил во земјата. Со тоа настапила новата фаза на исламската револуција со која во Иран е воспоставена исламската теократија.

1991.- Во земјотрес кој ги погодил пограничните области на Авганистан и Пакистан загинале повеќе од 1.200 луѓе.

1994.- Владата на Република Македонија донесла одлука за воспоставување дипломатски односи меѓу Република Македонија и Република Финска на ниво на амбасади.

1995.- Поплавите во Холандија ги натерале околу 250.000 луѓе да ги напуштат своите домови. Тоа бил најголемиот егзодус во историјата на Холандија.

1996.- Претседателот Жак Ширак објавил дека Франција завршила со нуклеарните проби „еднаш засекогаш“.

1996.- Советот за безбедност на ООН го прифатил предлогот на генералниот секретар на ООН од овој датум силите за превентивно распоредување на ООН (УНПРЕДЕП), да останат целосно независна операција во Република Македонија.

2000.- Ултрадесничарската Слободарска странка на Јерг Хајдер и Народната партија на Волфганг Шисел постигнале договор за коалиција, наспроти предупредувањето на останатите 14 земји-членки на Европската унија и САД дека влезот во владата на Хајдеровата партија, на која и се препишувало кокетирање со нацизмот, ксенофобичност и дискриминација на малцинствата неизбежно ќе предизвика непријатни последици за Австрија.

2003.- При враќањето на Земјата од мисијата која траела 16 дена, американскиот вселенски шатл „Колумбија“ се запалил и се распаднал над Тексас 15 минути пред планираното слетување. Загинале сите седум членови на екипажот, вклучувајќи и две жени и првиот Израелец-астронаут.

2007.- Умрел Аделаида Тамбо. Целиот свој живот го посветил на борбата против апартхеидот. „Мама Тамбо“, како што ја нарекувале, била меѓу водечките членови на Африканскиот национален конгрес (АНЦ). Покрај бробата против апартхеидот, била и борец за женски права. Аделаида Тамбо била пратеник на АНЦ во првата демократски избрана влада на Јужноафриканската Република.

2008.- Во две одвоени експлозии, на багдатските пазари, кои ги изведоа жени бомбаши-самоубијци, загинаа 99, а беа повредени најмалку 145 луѓе.

2012.- На 88-годишна возраст по долго и тешко боледување умрела полската поетеса и добитничка на Нобеловата награда Вислава Шимборска. Шимборска Нобеловата награда за книжевност ја доби во 1996 година. Во својата поезија често пати користеше иронија за да прикаже филозофски теми и интереси, а нејзините дела се преведени на речиси сите европски јазици, како и на арапски, хебрејски, јапонски и кинески. Таа објавила релативно мал број дела, се на се околу 250 песни. Шимборска била родена на 2 јули 1923 година во Бнин.

2012.- Најмалку 74 лица загинале, а околу 1.000 лица биле повредени при нередите што избувнале по фудбалскиот натпревар меѓу екипите на „Ал Масри“ и „Ал Ахли“ во египетскиот град Порт Саид. „Ал Масри“ победил со 3:1, а само неколку минути по завршувањето на натпреварот навивачите на двата тима уапднале на теренот и почнала меѓусебна пресметка во која биле користени и камења и шишиња.

2016.-Умрел Рафаил Колевски, академски сликар. Најмногу сликал актови, портрети и пејзажи, а последно на што најмногу се концентрирал биле апстрактните дела. Бил љубител на аналогната фотографија и поседувал сопствена лабораторија за развивање фотографии од негатив. Рафаил Коловски бил внук на познатиот зограф Крсте Коловски, кој ги изработил фреските во скопската црква „Св. Димитрија“ кои се самопрочистија на Велигден во 2012 година.

 

###

Back to top button
Close
Close