На денешен ден

На денешен ден

5 декември 2019 (МИА)

1560.- Умрел францускиот крал Франсоа Втори, кој владеел само една година. Го наследил брат му Шарл Деветти, во чиее владеење започнале верските војни меѓу римокатолиците и хугенотите.

1791.- Во Виена умрел Волфганг Амадеус Моцарт, голем австриски композитор, автор на повеќе музички дела со кои оставил печат на совршенството и на неповторлив личен израз. На денот на погребот Виена не му се оддолжила на човекот кој нејзиното име го прослави во светот. Моцарт бил погребан во заедничка гробница на сиромашните, а неговиот ковчег никој не го испратил, освен неговото куче. Негови најпознати дела се оперите „Волшебната флејта“, „Свадбата на Фигаро“, „Дон Жуан“ и други. Роден бил во Салцбург на 28 јануари 1756 година.

1848.- Во цела Америка почнала „златната треска“ откако американскиот претседател Џемс Полк објавил дека во Калифорнија е пронајдено злато.

1867.- Роден е полскиот државник маршалот Јозеф Клеменс Пилсудски, првиот претседател на Полска од 1918 до 1922 година и иницијатор на војната против Советска Русија во 1920 и 1921 година. Во 1926 година воспоставил диктатура со што ја одржал власта се до смртта во 1935 година.

1870.- Умрел францускиот писател Алесандар Дима. Најпрво се истакнал со романтичните драми „Анри Трети и неговиот дворец“, „Антони“, „Кулата Нел“, „Кин“. Пишувал и комедии, но со светска слава се стекнал со многубројните романи со мотиви од француската историја: „Тројцата мускетари“, „Грофот од Монте Кристо“, „Кралицата Марго“, „Дваесет години потоа“.

1901.- Во Чикаго е роден Волт Дизни, познат северноамерикански цртач и филмски продуцент, творец на модерниот цртан филм. Умрел во Бурбанк, Калифорнија, на 15 декември 1966 година. Дизни со години бил водечка фигура во светот на цртаниот филм, затоа што било тешко да се надмине неговата техника, поетска сила и духовитост.

1906.- Роден е американскиот филмски режисер од австриско потекло Ото Преминџер, пионер во подготовка на „широките платна“: Филмови: „Лаура“, „Ангелско лице“, „Кармен Џонс“, „Човекот со златна рака“, „Св. Јованка“, „Добарден таго“, „Анатомија на едно убиство“, „Егзодус“, „Кардинал“.

1926.- Умрел францускиот сликар Клод Моне, еден од основачите на импресионизмот.

1940.- Умрел чешкиот виолинист и композитор Јан Кубелик, кој на осумгодишна возраст почнал со јавни настапи, стекнувајќи се со углед на еден од најголемите виолински виртуози на своето време. Дела: „Американска симфонија во a-mol“, шест концерти за виолина и оркестар, симфониски варијации за виолина и камерен оркестар, кратки композиции за виолина и клавир.

1983.- Умрел американскиот филмски режисер Роберт Олдрич. Снимал трилери, вестерни, хорори, психолошки драми и комедии. Филмови: „Што се случи со Беби Џејн?“, „Вера Круз“, „Апач“, „Дванаестмината жигосани“, „Бакнеж на смртта“, “Тивко, тивко Шарлота“, „Затворски круг“, „Големиот нож“, „Убиството на сестрите Џорџ“.

1995.- Шефот на шпанската дипломатија Хавиер Солана официјално ја презел  функцијата генерален секретар на НАТО, како прв Шпанец на чело на западниот воен сојуз.

1996.- Претседателот на САД Бил Клинтон за министер за надворешни работи (државен секретар) ја назначил Медлин Олбрајт, прва жена на таа функција во американската историја.

1997.- Вулканот Безимјани на полуостровот Камчатка, на рускиот далечен исток, повторно се активирал при што била формирана вулканска прашина од осум до десет километри над земјината површина.

2011.- Меѓународниот суд на правдата во Хаг пресудил дека Грција го прекршила членот 11 од Времената спогодба со блокирањето на приемот на Македонија во НАТО на Самитот во Букурешт во 2008. Претседателот на Судот – Хисаши Овада соопштил дека Одлуката била донесена со 15 гласови за и еден против. Пресудите на Меѓународниот суд на правдата се конечни и обврзувачки за земјите-членки на ОН, односно за страните во спорот и во огромен процент тие се испочитувани.

2011.- Во Скопје умрел Ѓорѓи Доневски, претседател на Здруженијата на децата-бегалци од Егејска Македонија „Незаборав“. Доневски на 13-годишна возраст бил одделен и одроден од семејството и местото на раѓање за да го продолжи животот во Бела Црква – Војводина. Бил неуморен борец за правата на Македонците од Егејска Македонија. Роден бил во 1935-та во с. Бапчор, во Егејска Македонија.

2013.- Првиот црн јужноафрикански претседател и икона на борбата против апартхејдот, Нелсон Мандела починал во својот дом во Јоханесбург на 95-годишна возраст. Мандела ја предводел мирната транзиција во Јужна Африка со префрлањето на власта од белото малцинство на црнечкото мнозинство во 90-те години на 20-от век, откако претходно во затвор поминал 27 години. Во 1993 година ја добил Нобеловата награда за мир, а следната година бил избран за претседател на Јужна Африка. На крајот на својот петгодишен мандат во 1999 година се повлекол од функцијата и од политиката.

2017.- Во Скопје почина проф. д-р Томислав Чокревски, универзитетски професор. Основно образование и гимназија завршил во родниот град. Дипломирал на Правниот факултет во Скопје во 1958 година. Магистрирал на Факултетот за политички науки во Белград во 1967, а докторирал на Правниот факултет во Скопје, на тема „Социјалната природа и функција на големите организации и развитокот на социјалистичката демократија“ во 1976 година. Бил декан на Правниот факултет во Скопје во 1991 и 1992, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (1992/93-1993/94) и министер за внатрешни работи во Владата на Бранко Црвенковски од 1995 до 1998 година. Објавил поголем број монографски дела и учебници од областите на социолошките и политичките науки. Основната идеја што ја следи во социологијата е функцијата на големите организации во демократијата. Чокревски е роден во Битола на 11 декември 1934 година.

2017.- Една од најголемите француски рок ѕвезди Џони Холидеј, почина на 74-годишна возраст. Џони Холидеј беше познат како „францускиот Елвис Присли“, а инспирација за музиката црпеше од Чак Бери и Бади Холи.

###

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close