На денешен ден

На денешен ден

48 п.е.- Римскиот војвода и државник Гнеј Помпеј бил убиен во Египет каде се криел, бидејќи во битката кај Фарсал го поразил Гај Јулиј Цезар. Учествувал во гушењето на востанието на римските робови кое од 71 до 69 година п.н.е. го предводел Спартак, а со глас на голем војсководител се стекнал во 66 година п.н.е. со победата над понтскиот крал Митридат VI Еупатор, со што ја зацврстил власта во Мала Азија.

28 октомври 2020 (МИА)

48 п.е.- Римскиот војвода и државник Гнеј Помпеј бил убиен во Египет каде се криел, бидејќи во битката кај Фарсал го поразил Гај Јулиј Цезар. Учествувал во гушењето на востанието на римските робови кое од 71 до 69 година п.н.е. го предводел Спартак, а со глас на голем војсководител се стекнал во 66 година п.н.е. со победата над понтскиот крал Митридат VI Еупатор, со што ја зацврстил власта во Мала Азија.

1066.- Норманскиот војвода Вилијам, иден англиски крал Вилијам I Освојувачот се истоварил со својата војска кај Певенси во јужната англиска покраина Сасекс и го започнал освојувањето на Англија.

1465 или 1466.- Роден е Еразмо Ротердамски (вистинското име му е Герт Гертс), холандски писател, филолог и еден од родоначалниците на европскиот хуманизам. Поради големото влијание врз современиците бил наречен „крал на хуманистите“. Имал големо влијание врз германската реформација, а реформата на Црквата ја замислувал како реформа на клерот и на црковните општини, а не како реформа на догмата. Познати се неговите дела „Домашни разговори“, „Пофалба на лудоста“ и други. Умрел на 12 јули 1536 година.

1492.- На првото патување преку Атлантикот, во потрага по нов пат до Индија, Кристифор Колумбо ја открил Куба.

1704.- Умрел Џон Лок, англиски филозоф. Во своето најважно дело „Есеј за човековото сознание“, ги поставил темелите на сознанието како посебна филозофска дисциплина. Тој ја образложил теоријата на емпириското сознание. Роден бил на 29 август 1632 година.

1803.- Роден е францускиот писател Проспер Мериме, кој се одликувал со префинет и сстегнат стил. Неговите новели „Кармен“ и „Коломбо“ го инспирирале неговиот сонародник Жорж Бизе да компонира опери.

1818.- Во Орел е роден Иван Сергеевич Тургенев, руски писател, еден од најпознатите претставници на рускиот реализам. Извршил големо влијание врз развитокот на новелистиката. Негови најпознати дела се „Спроти новите дни“, „Татковци и деца“, „Ловечки записи“, „Благородничко гнездо“ и други. Умрел во Париз, на 22 август 1883 година.

1869.- Во Охрид е роден Стефан Јакимов Дедов, македонски деец, основач на македонскиот клуб со читалиште во Белград, издавач на неговиот орган „Балкански гласник“ и во Софија на весниците „Балкан“ и „Курир“, член на Македонското научно-литературно другарство во Санкт Петербург и коавтор, заедно со Мишајков, на Меморандумот до руската влада, прва македонска националноослободителна програма. Умрел во Софија, на 19 септември 1914 година.

1873.- Во Штип е роден Мише Развигоров, македонски народен учител и член на Скопскиот окружен комитет на ВМРО. Во Штип, откако бил предаден заедно со неколкумина македонски соборци, во борба против турската војска загинал (изгорел или се самоубил) на 2 април 1907 година.

1891.- Умрел американскиот писател Херман Мелвил, автор на романот „Моби Дик“. Во неговите дела мајсторски користи симбол и алегорија. Други дела: „Тајпи“, „Ому“, „Били Бад“.

1895.- Умрел францускиот хемичар и биолог Луј Пастер, пронаоѓач на вакцината против беснило, антракс и црвен ветер. Тој, исто така, открил дека храната може да се конзервира со спречување на размножувањето на бактериите, при што ја развил постапката наречена „пастеризација“. Во 1888 година го основал Институтот во Париз кој го носи неговото име.

1902.- Умрел францускиот писател Емил Зола, творец и најизразит претставник на натуралистичкиот роман. Пишувал и приказни, драми, книжевна и уметничка критика, а страсно се борел за правда и напредок. Дела: „Нана“, „Жерминал“, „Трујачка“, „Човек ѕвер“, „Пари“, „Земја“, „Плодност“, „Работа“, „Вистина“, „Трите града: Лурд, Рим, Париз“.

1924.- Роден е италијанскиот филмски актер Марчело Мастројани, еднакво успешен комичар и романтичен херој, драмски актер, љубовник и толкувач на улоги во филмови со херметички интелектуализам. Филмови: „Девојката од Шпанскиот плоштад“, „Хроника за сиромашните љубовници“, „Бели ноќи“, „Сладок живот“, „Развод на италијански начин“, „Ноќ“, „Семејна хроника“, „Осум и пол“, „Приватен живот“, „Мирисот на жените“.

1934.- Родена е француската филмска актерка Брижит Бардо, најголем филмски секс симбол. Се стекнала со огромна популарност откривајќи ги женските вештини пред сите други актерки порано. Кариерата ја прекинала релативно рано, многумина тоа го сметаат за мудро бидејќи во посериозните години скромниот актерски квалитет би и бил неповолен придружник. Филмови: „И Господ ја создал жената“, „Жената и нејзината играчка“, „Во случај на несреќа“, „Вистина“, „Бабет оди во војна“, „Приватен живот“, „Парижанка“, „Вива Марија“.

1947.- Во Скопје, во киното „Култура“, филмските работници на Македонија го организирале првиот филмски преглед. Во него бил прикажан секојдневниот живот во Републиката, активностите на градежништвото, прославата на 9 Септември во Пиринска Македонија и бербата на памукот во Струмичко. Сниматели биле Трајче Попов и Благоја Дрнков.

1966.- Умрел францускиот писател Андре Бретон. Дела: „Надреалистичка револуција“, „Наѓа“, „Сјајот на земјата“, „Изгубени чекори“, „Фатаморгана“, „Надреализам и сликарство“.

1967.- Родена е Џулија Фиона Робертс, американска актерка. Таа станала позната холивудска ѕвезда откако ја одглумила главната улога во романтичната комедијата „Убава жена“ во 1990 година, со што филмот заработил 464 000 000 долари на светско ниво. Била номинирана за оскар за филмовите  „Челични магнолии“ во 1990 година  и „Убава жена“ во 1991-та година, а го освоила  Оскарот за најдобра женска улога во 2001-та година за нејзината изведба во филмот „Ерин Брокович“. Нејзините филмови „Свадбата на мојата најдобра другарка“, „Мистериозна пица“, „Нотинг Хил“, „Невестата бегалка“, „Денот на вљубените“, „Досието Пеликан“, „Единаесеттемина на Оушн“ и „Дванаесеттемина“, ја направиле една од најуспешните актерки во однос на приходите на сите времиња. Робертс била именувана единаесет пати за една од 50-те најубави лица во светот во магазинот „Пипл“, со што се изедначила со Хали Бери. Во 2001-та година, весникот за дами (Ladies Home Journal) ја рангирал како 11-та најмоќна жена во Америка, на чело со тогашната советничка за национална безбедност Кондолиза Рајс и поранешната прва дама на Америка – Лора Буш. Робертс има компанија за производство на филмови наречена „Ред Ом Филмс“.

1970.- Умрел египетскиот државник Гамал Абдел Насер, шеф на државата од 1956 година, творец на модерниот Египет и еден од основачите на Движењето на неврзаните.

1990.- Умрел италијанскиот писател Алберто Моравија, кој славата ја стекнал со дилеми за моралното раслојување на италијанската буржоазија. Пишувал романи, театарски комедии, приказни, есеи, патописи, филмски и театарски критики. Дела: „Рамнодушни луѓе“, „Римјанка“, „Досадување“, „Конформист“, „Чочара“, „Јас и тој“, „Внимание“, „Годината 1934“, „Внатрешен живот“, „Автомат“, „Римски приказни“, „Втор живот“.

1990.- Работниците од „Рудпроект“ од Скопје го минирале првиот фабрички оџак во Скопје, кој бил симбол на првата фабрика за преработка на зеленчук, „Мичурин“, изграден уште во триесеттите години на 20. век.

1992.- Во Собранието на Република Македонија, пратениците го изгласале Законот за државјанство. Услов за добивање на државјанство станал 15-годишниот постојан престој.

1994.- Во најголемата мирновременска поморска несреќа во Европа, повеќе од 900 луѓе го загубиле животот кога во Балтичкото Море спроти финскиот брег потонал ферибродот „Естонија“.

1998.- Во Девон умрел Тед Хјуз (вистинското име му е Едвард Џемјс), еден од најзначајните британски поети во 20. век, во 1994 година добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата. Бил прогласен за „британски кралски поет“, а бил сопруг на американската поетеса Силвија Плат. Од делата познати се „Сокол на дожд“, „Луперкал“, „Врана“, „Пештерски штици“ и други. Роден бил во 1930 година.

1999.- Умре Рафаел Алберти, шпански поет, учесник во Шпанската граѓанска војна. Добитник бил на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1978 година. Ги напишал делата „Морнар на копното“, „Драга“, „За ангелите“, „Матадор“ и други. Роден бил во 1902 година.

2000.- Умрел канадскиот државник Пјер Елиот Трудо, кој со неколку прекини 16 години ја водел земјата. Првпат бил избран за премиер во 1968-та, а на власт останал до 1979 година. Од 1980 до 1984 повторно ја водел извршната власт на Канада. На чело на Либералната партија бил од 1968 до 1984 година.

2002.- Исламски терористи го убиле американскиот дипломат Лоренс Фоли близу куќата во која жиевеел во јорданската престолнина Аман. Ова било прво убиство на еден дипломат од Запад во Јордан.

2003.- Умрел американскиот филмски режисер од грчко потекло Елија Казан, добитник на наградата на Американската филмска академија за животно дело. Имал добиено 20 оскари за негови филмови во различни категории, вклучувајќи и два за режија. Филмови: „Џентлменски договор“ (Оскар), „Источно од рајот“, „Сјај во трева“, „Бумеранг“, „Паника на улиците“, „Бејби Дол“, „Дивата река“, „Америка, Америка“, „Посетители“, „Трамвајот наречен желба“.

2005.- Умрел српскиот театарски, филмски и телевизиски актер Љубомир Љуба Тадиќ. Освоил многубројни национални театарски и филмски признанија, меѓу кои и две награди за животно дело „Добричин прстен“ во областа на театарот.

2006.- На 74-годишна возраст починал еден од последните доајени на македонската народна музика Наско Џорлев. Со неговата хармоника зад себе оставил стотици песни како „Не кажувај либе добра ноќ“, „Во Стумица на улица“, „Фато, мори, душманке“, „Дедо мили златни“ и многу други. Од неговата школа „Оркестарот на Наско Џорлев“ излегле плејада пејачи и музичари, како што се Петранка Костадинова, Виолета Митева, Уснија Реџепова, Ферус Мустафов и многу, многу други.

2007.- Коалиционите сили предводени од американските војници убиле околу 80 талибанци во текот на шестчасовната борба на југот на Авганистан. Борбата се водела кај градот Муса Кале, во провинцијата Хелман, најголем центар за производство на опиум во светот.

2011.- На 72-годишна возраст, за време на операција на срцето во Германија, почина чешкиот политичар, дипломат и писател Јиржи Гриша. Гриша бил еден од дисидентите и основачите на чешкото здружение „Повелба 77“, кое помогнало да се отвори патот за соборување на комунизмот. Заради своите идеи, во 70-те години на минатиот век бил затворан. Во 1981 година за време на неговиот престој во САД му било одземено чешкото државјанство, а во Чешка се вратил во 1990 година. По враќањето служел како амбасадор на Чешка во Германија и Австрија, а од 1997 до 1998 бил чешки министер за образование. Во 2003 година бил назначен за претседател на Меѓународниот ПЕН клуб, а потоа бил и директор на Дипломатската академија во Виена. Носител бил на високата германска државна награда „Почесен крст со ѕвезди“.

2013.- Починал Тадеуш Мазовјецки (86), првиот премиер на Полска по падот на комунизмот и првиот некомунистички премиер во Источна Европа. Мазовјецки, кој бил познат полски автор, демохристијански политичар, филантроп и еден од поранешните лидери на движењето „Солидарност“, функцијата премиер на Полска ја извршувал од 24 август 1989 до 12 јануари 1991 година.

2014.- Ракетата која НАСА требало да ја испрати во Меѓународната вселенска станица експлодирала непосредно по лансирањето. Ракета требало во вселенската станица да однесе околу 5.000 килограми опрема и неопходни работи за живот на астронаутите.

2018.- По кусо и тешко боледување почина професор емеритус Александар Николовски, кој во текот на својот животен век извршуваше голем број државни и академски функции. Тој беше прв ректор на Универзитетот ФОН,  претседател на Интеруниверзитетската конференција на универзитетите во Република Македонија, долгогодишен професор и продекан на Економскиот факултет и Правниот факултет при УКИМ, основач и прв претседател на постојаниот избран суд (арбитража) на Македонија меѓу другите функции.Два мандата бил председател на Ректорската конференција на приватните универзитети во Република Македонија, а потоа и претседател на Интеруниверзитетската конференција на универзитетите во Република Македонија, како и потпретседател на Алијансата на централно-источни европски универзитети. Во 1993 година бил основач на Постојаниот избран суд (арбитража) при Стопанската комора на Република Македонија, каде бил претседател се до 2011 година, а до крајот на животот и почесен претседател. Исто така бил и меѓународен арбитер во повеќе меѓународни арбитражи, меѓу кои: Москва, Киев, Софија, Љубљана, Сараево, Белград, Загреб, Виена и други. Има објавено 34 книги од кои десет се наоѓаат во Конгресната библиотека во Вашингтон и огромен број рецензирани научни трудови објавени во Македонија и странство.

###

 

Back to top button
Close
Close