На денешен ден

На денешен ден

26 октомври 2020 (МИА)

– Национален празник на Австрија.

1685.- Роден е италијанскиот композитор Ѓузепе Доменико Скарлати, виртуоз на чембало. Компонирал повеќе од 550 композиции за чембало, познатата соната во еден став, т.н. Скарлатиев сонатен облик, употребувајќи нова техника со брилијантни резултати.

1689.- По наредба на австрискиот генерал Силвио Пиколомини, австриската војска го запалила Скопје, кое горело два дена. Австријците го запалиле градот за да се спасат од епидемијата на чумата, но опасната болест не била запрена од огнот. За кусо време изгореле многу куќи, дуќани и други градежни објекти. Покрај загубите што му биле нанесени на населението, неколку илјади австриски војници заболеле и умреле од чумата, а меѓу нив и нивниот генерал Силвио Пиколомини.

1795.- Роден е Жорж Жан Дантон, француски револуционер, кој на 14 јули 1789 година го предводел побунетиот народ на познатиот париски затвор Бастилја. Бил истакнат радикален револуционер и противник на монархијата во времето на Француската буржоаска револуција. Во 1794 година

Робеспјер го обвинил дека работел на обновување на монархијата и го осудил на смрт. Гилотиран бил на 5 април 1794 година.

1820.- Во селото Кучевиште, Скопско, бил роден Натанаил Кучевишки, митрополит, професор и еден од водачите на Кресненското востание во Македонија против турската власт. Умрел во Пловдив, на 18 септември 1906 година.

1837.- Роден е Карл Колдевеј, германски поларен истражувач. Тој бил водач на првата германска експедиција на Северниот пол во 1868 година. Умрел на 18 мај 1908 година.

1842.- Роден е рускиот сликар Василиј Васиљевич Верешчагин, кој инспириран од воените мотиви го изразил своето мајсторство. Сликарство учел на Академијата во Петроград, а се усовршувал во Париз. Посебно се забележителни неговите монументални композиции од руско-турската војна 1877-1878 година.

1863.- Основан бил Фудбалскиот сојуз на Англија.

1863.- Во Женева почнала четиридневната меѓународна конференција на 14 земји на која бил основан Црвениот крст и биле објавени принципите кои во 1864 година послужиле како основа за усвојување на Женевската конвенција за заштита на жртвите од војни.

1874.- Умрел Петер Корнелиус, германски композитор. Неговата опера „Багдатскиот бербер“, е една од најубавите комични опери. Роден бил на 24 декември 1824 година.

1905.- Шведска ја признала независноста на Норвешка.

1911.- Прокламирана биле Кинеската Република.

1916.- Роден е францускиот државник Франсоа Митеран кој како прв социјалист во мај 1981 година бил избран за претседател на Франција, останувајќи на таа функција 14 години. Во Втората светска војна бил еден од водачите на француското Движење на отпорот, а од 1971 година и лидер на Социјалистичката партија на Франција.

1919.- Роден е иранскиот шах Мохамед Реза Пахлави, монарх на Иран од 1941 до 1979 година. Владеејќи автократски, во 1953 година предизвикал уставна криза. 1925.- Во селото Брусник, Битолско, е роден Бошко Станковски, учесник во НОБ и носител на Партизанска споменица 1941 година. На 28 април 1982 година бил избран за претседател на Собранието на Социјалистичка Република Македонија. Функцијата претседател на Собранието Бошко Станковски ја извршувал до 28 април 1984 година. Трагично го загубил животот на 13 март 1987 година. За повеќегодишната општествено-политичка активност Бошко Станковски бил лауреат на повеќе признанија: Орден на Републиката, Орден на трудот со црвено знаме, Орден братство и единство со сребрен и со златен венец и Орден за храброст.

1955.- Австрискиот парламент го прифатил Законот за постојана независност на земјата. Тој ден се прославува како национален празник на Република Австрија.

1961.- Шведската академија му ја доделила Нобеловата награда за литература на Иво Андриќ.

1972.- Умрел рускиот конструктор на авиони и хеликоптери Игор Иванович Сикорски. Во 1908 година конструирал хеликоптер, а во 1913 година направил авион со повеќе мотори.

1976.- Генералното собрание на Обединетите нации едногласно го осудило апартхејдот и ги повикало сите влади на земјите-членки да ги забранат сите контакти со Јужна Африка.

1992.- Перуанскиот печат соопштил дека познатиот археолог Валтер Алва пронашол непозната група од 15 камени пирамиди, опкружени со населби чија старост се пронеценува на 35 векови. Новооткриениот археолошки локалитет зафаќа површина од три километри квадратни и се наоѓа на околу 60 километри од перуанскиот град Чиклајо.

1993.- Водачот на Црвените бригади, Марио Морети, во интервјуто дадено од неговата затворска ќелија, што го пренесувал телевизискиот канал „РАИ УНО“, признал дека го убил поранешниот премиер Алдо Моро.

1993.- Во Брисел, на вонредниот собир на европските дванаесетмина, Европската заедница станала Европска унија.

1993.- Во Загреб било основано Хрватско-македонско друштво.

1994.- Израел и Јордан потпишале договор со кој после 40 години и формално завршила воената состојба помеѓу двете држави.

1996.- Во Сарај, кај Скопје, бил поставен камен-темелникот на новата црква „Света Великомаченица Злата Мегленска“.

1998.- Претседателите на Перу и Екватор потпишале формална декларација со која бил решен граничниот спор на двете јужноамерикански земји. Спорот настанал во почетокот на 19. век поради кој повеќе пати земјите војувале.

2002.- Припадници на руските специјални сили упаднале во московскиот театар „Дубровка“ при што ги ликвидирале сите 50 чеченски терористи кои цели 60 часа држеле 800 гледачи како заложници заканувајќи се дека ќе ги дигнат во воздух и себе и заложниците ако руските власти не отстапат од сите операции во Чеченија и ја повлечат војската од оваа севернокавказка република. Во акцијата на руските специјалци животот го загубиле 128 заложници.

2004.- Израелскиот парламент го одобрил планот на премиерот Аријел Шарон за повлекување на израелските доселеници од појасот Газа и од делови на Западниот брег, окупирани во 1967 година.

###

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close