На денешен ден

На денешен ден

26 март 2020 (МИА)

1827.- Во Виена умрел Лудвиг ван Бетовен, германски композитор, еден од најголемите композитори на сите времиња. Компонирал девет симфонии, од кои најпознати се Третата, Петтата и Деветтата симфонија, како и клавирски сонати, гудачки квартети и друго. Роден бил во Бон, на 17 декември 1770 година.

1868.- Роден е Ахмет Фауд Паша, кој како Фауд Први во 1922 година станал првиот крал на Египет. Претходно додека Египет бил под британски протекторат во 1917 година станал египетски султан, а титулата крал ја добил кога Велика Британија на Египет и дала ограничена независност. По смртта во 1936 година го наследил синот Фарук Први.

1874.- Роден е американскиот писател Роберт Ли Фрост. Тој е четирикратен добитник на Пулицеровата награда за поезија. Дела: „Момчешка волја“, „Северно од Бостон“, „Потокот што тече на Запад“, „Собрани песни“.

1892.- Умрел американскиот писател Волт Волтер Витмен. Со своето пишување силно влијаел на модерната лирика. Собраните дела на Витман се објавени посмртно, во повеќе од десет тома, вклучувајќи ги неговите песни, есеи, бројни новинарски записи, автобиографски белешки, раскази, како и еден роман.

1901.- Во Галичник е роден Лазар Личеноски, македонски сликар. Тој бил еден од најавтентичните сликари на македонскиот пејзаж („Бачила“, „Долап“, „Афионски полиња“, „Охридски рибари“) во кои внесол и фолклорни елементи. Сликал и мртва природа, портрети и мозаици. Умрел во Скопје, на 10 април 1964 година.

1913.- Повеќе од 1.400 луѓе загинале во поплавите кои ги зафатиле американските држави Охајо, Индијана и Тексас.

1923.- Умрела француската актерка Сара Бернер. Била професор и на Парискиот конзерваториум, а напишала и „Мемоари“. Нејзината актерска посебност одбележала цела една епоха. Главни нејзини улоги се Корелија во „Кралот Лир“, кралицата во „Руј Блаз“, „Дамата со камелии“, „Хам

1945.- Умрел англискиот државник Дејвид Лојд Џорџ. Бил неколку пати премиер на Велика Британија, а ја предводел земјата до победата во Првата светска војна. Бил еден од главните учесници на мировната конференција во Версај. Напишал и мемоари „Дваесет и пет години“ во кои го опфатил периодот од 1892 до 1916 година.

1945.- По големите и тешки борби, американските трупи во Втората светска војна го освоиле малиот пацифички остров Иво Џим, стратешки важен за бомбардерските напади на Јапонија. Јапонскиот екипаж составен од 23.000 лица целосно загинал, а од вкупно 27.000 Американци загинале 6.821 лице.

1947.- За да не падне жив во рацете на грчките владини војници, од височината на една карпа се фрлил во реката Бистрица Вангел Мангов. Тој е во редот на видните македонски револуционери во Костурска околија кој целиот свој живот го посветил за слободата на македонскиот народ. Роден бил во селото Жупаништа, во 1912 година.

1948.- Во селото Сетина, мистериозно, од непознато лице, бил стрелан Ристо Дончев, македонски револуционер кој ја ширел националната свест сред македонските партизани во ДАГ и македонското население. Роден бил во селото Јаворјани, Воденско, во 1921 година.

1953.- Доктор Џон Салк, американски микробиолог, го објавил откривањето на новата вакцина против детска парализа.

1969.- Советскиот Сојуз во орбитата околу Земјата го лансирал метеоролошкиот сателит „Метеор – 1“.

1971.- Шеикот Муџбир Рахман го прогласил Источен Пакистан за независна држава Бангладеш.

1973.- Умрел англискиот писател, актер и пејач Ноел Кауард кој бил многу популарен меѓу Првата и Втората светска војна во Велика Британија и во САД.

1979.- По разговорите во Кемп Дејвид, Израел и Египет склучиле мировен договор во Вашингтон. Со тоа завршила воената состојба меѓу двете земји, што траела од 1948 година.

1984.- Во Ерд, во близина на Будимпешта, умрел Золтан Чука, унгарски поет и литературен преведувач. Тој е најзаслужениот преведувач на дела од автори на српско-хрватското, словенечкото и македонското литературно подрачје. Меѓу другите превел и дела од македонските автори Јован Павловски, Славко Јаневски, Божин Павловски и други. Роден е во 1901 година.

1998.- Кинескиот поет Лу Јуан бил прогласен за добитник на „Златниот венец“ на Струшките вечери на поезијата за 1998 година.

2002.- Во авганистанската провинција Баглан околу 160 километри северно од Кабул во земјотрес загинале најмалку илјада луѓе, а главниот град на провинцијата Нахрин биле целосно разурнати.

2018.- По тешко боледување на 67-годишна возраст во Кочани почина рокерот и гитарист Симеон Иванов – Канго. Повеќе од 50 години се занимаваше со музика и уметност како поет-сликар, а беше основач и на културното движење „Мактеон“ кое ја промовираше македонската нација, култура и јазик. Во својата долга музичка и поетска кариера Канго издаде седум музички албуми и

четири стихозбирки. Беше препознатлив по својот немирен творечки дух и необичен стил на музицирање и облекување, поради што го нарекуваа македонски Џими Хендрикс.

###

Back to top button
Close
Close