Дописници МКДОпштински вести

На Дебарско Езеро забрана за риболов на скобал а потоа и на клен, крап и мрена

Заради овозможување непречен природен мрест на рибите и зачувување на рибниот фонд, на Дебарско Езеро во тек е забрана за риболов на скобал (скобуст), а следниот месец и на клен, крап и црна мрена.

Дебар, 16 април 2021 (МИА) – Заради овозможување непречен природен мрест на рибите и зачувување на рибниот фонд, на Дебарско Езеро во тек е забрана за риболов на скобал (скобуст), а следниот месец и на клен, крап и црна мрена.

– Во нашето езерото од вчера во сила е забраната за риболов на скобал што ќе трае до 15-ти мај. Исто така поради неодамнешното порибување со крап, до 30 јуни во сила е забраната на риболов на овој вид риба од месноста „Скали“ до месноста „Венец“. Во овој дел во езерските води, на крајот од минатиот месец, пуштивме 1.560 парчиња крап со тежина од еден до три килограми, изјави за МИА Дритан Боцку, претседател на Спортското риболовно друштво „Трофта“, кое е концесионер на езерото.

Дообјаснува дека забраната за лов на крап на целата територија на езерото ќе почне од 15 мај и ќе трае до 30 јуни, кога ќе има забрана и за лов на црна мрена, додека од први до 31 мај ќе биде воведена забрана за лов на клен.

Во овој период дозволен е риболов на плашица и на пастрмка, за која пак забрана се воведува од први октомври па се до 31 јануари.

– Нашата рибочуврска служба постојано е во обиколка на езерото. Наша цел како концесионер е да го заштитите рибниот фонд на Дебарско Езеро, во што одлична соработка имаме со припадниците на дебарската полициска станица, посочува Боцку.

Ги замолува рибарите сите случајно уловени примероци од наведените видови риба, во периодот на забрана треба во жива состојба и неоштетени да ги вратат во езерската вода. вт/ир

Back to top button
Close
Close