0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderВидео изјаваИнтервјуМИА ИстражуваПарламентарни избори 2020Политички партии

Најчевска за МИА: Целна група ни се луѓе што сметаат дека ни е потребен вистински плуралитет, а не двопартиски систем

Воспоставување одговорност на политичарите и на високите функционери по принципот на правопропорционална одговорност, реанимација на животната средина, третман на образованието како инвестиција, професионална администрација и право на квалитетен живот на секој граѓанин согласно мерилата на 21 век се петте клучни постулати на Твоја партија со кои настапува на предвремените парламентарни избори 2020, вели во интервју за МИА Мирјана Најчевска, носителка на листата на кандидати за пратеници на оваа политичка партија во Изборната единица 1.

Скопје, 3 јули 2020 (МИА) – Воспоставување одговорност на политичарите и на високите функционери по принципот на правопропорционална одговорност, реанимација на животната средина, третман на образованието како инвестиција, професионална администрација и право на квалитетен живот на секој граѓанин согласно мерилата на 21 век се петте клучни постулати на Твоја партија со кои настапува на предвремените парламентарни избори 2020, вели во интервју за МИА Мирјана Најчевска, носителка на листата на кандидати за пратеници на оваа политичка партија во Изборната единица 1.

Според неа, еден од основните елементи околу кои се собрани луѓе кои имаат во суштина во Твоја партија многу различни идеолошки определби од многу лево кон многу десно, центар и слично е токму зелената опција, при што промовираат два принципа на коишто многу малку се внимавало досега во нашата држава.

– Прво европскиот принцип на претпазливост со животната средина. Тоа значи дека секогаш кога има двоумење дека некоја политика, некоја акција, нешто што се прави, може да нанесе непоправлива штета на животната средина мора да се стопира тоа делување сè додека не се докаже дека тоа нема да се случи при што и товарот на докажување дека таа активност, дејство, таа структура, индустрија и слично нема да нанесе штета на животната средина е на тој што сака да ја спроведе. Вториот елемент што сакаме да го промовираме е дека загадувачот е тој што плаќа. Значи не државата, не граѓаните, туку оној што нанел штета на животната средина, којшто ја загадил мора да плати за да се врати во првобитната состојба. Тоа што кај нас некогаш постои само на хартија мора во пракса да се спроведе дека тој што ја нарушил, што излегол надвор од законите, тој што нанел штета дури и тогаш тоа било на границата на легалното тој е оној што мора да ја плати штетата, вели Најчевска.

Твоја партија, посочува таа, се издвојува од другите според нејзиниот концепт на организирање, на дејствување и на водење на кампањата за претстојните избори, а што вели не е поврзано со актуелната пандемија на КОВИД-19.

– Ние не го направивме ова заради ковидот. Нашата партија е замислена како интернет-партија. Ние немаме штабови, немаме флаери, ние сме многу хоризонтално поставена партија нешто на граница меѓу партија и невладина организација и наша целна група се сите оние луѓе што сметаат дека можат да придонесат и коишто би сакале да имаат една структура како што е Твоја партија преку којашто ќе можат да ги презентираат своите потреби и интереси и доколку партијата успее да освои неколку места, директно да се вклучат во влијанието на оние што ги нарекуваат поголеми играчи во политичката игра и контрола на она што тие ќе го прават. Така што наша таргет-група се сите луѓе што сметаат дека во Македонија треба да има вистински плуралитет, а не двопартиски систем, вели проф. Најчевска, која е доктор на правни науки, истакнат активист и експерт за борба за човекови права.

Таа порачува дека гласот даден за мала партија не е изгубен глас, туку „е глас што се дава за плуралитетот во државата нешто со кое тргнавме во градењето на самостојна, независна Македонија и коешто мислам дека е крајно време навистина да го имплементираме“.

Во продолжение следува интегралното интервју на носителот на листата на кандидати за пратеници на Твоја партија во Изборната единица 1, Мирјана Најчевска.

Твоја партија е една од неколкуте новоформирани политички партии што првпат ќе учествуваат на парламентaрните избори. Изборната кампања е веќе во полн ек, може ли да ја презентирате накусо вашата програма со која настапувате пред гласачите?

– Ние тргнавме по еден поинаков пат кога станува збор за изборната програма. Имено, ние дури и не ја нарекуваме изборна програма, туку изборни приоритети, поради тоа што не мислиме дека изборната програма треба да има 200-300-500 страници и сл. во којашто екстензивно ќе се објаснуваат поединечни активности, туку дека таа треба да претствува систем од принципи, вредности, насоки во коишто ние се надеваме како идни парламентарци во Собранието би ја насочувале политиката, би работеле на она што претставува глобален генерален развој на државата. И поради тоа ние се решивме за изборни приоритети коишто ги извлековме од нашата генерална програма, а коишто сметаме дека во моментов ги покриваат скоро сите области во коишто би требало да се делува во наредниот период во Македонија. Еден од приоритетите ни е воспоставување одговорност, пред сè, на политичарите и на високите функционери, при што нашата заложба е да се оди со принципот на правопропорционална одговорност. Колку повисока функција толку поголема одговорност и кривична и прекршочна и материјална, значи одговорност реална којашто би можела да се поврзе секое делување на политичарите и високите функционери.

Вториот приоритет ни е реанимација на животната средина. Значи тргнуваме од ставот дека нашата животна средина е мртва и ние треба да донесеме такви решенија со коишто ќе ја реанимираме, при што ние застапуваме еден многу комплексен пристап кој на ова гледа како на сложувалка составена од атакување на големите загадувачи, од мерки со коишто ќе биде неисплатливо загадувањето на животната средина, но и од програми кои би се однесувале на атакување на сиромаштијата како суштински елемент којшто придонесува за умртвување на нашата животна средина и несправување со некои од предизвиците. Потоа поставување на дневен ред на климатските промени за коишто никој не зборува во нашата држава, а коишто дефинитивно во многу краток период ќе станат клучен проблем со којшто ќе треба да се соочиме како во земјоделството така и во многу други области. Исто така, во ова ја вклопуваме и инфраструктурата, меѓутоа и децентрализацијата којашто би значела растоварување на главниот град, на Скопје и заживување на сè она што е надвор од Скопје со соодветно инфраструктурно поврзување.

Третиот елемент ни е образованието, при што она што го бараме како партија е образованието да не се третитира како трошок, туку како инвестиција. Значи и во буџетските ставки, во генералното структурирање на буџетот тоа да биде предвидено како инвестициска ставка, при што ние се заложуваме за најмалку шест проценти од БДП којшто би одел за образование со цел да се приближиме кон она што претставуваат европските издвојувања за образованието.

Четвртиот елемент ни е професионализацијата, пред сè на државната администрација и тука одиме со изразот наместо партизација, професионализација. Се залагаме дури и за многу сложен ригиден мерит-систем, процес на правила, процедури и критериуми коишто ќе обезбедат вистинските професионалци да дојдат на соодветни места и сметаме дека ова значи дека не смее мерит-системот да биде заобиколен со системот на правична застапеност, туку напротив правичната застапеност да биде надополнување на мерит-системот којшто ќе овозможи адресирање на мултикултурноста на државата.

И последниот елемент е дека секој граѓанин во Македонија има право на квалитетен живот. Меѓутоа квалитетниот живот не значи преживување, туку значи живеење коешто е исполнето со сите параметри кои можат да се замислат во 21 век со пристап на секој граѓанин до највисоките технолошки пронајдоци, до соодветна здравствена заштита, до образование и секако посебна грижа за ранливите групи, посебно за старите луѓе, за луѓето со посебни потреби и тука би ја вметнале и родовата димензија. Тоа се приближно петте постулати.

На некој начин овие постулати како да се надополнуваат, се компатибилни со сите оние предизвици што Македонија треба да ги одговори на патот кон европските интеграции.

– Да, она што нас нè зачудува е дека политичкките партии кај нас не научија што е всушност политика. Дека политиката не значи нудење на проекти, на конкретни решенија, дека тоа е работа на институциите. Значи, по освојувањето на власта, министерствата, различните агенции, различните институции во државата треба во рамките на своето делување да откријат кои се најдобри начини на движење на државата во одредени правци. Кои се најдобри начини за справување со сметот, кои се најдобри начини за подигање на нивото на квалитетот на образование, кои се најдобри начини за заживување на малите стопанства. Тоа не е работа на политичката партија. Политичката партија којашто се бори за власт се бори за одредени принципи, за одредени вредности. Таа треба да понуди системски промени коишто понатаму ќе овозможат институциите да ги изнајдат заедно со граѓаните и во интерес на граѓаните најдобрите решенија. Кај нас некако политичките партии се сведуваат на нудење проекти, како да станале невладини организации или нешто слично. Не е работата на политичката партија да прави проект, таа треба да создаде услови за некоја институција, некоја структура во или надвор од власта да спроведува соодветни проекти.

Во време на климатски промени политиките од областа на заштитата на животната средина веќе влегоа во врвните приоритети на владите во светот. Вашиот симбол е зелено дрвце. Дали тоа ве определува и како зелена партија?

– Дефинитивно, значи еден од основните елементи околу коишто се собрани луѓе кои имаат во суштина во Твоја партија многу различни идеолошки определби од многу лево кон многу десно, центар и слично е токму зелената опција, при што ние сакаме да промовираме два принципа на коишто многу малку се внимава досега во нашата држава. Прво европскиот принцип на претпазливост со животната средина. Тоа значи дека секогаш кога има двоумење дека некоја политика, некоја акција, нешто што се прави, може да нанесе непоправлива штета на животната средина мора да се стопира тоа делување сè додека не се докаже дека тоа нема да се случи, при што и товарот на докажување дека таа активност, дејство, таа структура, индустрија и слично нема да нанесе штета на животната средина е на тој што сака да ја спроведе. Вториот елемент што сакаме да го промовираме е дека загадувачот е тој што плаќа. Значи не државата, не граѓаните, туку оној што нанел штета на животната средина, којшто ја загадил мора да плати за да се врати во првобитната состојба. Тоа што кај нас некогаш постои само на хартија мора во пракса да се спроведе дека тој што ја нарушил, што излегол надвор од законите, тој што нанел штета дури и тогаш тоа било на границата на легалното тој е оној што мора да ја плати штетата.

И дефинитивно сакаме да промовираме политика на максимално дестимулирање и обесхрабрување на големите загадувачи. Ние не мислиме дека загадувањето на животната средина, на она големото загадување е резултат на делувањето на граѓаните. Да, имаме граѓани кои фрлаат, прават пустат, палат несоодветни материи, меѓутоа состојбата со загадувањето во Македонија е резултат на термоцентралите, на несоодветното справување со сметот, на концесиите коишто се даваат на каменоломите, на сечата на шума не од дивите дрвокрадци, туку на државата.

Економијата ќе биде најголем предизвик во периодот што следува, имајќи ги предвид последиците од корона-кризата, какви проекти или какви насоки би понудиле во насока на подобрување на економијата и благосостојбата на граѓаните?

– Како што рековме, ние не се занимаваме со проекти, туку она што сметаме дека најмногу ќе ѝ помогне на економијата прво е правна сигурност, поради тоа што честото менување на законите, правната несигурност е она што ја потресува економијата. Потоа поддршка на националната економија, посебно на малите и на средните претпријатија. Значи, не врзување толку со странските инвестиции или врзување на странските инвестиции со домашните претпријатија. Значи привлекување странски инвестиции, меѓутоа под услов тие да можат да знаат и практично да ја искористуваат националната економија. Во секој случај ја сфаќаме државата како некој што создава услови, атмосфера за развој на економијата, а не како некој што се појавува како работодавач или како претпријатие или како главен нудител на средства во економијата.

Првпат во земјава сведоци сме на избори во специфични услови, поради пандемијата на КОВИД-19 и во согласност со посебни здравствени протоколи. Вие одлучивте да се промовирате пред гласачите со кампања што се води на електронските медиуми и на социјалните мрежи (Фејсбук, Твитер, Јутјуб, Инстраграм) и не вклучува директни средби со граѓаните. Кое е гласачкото тело на кое му се обраќате и од кое очекувате гласови?

– Ние не го направивме ова заради ковидот. Нашата партија е замислена како интернет-партија. Ние немаме штабови, немаме флаери, ние сме многу хоризонтално поставена партија нешто на граница меѓу партија и невладина организација и наша целна група се сите оние луѓе што сметаат дека можат да придонесат и што би сакале да имаат една структура како што е Твоја партија преку која ќе можат да ги презентираат своите потреби и интереси и доколку партијата успее да освои неколку места, директно да се вклучат во влијанието на оние што ги нарекуваат поголеми играчи во политичката игра и контрола на она што тие ќе го прават. Така што наша таргет-група се сите луѓе што сметаат дека во Македонија треба да има вистински плуралитет, а не двопартиски систем.

Сметате ли дека во текот на кампањата, која влегува во втората половина, се присутни многу лажни вести, црна пропаганда, наспроти повисоко ниво на политичка култура и соодветна презентација на програми, а продлжува и праксата на објавување аудиоразговори?

– Тоа е само неразбирање на тоа што е политиката, што треба да се нуди во рамките на политиката и дефинитивно сè се сведува на препукување кој колку украл, кој кого излажал и сл. Меѓутоа тоа е и рeзултат на досегашната неказнивост што постои во Македонија и на фактичката неодговорност во Македонија.

ДУИ излезе со мотото прв премиер Албанец, го промовираше Насер Зибери како нивни кандидат за премиер. Како ја оценувате оваа стратегија на ДУИ и што тоа, според вас, би значело за албанскиот електорат во земјава?

– Јас мислам дека е тоа само една многу смешна стратегија со којашто се сака да се покрие фактот дека ДУИ нема вистински фактични ништо направено за граѓаните било од македонската било од албанската заедница. Тоа што мене повеќе ме потресе е начинот на којшто на тоа реагираа ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ. Одеднаш почнаа да тргуваат со пратеници, кој колку пратеници ќе му дал на тој другиот за да може да се спречи ова коешто ме доведе во ситуација да ги гледам пратениците како некоја стока со којашто се тргува, коешто нема врска со претставници на граѓаните во највисокото законодавно тело.

Професорке, вие сте истакнат активист, експерт за човекови права, член на многу меѓународни експертски тела од областа на човековите права и борба против дискриминацијата. Едно време бевте во Бордот на Хелсиншкиот комитет за човековите права во Македонија, а активно бевте вклучени и во Шарената револуција – протестно движење што масовно артикулираше незадоволство од одлуките на власта во времето на Грувески и повикуваше на одговорност. Што ве поттикна да влезете во политиката?

– Уште тоа не сум го пробала. Да, јас сум од почетокот во невладиното организирање, сум дошла до максимумот којшто може да се постигне со делување надвор од власта и едноставно реков, ајде да пробаме да делуваме и на ваков начин, поради тоа што очигледно сме заглавени во овој двопартиски систем и мораме да се одглавиме и од недемократичноста на делувањето и од минимизирањето на улогата на Собранието и од погрешното разбирање на демократските процеси. Така што си мислев – да, редно е да пробаме и да пробаме да ги поттурнеме напред сите оние професионалци што ги има, ги има во сите политички партии ве уверувам, а коишто се запоставени поради партиските лепачи на плакати и оние што се буткаат напред и не успеваат да дојдат на соодветните места.

За крај, ваша порака до читателите на МИА.

– Според мене, не треба да се оди по принципот дека гласот даден за мала партија е изгубен глас. Не, тој глас е глас што се дава за плуралитетот во државата, нешто со кое тргнавме во градењето на самостојна, независна Македонија и коешто мислам дека е крајно време навистина да го имплементираме.

Виолета Геров

Фото: Ивана Батев

Видео: Аслан Вишко

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close