Дописници СветЕвропаЕвропа.Портал

Најави за штрајкови во полицијата и супермаркетите во Белгија

Повеќе синдикати повикуваат на штрајкови во супермаркетите во Белгија, поради предлогот тие да бидат отворени од седум наутро до 22 часот навечер, додека полицајците се жалат дека работат без неопходна заштитна опрема, јави дописничката на МИА од Брисел.

Брисел, 1 април 2020 (МИА) – Повеќе синдикати повикуваат на штрајкови во супермаркетите во Белгија, поради предлогот тие да бидат отворени од седум наутро до 22 часот навечер, додека полицајците се жалат дека работат без неопходна заштитна опрема, јави дописничката на МИА од Брисел.

На здравствената криза која ја зафати Белгија и се закануваат и социјални немири. Три полициски синдикати најавија дека ќе започнат со штрајк на 12 април доколку властите не им обезбедат на вработените потребна заштитна опрема.

Полицајците се посебно изложени бидејќи патролираат за да проверат дека се почитуваат мерките на изолација и социјално дистанцирање.

Паралелно, неколку супермаркети во земјата започнаа со изолирани штрајкови откако пропаднаа преговорите со работодавците и властите.

Вработените во маркетите се меѓу најизложените на вирусот, но и меѓу најмалку заштитени, а притоа нивната улога е витална во услови на здравствена криза. Пред неколку дена на маса беше ставен предлог супермаркетите да останат отворени од седум часот наутро до дваесет и два навечер. И покрај обидите на здружениот синдикален фронт, преговорите пропаднаа, по што синдикатите решија да преговараат директно со самите супермаркети индивидуално.

Во штрајкот денеска се придружија четири клучни супермаркети.

-Реакцијата е сосема разбирлива, треба да разбереме дека ова е емоционално важна ситуација, можеби некои договори делуваат коректно, но се сметаат за недоволни од страна на работниците, затоа што им е преку глава да бидат понижени и недоволно заштитени и безбедносно и здравствено, сметаат дека не им е дадена заслужената почит, изјави синдикална претставничка, Мириам Делме.

Синдикатите предупредуваат дека во овој сектор незадоволството е огромно, продавачите и касиерите се посебно изложени на вирусот, но се и жртви некогаш и насилно однесување од страна на клиентите, а притоа работат за ниски плати. Преговорите на социјалните партнери продолжуваат но ризикот движењето да се прошири на целата земја и сите супермаркети е реална можност од утре, четврток. тм/

Back to top button
Close
Close