0_Македонија.ПорталПолитика

МЗ: Постигнат значителен напредок во дијагностицирањето на деменциите

По повод одбележувањето на 21 септември – Светскиот ден посветен на Алцхајмеровата болест, Министерството за здравство денеска информира дека во изминатите три години во нашата земја е постигнат значителен напредок во дијагностицирањето на деменциите.​ ​

Скопје, 21 септември 2020 (МИА) – По повод одбележувањето на 21 септември – Светскиот ден посветен на Алцхајмеровата болест, Министерството за здравство денеска информира дека во изминатите три години во нашата земја е постигнат значителен напредок во дијагностицирањето на деменциите.​ ​

За таа цел дизајниран е посебен протокол, кој опфаќа проширени невропсихолошки тестови, лабораториски анализи за исклучување реверзибилни деменции, imaging-методи и најважно, одредување биомаркери за Алцхајмеровата болест.​

– Протоколот е дизајниран со тимска работа и мултипрофесионална експертиза од повеќе релевантни институции, меѓу кои: Универзитетската клиника за неврологија, Клиниката за психијатрија, генетската лабораторија при МАНУ, како и Институтот за нуклеарна медицина каде со помош на методата мозочен SPECT се диференцираат типичните и атипичните форми на Алцхајмерова болест и Фронто-темпорална деменција, а од овој месец и Институтот за имунологија и хумана генетика каде се одредуваат биомаркерите за Алцхајмерова болест во цереброспинален ликвор, стои во соопштението.

Со оваа дијагностичка метода, како што се наведува, се овозможува прецизна и рана дијагноза на Алцхајмеровата болест, која е неопходна за точна дијагноза кај сите лица кај кои постои сомнеж за ран почеток, на возраст под 65 години.​ Токму точната и навремена дијагноза на Алцхајмеровата болест е неопходна во раниот стадиум на болеста, со цел почнување со соодветен третман и донесување одлуки за натамошна грижа.​ ​

Во Република Северна Македонија во моментов живеат околу 20.000 лица со Алцхајмерова деменција, а вкупниот број лица со деменции од сите типови достигнува и до 40.000.​

Во светот има околу 50 милиони лица со оваа болест, а до 2050 година се очекува овој број да се зголеми тројно и да достигне до 152 милиони.​

Алцхајмеровата болест се нарекува и епидемија на 21 век, имајќи предвид дека е најчестиот вид деменција.​ ​

– За таа цел, во континуитет работиме на кревање на свесноста за оваа болест, со цел поставување дијагноза во ран стадиум, како и овозможување социјална поддршка и реинтеграција на болните и нивните семејства во општеството, се вели во соопштението од Министерството за здравство. мд/са/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close