ХроникаХроника.Портал

МВР Билтен

Утрово околу 05:00 во шума помеѓу скопските села Паничари и Буковиќ, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Ф.Т.(48) од Сарај, скопско, кој се барал по распис од СВР Куманово поради сомнение за сторено кривично дело „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“.

Скопје, 6 март 2020 (МИА) – Утрово околу 05:00 во шума помеѓу скопските села Паничари и Буковиќ, полициски службеници од СВР Скопје го лишиле од слобода Ф.Т.(48) од Сарај, скопско, кој се барал по распис од СВР Куманово поради сомнение за сторено кривично дело „полов напад врз дете кое не наполнило 14 години“. На 26.09.2019 во СВР Куманово било пријавено дека Ф.Т. извршил обљуба врз 14 –годишно девојче од село од Општина Липково, на кое и бил очув. Подоцна, во разговор со полициски службеници девојчето изјавило дека нејзиниот очув и претходно (уште кога имала 12 години), во повеќе наврати извршил обљуба врз неа. Ф.Т. бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Вчера околу 18.40 часот на улица „113“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово ги лишиле од слобода М.Х.(32), Н.М.(26) од тетовско и Г.Р.(42) од Голема Речица, затоа што при нивен преглед била пронајдена марихуана. Тројцата се задржани во Полициската станица Тетово за целосно расчистување на случајот.

Синоќа околу 22:00 часот на улица „Благоја Тоска“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово ја лишиле од слобода 35-годишната В.Т. од Тетово, кај која бил пронајден хероин. По целосно документирање на случајот против неа ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Вчера во периодот од 10:20 часот до 11:00 часот, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар извршиле претрес во домот и помошни простории на 56-годишниот гостиварец П.И.. При претресот, реализиран со судска наредба, пронајден е пиштол „екол арас магнум“ со празна рамка и две најлонски кеси со кристална материја. П.И. бил повикан во Полициската станица Гостивар и се работи на расчистување и документирање на случајот, по што ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Вчера околу 13:30 часот, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар го лишиле од слобода 73-годишниот гостиварец Н.Н., кој претходно во гостиварската болница вербално се расправал и им се заканувал на вработените. Нешто подоцна, во неговиот дом биле пронајдени и одземени ловечка пушка, пиштол и седум куршуми. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Полициски службеници на СВР Тетово во Казнено-поправната установа „Тетово“ вчера го спровеле 27-годишниот тетовец С.Џ., осуден на затворска казна за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“, кој на 04.03.2020 околу 22.00 часот, со судска наредба, бил приведен и задржан во Полициската станица Тетово.

Одделението за внатрешни работи Струга поднесе кривична пријава против Б.Х.(40) од струшкото село Радолишта поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. Тој, на 26.02.2020 во бутик во струшкиот безистен започнал вербална расправија со Н.Х. од Струга, а потоа со метален предмет го нападнал.

СВР Куманово, до Основното јавно обвинителство Куманово, поднесе кривична пријва против 17-годишен малолетник од с.Стрезовце, Општина Старо Нагоричане поради постоење основи на сомение дека сторил кривично дело „мачење животни“ по член 233 став 1 од Кривичниот законик. Пријавениот, на 29.02.2020 околу 21.00 часот на игралиште во с.Младо Нагоричане удрил куче.

Вчера во 11:00 часот во СВР Тетово било пријавено дека, работејќи на фасада на станбена зграда во гостиварска Долна Бањица, Х.Џ.(53) од тетовско Гајре и Ф.З.(37) од Тетово, паднале од метално скеле, при што Х.Џ. се здобил со тешки, а Ф.З. со телесни повреди. Двајцата биле пренесени во гостиварската болница за укажување на лекарска помош. Увид извршила екипа од Одделението за внатрешни работи Гостивар.

Вчера во 18:00 часот во СВР Скопје, М.М.(35) од Скопје пријавила дека околу 16:30 часот во близина на угостителски објект на ул.„Кирил и Методиј“, поради недоразбирање во сообраќајот, била физичи нападната од Б.П.(30) од Скопје. Воедно, при преглед на патничкото моторно возило„ голф 5“ со скопски регситарски ознаки, кое го управувала пријавителката, полициски службеници пронашле и одзеле нож.Сочинет е записник за константиран прекршок по член 4 и член 12 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир и сочинет е прекршочен платен налог по член 80 став 1 од Закон за оружје.

Вчера во 19:10 часот во Полициската станица Ѓорче Петров, Д.Ц.(36) од Скопје пријавила дека околу 10:30 часот нејзината 13- годишна ќерка, по претходна расправија, била физички нападната во ходник од училиште во населба Ѓорче Петров од нејзина соученичка.

Вчера во 20:20 часот во СВР Скопје било пријавено дека во казино на ул.„Ѓорче Петров“, по претходна расправија, дошло до нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Т.М.(53) од Скопје и А.П.(21) од Скопје.Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера околу 21:00 часот во СВР Скопје, вработена како воспитувач во Јавна установа „Ранка Милановиќ“ пријавила дека околу 20.30 часот во дворот на установата во с.Визбегово, скопско, дошло до нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу двајца 14 годишни штитеници на установата. Сочинет е записник за констатиран прекршок по член 11 од Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.

Вчера околу 12:45 часот на ул.„Илинденска“ во Крушево, З.А.(22) од с.Норово крушевско, се однесувал агресивно и навредувал полициски службеници кои вршеле службени дејствија. Се преземаат мерки за целосно расчистување на случајот.

Во Одделението за внатрешни работи Ресен, вчера 32-годишен маж од Ресен пријавил дека преку социјалната мрежа „Фејсбук“ бил измамен од едно лице во врска со купување на телевизор. Според пријавеното, тој уплатил на жиро сметка поголем дел од договорената сума, но до пријавувањето телевизорот сè уште не го добил. Се преземаат за расчистување на случајот.

Во Полициската станица Битола, вчера М.К.(30) од Демир Хисар пријавила дека на ул.„Д.Илиевски Мурато“ била касната од куче скитник во пределот на десната потколеница.

Вчера во Полициското одделение Зајас, И.М.(60) од кичевското село Строгомиште пријавил дека во селото Зајас бил каснат од куче скитник во пределот на нозете.

Синоќа во 19:20 часот во Полициската станица Гевгелија било пријавено дека во периодот 01.03 до 05.03.2020 непознат сторител су употреба на сила влегол и одзел пари од црквата „Свети Константин и Елена“ во с.Мрзенци. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера околу 19:30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во спортска обложувалница на ул.„Иван Хаџи Николов“ едно лице со закана со пиштол од вработената одзело пари и побегнало. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа во 23:00 часот во Полициската станица Чаир било пријавено дека на бензинска пумпа на ул.„Александар Урдаревски“ две лица со закана со пиштол од вработениот ја одзеле чантата со дневниот промет, а при напуштање на местото испукале еден куршум во воздух. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Е.Љ.(28) од Тетово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 30.01.2020 во Тетово во бутик на ул.„Страшо Пинџур“ во Тетово, поради недоразбирање, настанала физичка пресметка помеѓу пријавениот и Е.Л.(37) од Тетово, при што со нож се обидел да го повреди.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Б.А.(33) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „измама“ и С.Р.(45) од с.Арачиново, скопско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „прикривање“. На 16.12.2019 првопријавениот, кој бил на издржување казна затвор во КПУ „Идризово“, од затворот остварил телефонски контакт со Б.Б. од Тетово, сопственик и вработен во фирма, преставувајќи му се лажно како Г.К. вработен како генерален директор во градежна фирма од Богданци и му нарачал стока од неговата фирма за која ќе плати откако ќе му биде испорачана. На ова оштетениот се согласил и му испорачал стока во вредност од 2.000 евра која ја подигнал второпријавениот. После тоа, оштетениот се обидел да оствари телефонски контакт со првопријавениот за плаќањето на стоката, но не можел да го добие, по што сфатил дека е измамен.

СВР Струмица поднесе кривична пријава против И.В.(39), И.В.(30), С.В.(31) и В.Ѓ.(27) сите од с.Баница Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „изнуда“. Пријавените од почетокот на месец февруари 2020 во повеќе наврати, со закани по живот на М.Т. од с.Гечерлија и на неговото семејство, извршиле изнуда на парични средства во вкупен износ од 107.000 денари.

СВР Куманово поднесе кривична пријва против С.Б.(30) од с.Брест, Општина Чучер Сандево, Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“. Пријавениот на 01.08.2019 во с.Липково, без регистрирана дејност во својство на физичко лице и без да поседува лиценца за јавен превоз издадена од надлежен орган, вршел јавен превоз на огревни дрва со товарно возило „мерцедес“ во негова сопственост и со испратници издадени од фирма од с.Гошинце.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кичево поднесе кривична пријава против 17-годишен малолетник од Кичево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 03.09.2019 во населба „Иванидол“ полициски службеници извршиле преглед на патничко возило и лица, во кое пријавениот бил сопатник, и кај него пронашле марихуана.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Делчево поднесе кривична пријава против В.В.(32) од Делчево поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“. На 15.09.2019 на ул.„Мирче Ацев“ во Делчево полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле метална дробилка и марихуана. дма/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close