ХроникаХроника.Портал

МВР Билтен

Утринава во 00.10 часот во Полициска станица на граничен премин „Табановце - железнички“, С.И.(40) од Р.Србија, вработен како контролор на вагони, пријавил дека во товарен воз кој сообраќал на релација Грција - Унгарија има оштетување на пломби на три вагони, пo што од царински службеници биле пронајдени K.Н.(20) и Ј.Н.(18), и двајцата од Авганистан

Скопје, 17 јануари 2020 (МИА)  – Утринава во 00.10 часот во Полициска станица на граничен премин „Табановце – железнички“, С.И.(40) од Р.Србија, вработен како контролор на вагони, пријавил дека во товарен воз кој сообраќал на релација Грција – Унгарија има оштетување на пломби на три вагони, пo што од царински службеници биле пронајдени K.Н.(20) и Ј.Н.(18), и двајцата од Авганистан. Лицата се предaдени на полициски службеници од Транзитен центар Табановце за понатамошна постапка. Се работи на расчистување на случајот.

Вчера околу 18.30 часот во СВР Скопје, А.Ѓ.(42) од Скопје пријавил дека околу 18.20 часот во куќа во негова сопственост на ул.„Борис Трајковски“ со тврд предмет бил физички нападнат од две лица. По настанот А.Ѓ. бил пренесен во Комплекс клиники „Мајка Тереза“, каде му биле констатирани тешки телесни повреди. Според пријавителот, тој најверојатно бил нападнат од лица кои ги познавал од претходно и со кои веќе имал проблеми. За настанот е известен Јавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа околу 20.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред угостителски објект на ул.„Бихаќка“, поради нарушени семејни односи, дошло до нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу С.М.(48) и неговиот внук С.В.(20), и двајцата од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Утринава во Полициска станица Прилеп, А.К.(27) од Прилеп пријавил дека околу 02.00 часот на ул.„Сашо Китаноски“ едно лице со запалива течност го запалило предниот дел од неговото патничко возило марка „бмв Х-5“, со прилепски регистарски ознаки. Од страна на Територијалната противпожарна единица Прилеп пожарот е изгаснат. Се преземаат мерки за рачистување на случајот.

Вчера во 15.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека пред угостителски објект на ул.„Михаил Цоков“, по претходна расправија, дошло до нарушување на јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу М.П.(55) од Скопје, од една страна, и Н.П.(27) и А.И.(30), и двајцата од Скопје, од друга страна. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 05.30 часот во СВР Скопје, С.Ш.(24) од Скопје, пријавил дека во 04.30 часот на ул.„2“ во с. Визбегово, скопско, поради претходно недоразбирање, бил физички нападнат од И.У.(34) од Скопје. Сочинет е записник за констатиран прекршок по чл.12 од ЗПП ЈРМ.

Вчера во 10.00 часот во Полициска станица Чаир, М.С.(68) од Скопје пријавила дека пред продажен објект на ул.„Боца Иванова“ била касната од куче скитник во пределот на десната надлактица.

Вчера во 12.30 часот во СВР Скопје, од јавната установа „Ранка Милановиќ“ било пријавено дека од установата самоволно се оддалечил нивниот штитеник К.Д.(14) од Кавадарци, кој и претходно во неколку наврати се оддалечувал и бил враќан во установата. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против Д.Д.(50) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 04.01.2020 околу 17.30 часот на ул.„Тоде Мендол“ во Куманово, во семејната куќа, З.Б. (38) од Куманово, по претходна расправија, физички ја нападнал Д.Д (50).

СВР Куманово поднесе кривична пријава против В.И.(30) од Куманово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „телесна повреда“. На 08.01.2020 околу 18.00 часот на ул.„Ѓорче Петров“ во Куманово, во семејната куќа, В.И. физички ја нападнал неговата сопруга.

СВР Куманово поднесе кривична пријава против А.И. (32) од с. Трубарево, скопско поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста“. На 23.12.2019 на Граничниот премин Табановце, пријавениот агресивно се однесувал и се обидел да нападне царински службеници.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против С.Р.(46) од с.Синичане, тетовско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на лични податоци“, „загрозување на сигурноста“ и „присилба“. Пријавениот, во текот на 2019 на социјалната мрежа „Фејсбук“ отворил лажен профил на корисник на име на 46 годишна жена и од него обработувал и објавувал слики од оштетената. Пријавениот, преку апликацијата „Вибер“, од два мобилни броја, на оштетената, на нејзиниот сопруг и на  целото нејзино семејство им испраќал слики и текстови со вулгарна и недолична содржина и упатил сериозни закани по животот на оштетената и животите на нејзиното семејство, со цел да ја присили да биде со него во љубовна врска.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против С.Ј.(61) од с.Чешиново и Д.А.(36) од с.Облешево, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. Пријавените, во текот на 2019 од „Фејсбук“ профилот на С.Ј., во јавноста ширеле фотографии и статуси со кои се промовирала или поттикнувала омраза и насилство. оџ/

Back to top button
Close
Close