Svet.SlajderСветСвет.Портал

Младенов: Израелската анексија на Западниот брег може да доведе до насилство

Претставникот на ОН за Блискиот Исток, Николај Младенов, денеска го предупреди Израел дека спроведувањето на планот за анексија на делови од Западниот Брег може да предизвика насилство што ќе ги наруши израелско-палестинските односи и ќе влијае врз целиот регион.

Ерусалим, 25 јуни 2020 (МИА) – Претставникот на ОН за Блискиот Исток, Николај Младенов, денеска го предупреди Израел дека спроведувањето на планот за анексија на делови од Западниот Брег може да предизвика насилство што ќе ги наруши израелско-палестинските односи и ќе влијае врз целиот регион.

Младенов пред група странски дописници во Ерусалим кажа дека секоја еднострана акција на Израел „ќе има економски и безбедносни последици на теренот, што ќе влијае и врз животите на Израелците и Палестинците“.

-Сигурно е дека ваквите потези ќе бидат исполнети со контрамерки од страна на палестинската власт и тие веќе почнаа, рече специјалниот пратеник на ОН за Блискиот Исток, додавајќи дека Палестинците повеќе не ги почитуваат претходните договори со Израел.

„Палестинското раководство засега тврди дека ќе стори се што е во негова моќ да се одржи законот и редот на териториите што ги контролира“, рече Младенов, но предупреди дека парите завршуваат и бидејќи „политичките изгледи стануваат помрачни“ тој смета дека ќе биде „се потешко, ако не и невозможно во иднина“.

Младенов ова денеска го кажа во моменти на засилен меѓународен притисок врз Израел да се откаже од своите планови.

Генералниот секретар на Арапската лига, Ахмед Абул Гејт, вчера, на состанокот на Советот за безбедност на ОН предупреди дека анексијата ќе ги зголеми тензиите и ќе го загрози мирот на Блискиот Исток и може да предизвика „верска војна во и надвор од регионот“.

Покрај тоа, повеќе од илјада европратеници потпишаа заедничко писмо во знак на протест против планот на Израел, оценувајќи дека ваквиот потег би бил фатален за надежите за мирно решение на израелско-палестинскиот конфликт.

Охрабрен од планот на американската администрација за Блискиот Исток, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, вети дека веќе од следната недела ќе почне со анексија на делови од Западниот Брег, каде што веќе има еврејски населби.

Израел го освои Западниот Брег во војната во 1967 година и оттогаш таму изгради десетици еврејски населби. сд/

Back to top button
Close
Close