• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Конгрес на САД: Русија може да го попречи патот на Србија кон ЕУ

Конгрес на САД: Русија може да го попречи патот на Србија кон ЕУ

Белград, 14 септември 2018 (МИА) - Русија би можела да го попречи патот на Србија кон европските интеграции, се оценува во извештајот на американскиот Конгрес, насловен како „Позадина и односите со САД".

Како што јави дописникот на МИА од Белград, денешен „Блиц“ наведува дека иако извештај треба да е насочен кон односите меѓу Србија и САД, голем простор во него е посветен на анализа на односите на Белград со Русија, како и со Косово и ЕУ.

- Во секоја од анализите, без разлика дали е тоа за односот со САД, Косово или со ЕУ, се споменува и влијанието на официјална Москва, пишува „Блиц“.

Во текстот се наведува дека Србија е заинтересирана за купување на рускиот систем за противвоздушна одбрана С-300, како и можното отворање на Центарот за поправка на руските хеликоптер. Како што се заклучува во извештајот, со купувањето на оружје од страна на Србија се зголемуваат тензиите со соседните земји и се создава регионалната трка во вооружувањето.

Според авторите на извештајот, отворањето на Центарот за руски хеликоптерски во Србија, ќе биде исто како и да се отвора руска воена база на српска територија.

Пред две години, тогашниот руски вицепремиер Дмитриј Рогозин изјави дека Москва сака во Србија „да постои меѓународен или барем регионален сервисен центар за поправка на руски хеликоптери и оние од советско производство“. - Без разлика на тоа дали се воени или цивилни хеликоптери, рече Рогозин, по што за оваа тема барем јавно повеќе не се дискутираше.

Неминовна тема за Американците е и Рускиот хуманитарен центар во Ниш, кој исто така е споменат во извештајот на Конгресот. Во него се посочува дека неговата работа предизвикува загриженост во САД и во ЕУ, бидејќи Москва низ Центарот суптилно ги спроведува разузнавачките и воените операции под покровителство на Кремљ, како и дека ги шпионира САД.

Во документ се потсетува дека Рускиот центар се наоѓа на локација што е релативно блиску до мировните сили на НАТО во Косово.

САД силно се спротивставуваат на барањето на Русија да им се даде имунитет на вработените во Центарот, со потсетување дека американските официјални претставници ја предупредиле Србија сериозно да размисли дали ќе им излезе во пресрет на ваквите руски барања.

Во извештајот се споменува дека руските агенти во Србија „спроведувале разузнавачки операции“ и дека биле стационирани во Белград.

Во делот кој ги анализира односите на Србија со Косово, се анализира политичката состојба од 90-тите години, па до денес, конфликтите, етничките чистења, текот на преговорите Белград-Приштина, како и возот со натпис „Косово е Србија“, која беше запрен пред преминување на српско-косовската граница.

Во извештајот се наведува дека и покрај тензиите меѓу Белград и Приштина, има промена, со тоа што косовските влкасти му дозволиле на српскиот претседател Александар Вучиќ да води кампања во Косово за претседателските избори во 2017 година.

Американските аналитичари посочуваат дека косовската Влада не очекувала Вучиќ да ја признае независноста на Косово, но се надевала дека ќе им направи отстапки со кои ќе се намалат тензиите и ќе се релаксираат односите.

- Се веруваше дека Белград ќе најде начин да ги нормализира односите со Приштина без експлицитно признавање на Косово, што на Косово би му се овозможило, на пример, да пристапи во УНЕСКО, се наведува во текстот.

Во документот на Конгресот се вели и дека во текот на летото се појавила идејата за „разграничување“, според која, косовските власти би се согласиле да отстапат делови на северорно Косово во замена за признавањето или на Прешевската долина.

Извештајот дава и рокови кога Србија би можела да влезе во ЕУ, посочувајќи дека разликите околу решавањето на косовското прашање ќе го забават српскиот евроинтегративен процес.

Во извештајот се потсетува и дека Србија нема воведено санкции кон Русија, поради што некои земји во ЕУ сериозно ја критикуваа. об/сп/13:45

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.