• A-
  • A
  • A+
среда, 17 октомври 2018, 

Потписничките на нуклеарниот договор подготвуваат механизам за продолжување на трговските врски со Иран (ДПЛ)

Потписничките на нуклеарниот договор подготвуваат механизам за продолжување на трговските врски со Иран (ДПЛ)

Њујорк, 25 септември 2018 (МИА) - Пет од државите потписници на нуклеарниот договор со Техерна се договориле да формираат финансиски механизам, кој ќе им овозможи да продолжат да тргуваат со Иран,  без страв од санкции од страна на шестата потписничка - САД.

На маргините на заседанието на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк, високата претставничка на Европската унија за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини организираше средба со иранскиот министер за надворешни работи, Џавад Зариф и со претставници на Велика Британија, Франција, Германија, Русија и Кина, на која се разгледувало како да продолжи тргувањето со Иран, без САД да можат да ги попречат овие трансакции.

САД во мај се повлекоа од договорот со Иран и најавија казнени мерки против иранските компании, како и против сите други фирми кои ќе тргуваат со Иран и ќе ги прекршат санкциите што ги воведе Вашингтон. Но, европските држави потписнички, како и Русија и Кина, сакаат да го продолжат спроведувањето на договорот, чија цел е запирање на иранската нуклеарна програма.

- Учесниците на средбата дадоа практични предлози за зачувување и развивање на каналите за плаќање, конкретно, за иницијативата да се формира специјален механизам, кој ќе ги олесни финансиските трансакции, изјави Могерини.

Таа најави дека ќе биде создаден нов легален ентитет, кој ќе им овозможи на европските компании да продолжат да тргуваат со Иран во согласност со европското право и би можел да биде отворен за други партнери во светот.

Според сегашните информации, како што јави дописничката на МИА од Брисел, овој нов механизам би можел да функционира како еден вид берза за размена.

Европската дипломатка воедно потенцираше дека Иран во целост ги исполнува своите обврски од Договорот, кои вклучуваат замрзнување на нуклеарната програма и намалување на бројот на центрифуги кои се користат за збогатување ураниум. Поради тоа, Могерини побара договорот и понатаму да се спроведува, дури и покрај противењето на САД.

По одлуката на САД за повлекување од договорот и најавите за санкции кон фирмите што ќе ја продолжат соработката со Техеран, и покрај апелите на ЕУ, повеќе големи европски компании со силно присуство во САД, како „Тотал“ и „Дајмлер“, се повлекоа од Иран. тм/сп/08:46

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.