• A-
  • A
  • A+
петок, 21 септември 2018, 

Распишан конкурсот за финансирање проекти за „Нов културен бран“

Распишан конкурсот за финансирање проекти за „Нов културен бран“

Скопје, 19 јуни 2018 (МИА) - Министерството за култура го распиша конкурсот за финансирање проекти за манифестацијата „Нов културен бран“ во 2018 година.

Како што соопшти денеска, конкурсот ќе трае до 18 јули 2018 година, а право на учество имаат здруженија на граѓани, асоцијации, неформални групи и автори од областа на културата.

- Поради определбата за отвореност кон граѓанскиот сектор, интенцијата е да се поттикне и активира независната културна сцена, како и создавањето еднакви можности за сите, да се обезбеди деметрополизација, деконцентрација на културата од главниот град, таа да се дисперзира во локалните средини, да се збогати, омасови, интензивира, динамизира и раздвижи културната понуда. На овој начин ќе обезбедиме „култура до сите и за сите“ со порамномерна географска застапеност во сите плански региони, велат од Министерството.

Предлог-проектите можат да бидат од некоја од областите на уметничкото творештво, самостојни и групни изложби; солистички, камерни и симфониски, етнофолклорни, рок и џез-концерти; театарски претстави и филмски проекции или, пак, содржините да имаат  мултимедијален и интердисциплинарен карактер (акции, ликовни интервенци во урбан простор, хепенинзи, перформанси,... Локациите за нивното одржување можат да бидат во установите од областа на културата, но и други јавни и алтернативни простори, дури и нефункционални, руинирани објекти или простори кои можат да се „оживеат“ и да се „рестартираат“ како уметничка сцена.   

Предност имаат мали мобилни проекти, кои како активност се планирани за неколку регионални локални средини и чија реализација е во заедничка соработка меѓу здруженијата и поединците од невладиниот сектор и локалните и националните установи од културата.

Пријавувањето се врши со доставување на уредно пополнета пријава која  треба да се преземе од веб-локацијата на Министерствотo за култура  (www.kultura.gov.mk). 

Манифестацијата „Нов културен бран“ ќе се одржи од 1-ви септември до 15 октомври. мч/дма/16:06

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ