• A-
  • A
  • A+
понеделник, 21 мај 2018, 

Дачиќ: Вучиќ треба да го повлече потписот од Бриселскиот договор

Дачиќ: Вучиќ треба да го повлече потписот од Бриселскиот договор

Белград, 24 март 2018 (МИА) - Српскиот министер за надворешни работи Ивица Дачиќ денеска изјави дека ќе му предложи на претседателот на Србија, Александар Вучиќ да ги повлече потписите од Бриселскиот договор.

- Јас го потпишав Бриселскиот договор како премиер, јас би го повлекол потписот и би кажал: Не сакате Заедница на српските општини, тогаш не го сакаме ниту ние сето останато. Ќе вратиме се на претходна состојба, а тоа е враќање на српските институции на Косово, изјави Дачиќ по состанокот со алжирскиот министер за надворешни работи Абделкадер Месахел, кој престојува во посета на Белград.

Дачиќ истакна дека ваквиот предлог му го кажал на Вучиќ и на претходниот состанок, но не посочи што му одговорил српскиот претседател.

Шефот на српската дипломатија исто така изјави и дека Србија ќе направи максимални напори за постигнување на компромисно решение во врска со Косово.

- Во ерата на лажни вести, повеќе не сме свесни за тоа за што се преговара и дали има рокови, рече Дачиќ, додавајќи дека не сака да дава изјави кои може да му одмогнат на Вучиќ, но тој смета дека претседателот е „премногу толерантен“ во врска со прашањето на Заедницата на српските општини. - Нив многу ќе им биде тешко со ваков Вучиќ, кој е разочаран, рече шефот на српската дипломатија.

Запрашан за неодамнешната најава за некаков „германски план за Косово“, Дачиќ повтори дека тоа е „чиста измислица“.

Дачиќ изјави и дека во моментов косовското прашање е многу поважно од реконструкција на Владата на Србија.

- Ние не сакаме промени. Оставете не повеќе со тоа, рече Дачиќ, оценувајќи дека Србија има посериозни проблеми од реконструкција на Владата. об/сп/14:24

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.