• A-
  • A
  • A+
понеделник, 28 мај 2018, 

Стратегијата за евроинтеграција на Западен Балкан на 6 февруари

Стратегијата за евроинтеграција на Западен Балкан на 6 февруари

Брисел/Стразбур 22 јануари 2018 (МИА) – Стратегијата за проширување насловена „Уверлива перспектива за проширување на земјите од Западен Балкан“ ќе биде презентирана на 6 февруари за време на пленарната сесија на Европскиот парламент во Стразбур.

Како што објави порталот „Еуропијан Вестерн Балканс“ колеџот на Европската комисија со кој ќе претседава претседателот на Комисијата Жан Клод Јункер ќе заседава утрото во Стразбург и до пладне ќе го усвои финалниот текст на Стратегијата.

Еврокомесарот за соседска политика и преговори за проширување Јоханес Хан предвидено е во 15 часот да ја презентира Стратегијата за проширување пред членовите на Европскиот парламент.

Според информации од медиуми кои имале пристап до Стратегијата, документот ќе вклучува општи насоки за побрз процес на интеграција на сите земји од регионот со поконкретни датуми за проценка на Црна Гора и Србија.

Согласно временската рамка на Европската комисија, 2019 ќе биде суштинска година за земјите од Западниот Балкан. Се очекува таа година да биде потпишан документ за „целосна нормализација на односите“ меѓу Србија и Косово, додека Македонија и Албанија треба да ги отпочнат пристапните преговори со Брисел, а Босна и Херцеговина да добие статус на земја кандидат за членство во ЕУ.

Годината 2019 се смета за суштински важна и за Црна Гора и Србија во однос на отворањето на т.н. „отежнувачки“ поглавја 23 и 24 кои се однесуваат на судството и основните права, и на правда, слобода и безбедност. вг/са/10:53

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ