• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Во Делчево дебата за придобивките од членството во ЕУ и НАТО

Во Делчево дебата за придобивките од членството во ЕУ и НАТО

Делчево, 14 септември 2018 (МИА) - На тема придобивките од членството во ЕУ и НАТО и јакнењето на демократските процеси во државава, денеска градоначалникот на општина Делчево, Горан Трајковски и граѓанскиот сектор дебатираа за актуелните прашања кои се од особено значење за придобивките на државата со евентуалното членство во НАТО и Европската унија.

Трајковски упати порака до граѓанските организации да продолжат да бидат носители на главните активности за побрза интеграција на Македонија во ЕУ и НАТО.

– Испраќам повик до претставниците на граѓанските организации во Делчево за приклучување кон коалицијата „Заедно за европска Македонија“, по однос на претстојниот референдум кој ќе се одржи на 30 септември 2018 година, со што очекувам граѓанскиот сектор во Делчево активно со своите активности да придонесе за испишување нови страници од историјата на Македонија, а тоа е новото поглавје , европска Македонија, рече Трајковски.

Анита Цоневска од НВО „КХАМ“ која е член на коалицијата "За европска Македонија" потсети дека улогата на граѓанскиот сектор е да го артикулираат гласот на граѓаните, да ги застапуваат, да менуваат, креираат и донесуваат политики, но и да го увидат проблемот и да понудат решение.

- Од 2009 активно работиме и го следиме исполнувањето на поглавјата 23 и 24 кои се однесуваат на правосудството и фундаменталните права, како и за правда, слобода и безбедност. Затоа „КХАМ“ е дел од оваа Коалиција и е ЗА ефикасен непристрасен судски систем, за отворени граници, можност за поголем економски пазар, за развој на економијата, за поголема вредност на трудот, за родова еднаквост, за квалитет на здравствените и социјалните услуги, за рамноправно место во општеството на граѓанскиот сектор, истакна Цоневска.

Присутните претставници од граѓанскиот сектор во Делчево претстојниот референдумот го оценија како врв на едно демократско општество и демократски инструмент кој граѓаните треба да го искористат и сами да одлучат каква иднина сакаат. вс/нд/15:16

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ