• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Влада на РМ: Планот за гаранција за млади дава добри резултати

Влада на РМ: Планот за гаранција за млади дава добри резултати

Скопје, 14 август 2018 (МИА) - Владата на Република Македонија денеска на седница го разгледа извештајот за текот на имплементација на Планот за гаранција за млади - пилот фаза за 2018 година.

Во соопштението од Владата се наведува дека во досегашниот период на имплементација на младинската гаранција во три општини, почнувајќи од март годинава вклучени се 1.770 од кои 855 женски и 915 машки.

Од нив веќе се вработени 518, а останатите се вклучени во други мерки како практиканство, обука на работно место, обуки за побарувани занимања на пазарот на труд, обуки за напредни ИТ вештини.

- Република Македонија е единствената земја во регионот, која не е членка на Европската Унија, а започна со имплементирање на програмата „Гаранција за млади“, како мерка за зголемување на вработливоста на младите луѓе; Во земјите членки на ЕУ оваа програма успешно се имплементира од 2012 година. Партнер во имплементацијата е Националниот младински совет, велат од Владата.

На денешната седница министрите ги прифатија и Предлог – измените на Програмата за финансиска поддршка во земјоделство за 2018 година со кои регистрираните откупувачи и трговците кои до 15 септември годинава ќе откупат индустриски сливи за најмалку пет денари или свежи сливи по минимум осум денари ќе добијат субвенција од два денари по килограм.

Владата го прифати и извештајот за преземени мерки и активности за 2017-та година, како и оперативниот план за 2018-та година за спроведување на Националната стратегија за стари лица 2010-2020 година. Националното координативно тело за следење и евалуација на имплементацијата на Стратегијата за стари лица е задолжено да обезбедува механизми за координација на регулирањето и практикувањето на политиките коишто директно или индиректно ги засегаат старите лица со цел поедноставување на акциите и мерките во одделни сектори и на одделни нивоа.

Од Владата информираат дека на седницата е разгледан и извештајот на независниот ревизор за извршената ревизија на работењето на Ревизорското тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош за периодот од 1 јануари до 31 декември 2017 -та година. Според извештајот на независниот ревизор, финансиските извештаи реално и објективно ја прикажуваат финансиската состојба на ревизорско тело за ревизија на инструментот за претпристапна помош.

На денешната владина седница разрешен е и директорот на Бирото за јавна безбедност, а донесена е и одлука за спроведување на кампања од јавен интерес за претстојниот референдум. бак/аа/20:40

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ