• A-
  • A
  • A+
сабота, 22 септември 2018, 

Мурињо посвети речиси цела прес-конференција на Рашфорд

Мурињо посвети речиси цела прес-конференција на Рашфорд

Манчестер, 14 септември 2018 (МИА) - Менаџерот на Манчестер Јунајтед, Жозе Мурињо рече дека дефанзивецот Лук Шо е во добра состојба и ќе може да игра во претстојниот натпревар со Ватфорд. 
 
Во саботата, Шо беше изнесен на носилка и со маска за кислород на лицето, откако падна тешко за време на натпреварот на Англија со Шпанија во Лигата на нациите. За среќа, сепак, повредата на левиот бек не била тешка и тој е подготвен за претстојното гостување во Лондон, кај непобедливиот до моментов тим на „стршлените“.
 
Мурињо, сепак, не одвои многу време за претстојниот дуел, откако се задржа да раскажува за напаѓачот Маркус Рашфорд. Младиот напаѓач го реализираше единствениот гол за Англија при поразот со 1:2 од Шпанија, а во вторникот го постигна и единствениот гол за успехот со 1:0 над Швајцарија во контролна средба.
 
- Се разбира дека сум среќен што Маркус игра добро за Англија. Тој се бореше и успеа да постигне два гола, што е одлично, рече Мурињо кој е критикуван дека не му дава доволно шанси на Рашфорд.
 
Потоа, тој почна да ги изнесува бројките во однос на учеството на напаѓачот во натпреварите на тимот, откако тој е на чело.
 
- Откако јас сум менаџер, за две сезони Маркус има 105 натпревари за Јунајтед, 5.744 минути на теренот или над 63 натпревари по 90 минути, вклучувајќи и 5 финалиња. Тоа е неверојатен број натпревари на највисоко ниво, рече Мурињо, кој сепак не вети дека тој ќе биде меѓу стартерите против Ватфорд.
 
Португалскиот менаџер додаде уште дека дефанзивецот Диого Дало и Маркос Рохо ќе играат за вториот тим против Рединг вечерва и ако можат да одиграат полни 90 минути, ќе се вклучат со полна брзина на тренинзите на првиот тим од почетокот на следната недела. 
 
Манчестер Јунајтед има шест поени од почетокот на сезоната откако победи против Лестер и Барнли и загуби од Брајтон и Тотенхем. вз/13:56

###

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.