Едукативно катче за деца во Археолошкиот музеј на Македонија
- среда, 11 јануари 2017 13:48
Скопје, 11 јануари 2017 (МИА) - Во Археолошкиот музеј на Македонија денеска почна да работи едукативно катче наменето за деца од предучилишно и од основно образование, со цел тие на интерактивен и забавен начин да добијат знаење за богатото културно-историско наследство на државата.
Децата што ќе го посетуваат ќе имаат можност своите впечатоци и стекнатите знаења за археологијата и за богатите археолошки артефакти од Македонија креативно да ги изразуваат преку моделирање во глина, цртање или пишување есеи.
Гости на првиот ден од работилницата, која е дел од пректот „Млади археолози“, беа ученици во второ одделение од ОУ „Лазо Ангеловски“ од Ново Лисиче. Тие имаа можност да цртаат предмети најдени на локалитетите, да копаат со лопатчиња во земја во која се ставени „пронајдоци“ или да прават накит нижејќи камчиња.
Во катчето е достапна и анимација преку две едукативни видеоигри од серијалот „Археологика“. Засега се изработени две: „Меморија“ и „Збирката на кустосот“, а уште две видеоигри се во фаза на изработка. Целта е преку игра и забава да научат поими од археологијата и да може да ги препознаваат најпознатите артефакти од земјава.
На отворањето присуствуваше министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која во изјава за медиумите истакна дека катчето за едукација за деца, преку практична и научно-истражувачка работа приспособена на нивната возраст, ќе биде исклучително значаен извор за надградба на нивните знаења од областа на археологијата, музеите, историјата.
- Во овие неколку изминати години успеавме преку поддршка на голем број проекти да ги доближиме нашите национални институции до младата популација. Бидејќи е многу важно тие да се во институциите, посебно во музеите, за од млади години да ја подигнат свеста за значењето на културата и на нашето вредно културно наследство, истакна Канческа-Милевска, посочувајќи дека таква цел имале и проектите реализирани во други музеи, како Музејот на Македонија, Музејот на македонската борба...
На децата гости таа им го подели музејскиот водич наменет за деца „Запознавање со минатото, археологија за деца“ од Анета Фиданоска.
Директорката на Археолошкиот музеј на Македонија Весела Честоева рече дека едукативната археолошка работилница произлегла од проектот „Млади археолози“ со кој музејот аплицирал за поддршка во Министерството за култура.
- На наше големо задоволство проектот го реализиравме. Станува збор за простор од 50 метри квадратни во Аехеолошкиот музеј, каде што со најсовремени реквизити успеавме да го доближиме богатото културно наследство до најмладите, што ни беше и целта. Имаме симулација на археолошки локалитет каде што децата ќе може интерактивно да се запознаат и да видат што значи археолошки локалитет, каде илегуваат предметите за да стигнат до музејските витрини, рече Честоева.
Археолошкиот музеј ќе ги контактира градинките и основните училишта за да организираат посети на едукативното катче, кое освен во понеделник ќе биде отворено секој работен ден од 10 до 18 часот. хс/вј/13:48
###
Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.
Фото сервис
Мозаик
Тикер
- 14:52 | Јилдирим: За непријателите на Турција, Грција е „безопасен азил“
урскиот премир Бинали Јилдирим денеска изјави дека е неприфатливо луѓето кои учествуваа во неуспешни...
- 14:48 | Нови вакцини, промена на вакциналниот календар и нови правила за заштита на децата
Со две нови вакцини за пнеумокок и рота вирус се осовременува календарот за имунизација, со што Маке...
- 14:47 | Хоџа: Спогодба за основање културно-информативен центар на Македонија во Тирана
Владата на 64. седница донесе одлука за склучување спогодба со советот на министри на Република Алба...
- 14:30 | Николовски: Новите технологии во земјоделството треба да бидат приоритет за секоја држава
Воведувањето на нови технологии во земјоделството е приоритет на секоја држава која што цели кон соз...
- 14:21 | Британските пратеници формираа група за борба против руското влијание
Британските пратеници формираа специјална група, која се фокусира на руското мешање, истакнувајќи де...