• A-
  • A
  • A+
четврток, 20 септември 2018, 

ФАО со тригодишна поддршка за Македонија во земјоделскиот сектор

ФАО со тригодишна поддршка за Македонија во земјоделскиот сектор

Скопје, 11 јули 2018 (МИА) - Зголемена конкурентност на земјоделскиот сектор, подобрување на животот во руралните средини, одржливо управување со природните ресурси и справување со климатските промени, се приоритетните области на тригодишниот договор за соработка што денеска го потпишаа ФАО и Република Македонија. 

Станува збор за програмска рамка за периодот 2018-2020 година која, како што беше речено на потпишувањето, ги рефлектира потребите за поддршка на македонскиот аграр, ги адресира предизвиците со кои се соочуваат руралните заедници, ограничените инвестиции во земјоделската инфраструктура, стареење на населението, отежнатиот пристап на земјоделците до пазарите, ограниченото знаење за одржливи земјоделски практики, деградицијата на земјиштето и недостигот на можности за дизерфикација на приходите. 

- Македонските земјоделци не се соодветно организирани, површините се расцепкани, а притисокот од меѓународната трговија е голем. Земјава како кандидат за членка во ЕУ, но и заради сопствен интерес, мора да воспостави стратегија за долгорочен развој на земјоделството, истакна ресорниот министер Љупчо Николовски. 

Според помошник генералниот директор на ФАО и регионален претставник за Европа и Централна Азија, Владимир Ракхманин, приоритетните области на Договорот се во согласност со Националната стратегија за земјоделство 2014-2020, во насока на поддршка на земјата за напредок и усогласување на земјоделството и руралниот развој согласно барањата за пристап кон ЕУ.

Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, како национален координатор на Зелениот климатски фонд, ја нагласи потребата од изготвување стратегија и координација меѓу институциите за што поефикасно справување со влијанијата на климатските промени.

- Македонија сериозно ќе биде зафатена од се почесто изразените климатски промени, што, освен во земјоделството, ќе се одрази и во екологијата, енергетиката, индустријата, транспортот,...Зелениот климатски фонд е изворот на средства, но и знаење како да се справиме со овој предизвик, рече Анѓушев кој го потпиша првиот проект имплементиран од ФАО за Македонија, финансиран од програмата за поддршка на Зелениот климатски фонд. 

Анѓушев оцени дека ова е само добар почеток на соработка, но во иднина очекува, како што рече, конкретни, применливи проекти и резултати за спречување на поплавите, намалување на загадувањето, поголемо искористување на обновливите извори на енергија и одржливо земјоделство.

Во рамки на Договорот за Зелниот климатски фонд 300 илјади долари се обезбедени за консултанти кои треба да ги дефинираат приоритетите на Стратегијата, а ќе се креира и посебна интернет страница за синхронизирано дејствување. мч/бак/13:14

###

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ