• A-
  • A
  • A+
вторник, 14 август 2018, 

Проф. д-р Марјан Петрески, Универзитет Американ Колеџ Скопје

Проф. д-р Марјан Петрески, Универзитет Американ Колеџ Скопје

Скопје, 17 март 2018 

Во кој правец се движи македонската економија?

- Тешко е да се оцени дали се движи воопшто. Гледаме дека тоа е главна грижа и на бизнис секторот. Енергијата на Владата е насочена кон решавање политички прашања, а економијата излезе од фокусот. Светла точка е напорот да се воспостави нова политика на поддршка на домашните и странските фирми, преку сеопфатна стратегија која ќе го финансира создавањето домашна додадена вредност, концепт за којшто јас се залагав уште пред 7-8 години. Таквата политика има реални шанси да помогне на растот, бидејќи во основата на растот на нашата економија треба да биде создавањето нова вредност и нејзин извоз на странските пазари, зашто домашната побарувачка била и ќе биде, во догледен период, мала и потисната. Ние како економија немаме природни богатства, меѓутоа имаме слободна работна сила и верувам дека можеме и повеќе да се напрегнеме, и физички и интелектуално, и на светот да му понудиме производи со повисока додадена вредност, кои ќе може да ги продадеме поскапо, со што и нашиот труд ќе биде вреднет повисоко. Тоа е патот до повисоки плати. Залудно е да очекуваме дека платите ќе се зголемат со декрет, или дека сите ќе се вработат во јавната администрација, ако тоа не е проследено со поголема вредност и количина на нашето производство. Оттука, правецот во кој треба да продолжи да се движи економијата е токму тој: да сакаме да работиме повеќе, да произведуваме повеќе и тоа на светот да му го продадеме поскапо. Само така имаме шанса животниот стандард да расте побрзо и во разумен временски период да го достигне стандардот на развиените земји.

Тино Американ Колеџ

Какво влијание ќе има воведувањето прогресивен данок и дали може да ги подобри состојбите?

Зависи кои состојби. Секако дека нема да има позитивно влијание врз отворањето повисоко-платени работни места, со оглед дека тоа е една од целите на Планот за економски развој на Владата. Се очекува да има позитивно влијание врз распределбата на доходот, односно врз делот од доходот кој го заработуваат богатите слоеви од населението, иако тоа се базира на многу претпоставки. Основната претпоставка е дека вишокот прибрани пари од прогресивниот данок ќе завршат кај оние кои имаат најголема потреба од нив – сиромашните и социјално загрозените. До овој момент, нема некои позначајни поместувања во таа сфера кои би наговестиле дека сиромашните ќе добиваат поголеми надоместоци и можности. Втората претпоставка е дека изворот на доходната нееднаквост во Македонија се платите. Тврдам дека тоа не е така. Тоа го покажуваат податоците што ги објави самото Министерство за финансии. Тие, имено укажуваат дека постои концентрација на богатство кај поединци во Македонија, кои не се најбогатите еден отсто, туку веројатно се работи за најбогатите 0,1 отсто, па дури и помалку. Сите останати сме колективно сиромашни. Тоа е поразителен факт, но сепак е факт кој мора да го констатираме. Потоа, да размислиме како се концентрирало богатството кај дел од овие најбогати поединци. Да се потсетиме на приватизацијата од 1990-тите, како и на се она што го слушнавме во проектот Вистината за Македонија што го обелодени сегашниот премиер. Лесно може да се заклучи дека оваа концентрација на богатство, и следствено висок доход, не дошла од тоа што персоналниот данок бил рамен. Оттука, мислам дека во овој момент воведувањето даночна прогресија ќе има повеќе непосакувани отколку корисни ефекти.

Дополнително, во моментов е и голем политички ризик да се прават такви потези. Во ситуација кога економијата е застаната, кога структурните реформи каскаат, кога самата Влада се уште се бори со внатрешни обиди за нерационално трошење на народните пари, а да не зборувам за ситуација кога политичкиот притисок е доминантен, потези кои значат воведување нови или дополнителни давачки, мислам дека би ја доразнишале довербата во Владата.

Генерално, нашиот фокус треба да остане на создавањето нова вредност, значајно подигање на животниот стандард, па тогаш кога износот што просечната индивидуа во Македонија го заработува ќе биде доволно голем, дури тогаш да се наметне даночна прогресија. Дотогаш треба интензивно да работиме на подигање на ефикасноста на јавните трошења, и силно институционално јакнење преку кое ќе се покаже недвосмислена политичка волја и конкретни чекори дека она што Владата го прибира повеќе преку повисоки и прогресивни даноци е навистина за општото добро, односно за подобра инфраструктура, подобро образование, подобро здравство, социјална кохезија итн.

Тино Американ Колеџ

Дали е реално да се очекува да се оствари планираниот раст на БДП за годинава?

Она што е важно е што 2017 обележа крај на политичката криза. Се ослободи целосната воздржаност што постоеше во економијата, особено помеѓу фирмите. Но, истовремено очекувањата и помеѓу граѓаните за повисок стандард, и помеѓу фирмите за поповолен амбиент за стопанистување и поддршка од Владата, толку многу се зголемија, што сега доаѓаме во ситуација на чувство на изневереност на таквите очекувања. Делумно, тоа е затоа што работите не може да се променат преку ноќ, која и да е влада, а делумно затоа што очекувањата беа нереално подигнати преку дадени ветувања за кои уште тогаш беше јасно дека е невозможно да се исполнат. Оттука, во контекст на економијата, растот којшто се проектира за 2018 се уште изгледа остварлив во овој момент, меѓутоа и тој останува зависен од многу фактори.

Првенствено, тој претпоставува отсуство на политичка неизвесност, која не треба да ја потценуваме бидејќи многу лесно може да произлезе од кревкото парламентарно мнозинство и коалициските договори. Второ, за остварливоста на растот и тоа како е битен поттикот што треба да дојде од владините економски политики, првенствено Планот за економски раст, но и другите политики – на пример реализацијата на капиталните инвестции во Буџетот, која во минатото редовно потфрлаше. Трето, треба да видиме како фирмите ќе реагираат на промените во владините политики за субвенционирање, бидејќи се испостави дека таа нивна реакција не може целосно да се предвиди. На пример, Владата одреди значаен износ за субвенционирање на порастот на минималната плата, за потоа да утврди дека фирмите не се пријавуваат за да ја користат таа субвенција. Четврто, треба да видиме дали за странските фирми овие субвенции ќе бидат доволно привлечни за тие да инвестираат тука, или ќе биде потребен дополнителен маркетиншко-административен напор, од кој Владата се откажа.

Како ја оценувате Програмата за економски раст на Владата и дали може да придонесе за зголемување на бројот на домашни и странски директни инвестиции?

Таа програма пред се изврши корекција на претходниот модел на субвенционирање на фирмите, по две основи: прво, е целосно транспарентна во однос на народните пари кои ќе се потрошат за субвенционирање на фирмите, што беше барање на експертската заедница во еден подолг временски период. Второ, во моделот се внесени и домашните фирми. Странските фирми се потребни на економијата, поради тоа што се технолошки понапредни, носат нови стандарди на работење и секако се длабоко интегрирани во меѓународните вериги на снабдување. Тоа се две клучни работи кои им недостигаат на домашните фирми или на мнозинството од нив. Затоа е битно да се вопостави и јакне врската помеѓу странските и домашите фирми. Видете, треба да го отвориме прашањето и гласно да зборуваме и за нашите работни навики и работна етика, кои, заедно со работните услови воспоставени од работодавците, мора да се подигнат на повисоко ниво за да може да дојдеме до повисок животен стандард. Оттука, ориентација кон странските пазари и/или ориентација кон соработка со странските фирми во земјата се робустни начини тоа да се постигне во некој разумен рок.

Тино Американ Колеџ

Зошто е намален бројот на директни странски инвестиции во земјава во 2017 година на годишно ниво иако во последниот квартал имаше зголемување од 180 милиони евра?

Странските вложувања запреа под влијание на политичката криза. Таквата воздржаност благо се помести со доаѓањето на новата влада, така што претпоставувам дека оние фирми кои биле во крајните фази од носењето одлука за инвестирање, само сочекаа да се формира нова влада која ќе им овозможи соодветен сервис на нивниот влез во економијата. Но, тоа не значи дека воздржаноста ја снема. Особено фирми кои размислувале или биле во порани фази од носењето одлука за инвестирање во Македонија, веројатно ќе им треба повеќе време и убедување за да инвестираат: првенствено целосна стабилизација на амбиентот за стопанисување, и второ, поважно за нив, односот на Владата и нејзините политики кон нив. Да не заборавиме, во екот на политичката криза се создаде и една релативно неправедна црна слика за странските инвеститори. Тогашната опозиција, а сегашна власт, не учествуваше во тоа директно, но не даде и некои јасни сигнали дека не се согласува со таквата реторика. Така што, претпоставувам дека сега ќе треба тие работи да се сталожат за да видиме нов позначаен бран од странски вложувања.

Тино Американ Колеџ

Какви резултати може да даде најновата мерка на Владата за еквити фонд, односно да биде косопственик со 25 проценти во капиталот на стартап компаниите?

Се уште не ги знам сите детали сврзани со оваа мерка. Во услови кога немаме развиени извори на ризичен капитал и т.н. бизнис ангели, логично е Владата да излезе во пресрет на барањата за реализација и комерцијализација на идеите кои се навидум ризични, но може да дадат висок принос. Нема дилема дека една од основите за растот е иновацијата, и таа треба да биде поддржана. Но, противник сум на носењето какви било мерки ад-хок, без вклученост на засегнатите страни, и без соодветна анализа. Претпоставката дека нешто успеало на друго место, па затоа ќе успее и кај нас, многу често се покажала целосно погрешна.

Валентин Јанковски

 

Сите права се задржани. Овој материјал не смее да се складира, издава, емитува, препишува и повторно да се дистрибуира во каква било форма, без писмена дозвола од Македонската информативна агенција.



НЕМА ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Мозаик

Дете за 10 минути хакираше интернет страница и смени изборни резултати

На Емет Бруер (11) му беа потребни само десет мину...

Концертот на „2 Cellos“ во ВИП Арена презакажан за 19 октомври

Скопскиот концерт на една од моментно најголемите ...

Од речиси пуст остров, еден човек направи оаза

Пред околу 40 години, Индиецот Џадав Пајенг, кој ж...

Виена можен домаќин на Евровизија наместо Израел

Главниот град на Австрија - Виена најверојатно, по...

Две сестри украле половина милион долари од училишни мензи во САД

Две сестри, кои работеле во две училишни мензи во ...