0_Македонија.ПорталДописници МКДОпштество

Министерот Милевски во посета на Битола: Цел ни е да ги подобруваме состојбите и затоа директно помагаме

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски во придружба на битолската градоначалничка Наташа Петровска денеска изврши увид на проектите кои се реализираат во Општина Битола и најави нови соработки со Пелагонискиот плански регион.

Битола, 10 септември 2020 (МИА) – Министерот за локална самоуправа Горан Милевски во придружба на битолската градоначалничка Наташа Петровска денеска изврши увид на проектите кои се реализираат во Општина Битола и најави нови соработки со Пелагонискиот плански регион.

Според министерот Милевски, благодарение на форумите со граѓаните и предлозите иницирани низ заеднички средби реализирани се конкретни проекти.

– Во градскиот парк е изградено детско катче, проект за кој Општината овозможи и изработи проектна и техничка документација, а Министерство за локална самоуправа и Швајцарската развојна агенција обезбедија финансиска поддршка од 4,6 милиони денари, со што се изгради пријатно катче за сите деца, вклучувајќи ги и децата со посебни потреби. Вториот проект го реализираме во националниот парк Пелистер, кај местото викано Голема Ливада, каде се гради авантуристички детски парк за што се обезбедени два милиони денари, истакна министерот Милевски.

За време на посетата во Општина Битола министерот Милевски учествуваше и на седница на Советот за развој на Пелагонискиот плански регион и ги информира градоначалниците за новините што ги содржат правилниците на проектни апликации.

– Измените во правилниците се во функција на поголема вклученост на граѓаните, невладините организации и институциите во изработката на проектите, како и утврдување на приоритети. Нашата цел е да ги подобруваме состојбите и затоа директно помагаме, нагласи Милевски.

На заедничка прес-конференција со Милевски, градоначалничката Наташа Петровска изјави дека Општина Битола за развој на потпелистерието вложи 64 милиони денари, а 50 отсто од инвестициите се реализирани.

– Општинските средства се насочени за колекторскиот систем и пречистителна станица, а со денешниот ребаланс на општинскиот буџет обезбедивме средства за патниот правец на местото викано Црвени Петли до селата Трново и Магарево, со што ќе се подобри патната инфраструктура. Наскоро почнуваат градежните работи за потпелистерското село Дихово, со што слободно ќе речам од подножјето на планината се движиме кон врвовите со изградена комунална инфраструктура, затоа што планината е на граѓаните, изјави Петровска. мт/сп/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close