Svet.SlajderБалканБалкан.ПорталДописници Свет

Мицотакис се сретна со Анастасиадис и Нетанјаху

Во рамките на посетата на Атина за потпишување на договорот за изградба на гасоводот EastMed, премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис на одвоени средби во премиерската палата разговараше со претседателот на Кипар Никос Анастасиадис и премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 2 јануари 2020 (МИА)

Како што соопштуваат од кабинетот на Мицотакис, грчкиот и израелскиот премиер ја потврдиле тесната врска меѓу двете земји и разговарале за продлабочување на билатералната соработка во повеќе области како што е одбранбената индустрија, инвестициите и туризмот.

Станало збор и за поширокиот регион, за стабилноста и за соработката меѓу земјите.

На почетокот на средбата со кипарскиот претседател, Мицотакс рече дека денешниот ден е особено важен поради потпишувањето на договорот за изградба на гасоводот EastMed.

– Ова е многу значаен енергетски проект кој претставува круна на една многу значајна трилатерална соработка во енергетиката, но и во други области, рече Мицотакис на почетокот на средбата со Анастасиадис.

Претседателот на Кипар говореше за историски настан што ги поставува темелите на практичниот стремеж од почетокот на трилатералните соработки.

-Односно, да постои соработка, а не ривалство на Блискиот исток, особено во однос на енергетските прашања или било што друго што може да ги поврзе државите од регионот. Па така, навистина е важен, историски ден и разговорите што ќе ги имаме заедно, но и со премиерот на Израел, мислам дека ги поставуваат темелите за понатамошна уште посилна соработка со државите од Блискиот исток, рече Анастасиадис.

На потпишувањето на договорот за изградба на гасоводот EastMed, закажано за попладнево во Атина, премиерот на Грција Кирјакос Мицотакис, претседателот на Кипар Никос Анастасиадис и премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху, ќе одржат и трилатерална средба. ср/сд/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close