Svet.SlajderБалканБалкан.ПорталДописници Свет

Мицотакис ја предложи претседателката на највисокото судско тело за претседател на Грција (ДПЛ)

Сметам дека е време нашата татковина да добие достојна Гркинка на највисоката државна позиција, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во обраќањето до јавноста, предлагајќи ја претседателката на Советот на државата Екатерини Сакеларопулу за претседател на земјата, со што првпат во историјата, Грција е на пат да добие жена шеф на државата, јави дописничката на МИА од Атина.

Атина, 15 јануари 2020 (МИА) – Сметам дека е време нашата татковина да добие достојна Гркинка на највисоката државна позиција, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во обраќањето до јавноста, предлагајќи ја претседателката на Советот на државата Екатерини Сакеларопулу за претседател на земјата, со што првпат во историјата, Грција е на пат да добие жена шеф на државата, јави дописничката на МИА од Атина.

Советот на државата е највисокиот суд во Грција, а Сакеларопулу е првата жена избрана за претседател на судот во 2018.

-Граѓанин е машки род, но демократија, Грција и благосостојба се женски род и нè повикуваат на големо надминување. Сметам дека е време нашата татковина да добие достојна Гркинка на највисоката државна позиција. Ја предлагам, за претседател на Грција, претседателката на Советот на државата, госпоѓата Екатерини Сакеларопулу. Госпоѓа Сакеларопулу е одличен правник со меѓународни признанија, судија со блескав тек во највисокиот суд, на кој стана и прва жена претседател по предлог на претходниот премиер и со едногласна одлука на неговата влада, рече Мицотакис во обраќањето до јавноста.

Грчкиот премиер истакна дека „не треба да се лажеме дека грчкото општество се уште се карактеризира со многу дискриминации врз жените“, потенцирајќи дека сега тоа се менува, почнувајќи од врвот.

Мицотакис објасни дека целосно го почитува актуелниот претседател Прокопис Павлопулос, но изрази убеденост дека неговата конечна одлука е правилна.

-Госпоѓа Сакеларопулу е предлог што обединува, надпартиски и прогресивен. И ги има сите предуслови да биде изгласана од сите пратеници, истакна Мицотакис и ги повика сите политички сили да размислат, додавајќи дека од срце посакува да постои консензус, а актуелниот Парламент да испише историја.

Претседателот на државата, во Грција го избираат пратениците, а мандатот на актуелниот претседател Прокопис Павлопулос истекува кон средината на март, и се очекува еден месец претходно да започнат процедурите во Парламентот. ср/ссм/

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close