0_Web_Актуелно0_Македонија.ПорталMakedonija.SlajderПолитика

Мицкоски не даде директен одговор што ќе прави со Договорот од Преспа, но смета дека е прерано имплементиран

Договорот од Преспа, како и членството на земјата во ЕУ и НАТО беа дел од темите за кои ги изнесоа своите ставови лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски во вечерашниот дуел на ТВ Канал 5.

Скопје, 28 февруари 2020 (МИА) – Договорот од Преспа, како и членството на земјата во ЕУ и НАТО беа дел од темите за кои ги изнесоа своите ставови лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски во вечерашниот дуел на ТВ Канал 5.

Мицкоски не даде директен одговор на прашањето што би направил со Договорот од Преспа, дали доколку дојде на власт ќе го почитува или ќе прибегне кон негово поништување.
– До ден денеска немате став и не кажавте став но мора да кажете, дали ќе го поништите Договорот од Преспа или не? Исто така мора да кажете, ако го поништите како тоа ќе го направите и што во такви услови и нудите на државата, а ако не го поништувате треба исто така чесно да кажете. Кажете пред камерите, пред граѓаните да или не. Ако го поништите треба да им кажете на граѓаните дека тогаш нема ниту ЕУ ниту НАТО, го праша Заев Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, пак, нагласи дека според него прерано е имплементиран договорот и се повика на преодниот период кој е даден во него за примена на уставното име, а кој се однесува на сите материјали и документи за внатрешна употреба.

Заев му одговори дека со самиот договор и ратификацијата од двете страни примената на уставното име од страна на институциите и носителите на јавни функции е нешто што треба веднаш да се применува и додаде дека во договорот е јасно определно дека  институциите на државата го користат новото име.

На прашањето на новинарот за тоа да даде одговор за тоа како неговата партија нема поддршка за Договорот од Преспа од една страна, а од друга страна во Парламентот гласаше се Протоколот за прием на Република Северна Македонија во НАТО, Мицкоски кажа дека тој бил првиот што иницирал предвремено ратификување на Протоколот во Собранието.

-За жал поради капитулантскиот однос на Заев таа е релноста во која ние мора да живееме, рече Мицкоски.

Заев му одговори дека поранешната техничка министерка Рашела Мизрахи, која ја предложил тој како лидер на опозицијата, не ја признавала неговата реалност и побара од Мицкоски да каже дали сите министри, доколку тој дојде на власт ќе се однесуваат како Мизрахи, на што Мицкоски повторно се повика на преодниот период во Договорот.

За Мицкоски разрешувањето на Мизрахи било груба провокација кон ВМРО-ДПМНЕ, но нагласи оти Мизрахи достоинствено го поднела, како што рече, грубото и брутално разрешување.

Мицкоски во дебатата ги отфрли обвинувањата што му ги упати претседателот на СДСМ Заев дека опозициската партија лобира државата да не добие датум за преговори за членство.

– И  Пленковиќ и Орбан и Јанша и сите останати премиери кои се дел од ЕПП лобираат и ќе продолжат да лобираат Македонија да добие датум затоа што граѓаните заслужуваат иако сме понижени, омаловажени, со урнато достоинство поради капитулантските политики на Заев барем малку нешто што ќе ја залечи раната која се уште стои. Се ќе сторам како претседател на ВМРО-ДПМНЕ тоа да се случи час поскоро, и ќе зборам и со Јанша, Пленковиќ и Орбан, Курц со сите премиери кои се членки на ЕУ да се даде затоа што тој датум не е привилегија, ниту на Христијан, ниту на Зоран Заев, рече Мицкоски.

Заев во врска со датумот за преговори рече дека нема повторно да ги подигна очекувањата поради октомвриската одлука.

-Нема да дигам повторно очекувања заради тоа што изразив разочарување во октомвриската историска грешка, само ќе кажам дека ние направивме се и направивме и повеќе од тоа со законот за ЈО и со продолжување на реформите согласно нашите насоки кон ЕУ, тоа го потврдија сите, го поздравија дури и новиот закон за ЈО како аргумет повеќе, истакна лидерот на СДСМ. ац/лв/

Back to top button
Close
Close