Дописници МКДТема

МИА во пунктот за земање брисеви во штипскиот Центар за јавно здравје

Тест Ковид 19 и стрелката ве води директно до вратата која е влез и излез на задниот паркинг на Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип. На самата врата се поставени сунѓери со дезинфекциско средство, на кои секој што влегува мора да застане на нив, а потоа на закажаниот термин ви се отвара вратата. Внатре во Здравствениот дом на приземјето стрелките на поставените паравани ве водат директно во пунктот, каде што се земаат брисевите за тестирање за Ковид 19. Просторот кој беше рентген одделение сега е адаптиран во пункт, каде што двајца вработени од Центарот за јавно здравје – Штип ги земаат брисевите. МИА влезе во пунктот, каде што самоиницијативно никој не може да влезе. Таму двајца вработени со скафандери и со заштитна опрема имаат задача да ги земаат брисевите. Директорката на Центарот за јавно здравје-Штип, Марија Димитрова вели дека пунктот е отворен веќе трети ден.

Штип, 25 март 2020 (МИА) – Тест Ковид 19 и стрелката ве води директно до вратата која е влез и излез на задниот паркинг на Здравствениот дом „Панче Караѓозов“ во Штип. На самата врата се поставени сунѓери со дезинфекциско средство, на кои секој што влегува мора да застане на нив, а потоа на закажаниот термин ви се отвара вратата. Внатре во Здравствениот дом на приземјето стрелките на поставените паравани ве водат директно во пунктот, каде што се земаат брисевите за тестирање за Ковид 19. Просторот кој беше рентген одделение сега е адаптиран во пункт, каде што двајца вработени од Центарот за јавно здравје – Штип ги земаат брисевите. МИА влезе во пунктот, каде што самоиницијативно никој не може да влезе. Таму двајца вработени со скафандери и со заштитна опрема имаат задача да ги земаат брисевите. Директорката на Центарот за јавно здравје-Штип, Марија Димитрова вели дека пунктот е отворен веќе трети ден.

-Патеката во Здравствениот дом, како што гледате е со паравани и е обележана, по која се движат пациентите. Пунктот каде што се земат брисевите е позади мене. Принципот на работа е следен, сите матични лекари имаат добиено алгоритми, по кои проценуваат, дали пациентот треба да се тестира, второ дали е со висок, среден или лесен ризик. Упатите матичните лекари ги издаваат врз основа на телефонски јавувања на пациентите. Упатот пристигнува кај нас епидемиолозите, значи веќе наутро ги имаме ние пред да почнеме со работа, како готови упати, потоа го подготвуваме материјалот и одиме во пунктот. Во него влегуваат еден лекар микробиолог и еден лаборант, вели Димитрова.

Тимот составен од двајца вработени од Центарот за јавно здравје со работа на пунктот почнува од осум а завршува во 14 часот.

-Работата на пунктот е под второ ниво за заштита, што подразбира тимот да е со скафандер, наочари, маска од типот на НН 52 или НН 95, каљачи на нозете, заштитни капи на главите и користиме визири. Тоа е ниво два, додека горе во Центарот за јавно здравје ги имаме заштитните маски, по потреба за лицата кои се на приемно одделение имаме поголема заштита, значи со наочари и капи. Сите го проценуваме каков е ризикот, еве имаме лица кои излегуваат на терен за да земаат брисеви. Еве пред два дена беа земени брисеви на здравствените работници од Кожното одделение во Штип, екипата беше, исто така под полна заштита за второ ниво, вели Димитрова.

Досега на овој пункт во Здравствениот дом  се земени вкупно 11 брисеви. Тестирање се врши за граѓаните на општините Штип, Карбинци, Радовиш и Пробиштип. Димитрова забележува пациентите кои имаат термин задолжително да го почитуваат, бидејќи термините се направени точно во колку часот треба да се земе брисот. Пациентите не смеат да доаѓаат ниту еден или два часа порано или подоцна. Термините се направени се со цел да немаат контакт или да се сретнуваат граѓани на задниот влез во Здравствениот дом, каде што е пунктот.

-Во понеделникот имавме само еден брис поради некој технички проблем, а вчера пет и денеска имаме пет брисеви. Што значи вкупно 11. Предвидено е во текот на еден ден макскимум да се земаат по седум брисеви, вели Димитрова.

За работата на овој пункт  формирани се  вкупно шест тима, а еден тим се состои по двајца вработени. Освен што работат активно на пунктот епидемиолозите и вработените во Центарот за јавно здравје ги контактираат и сите заболени со вирусот, како и оние кои биле во допир со нив. Одговараат и на отворената телефонска линија на сите граѓани, кои имаат потреба од информации. Нивниот работен ден не е како порано, туку продолжува и во ноќните часови.

-Моментот сега за сите здравствени работници сега е тежок, меѓутоа ние се трудиме најпрофесионално што можеме да си ги извршуваме свои задачи, онака како што ни налага Министерството за здравство. Постојано сме во координација, имаме доток на информации. Епидемиолозите си ја вршат својата работа, еве сега со пунктот имаме една дополнителна задача. Но, тоа е наша должност и мора да одговориме на предизвиците на ова време, вели Димитрова.

Ситуацијата со Ковид 19 во Штип денеска е мирно, но за утре, како што вели Димитрова не знае што ќе се случи и неблагодарно е да се даваат било какви прогнози. Позитивна  вест е денеска дека негативни се резултатите за петмина здравствени работници од штипското Кожно одделение во Клиничка болница-Штип, додека за двајца здравствени работници се чекаат резулатите. Инаку, Кожното одделение половина месец работеше само со еден лекар специјалист, кој немал контакт со останатите вработени и не присуствувал на симпозиумот во Скопје, на кој предавач беше директорката на Клиниката за кожни болести во Скопје.

Во Штип има седум лица кои се позитивни на Ковид 19, а всушност формираат два кластери, едниот е семејството со четиригодишното девојче, кое заедно со нејзината мајка пристигнаа од Англија, а потоа позитивни на тестовите се покажаа и нејзините баба и дедо. Овој кластер формира четири лица. Вториот кластер е составен од три лица, двајца повозрасни сопружници и нивниот внук, кои биле на скијање во Копаоник во Р Србија. Двете семејства се во домашна изолација, бидејќи имаат лесна клиничка слика, а инфектолозите се постојано во контакт со нив и ги посетуваат.

Викторија Димитрова

Back to top button
Close
Close