МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

24 февруари 2021

24 февруари 2021 

– Државниот завод за ревизија го објави конечниот извештај за извршена ревизија на финансиските извештаи со ревизија на усогласеност за 2019 година на Акционерско друштво за изградба и стопанисување со станбен простор и со деловен простор од значење за Републиката – Скопје. 

– Министерот за финансии Фатмир Бесими од денеска до четврток престојува во работна посета на Брисел, во рамки на која ќе оствари средби со комесарот за соседски политики и преговори за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји, со комесарот за економија, Паоло Џентилони, комесарот за буџет и администрација, Јоханес Хан и со заменик-генералниот директор за соседска политика и преговори за проширување при Европската комисија, Мачеј Поповски. 

– Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски и директорот на АД „Национални енергетски ресурси“ Бајрам Реџепи  се на увид во изградбата на магистралниот гасовод од делницата Скопје-Тетово-Гостивар. 

–Отворен сум за средби, бев отворен и пред да се донесе петтиот пакет на економски мерки, а и сега сум  отворен за да седнеме и да разговараме со угостителите и да изнајдеме решение, најави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи непосредно пред отпочнувањето на за денеска закажаниот протест на угостителите за организирање свадби и други свечености пред Владата. 

– Придобивките кои ги носи персонализираната медицина и нејзиното влијание врз квалитетот на животот на пациентот, е во фокусот на 44. издание на списанието за одржлив развој „Лице в лице“, кое излегува денеска. 

– Во моментот Сашо Мијалков е на издржување на мерката домашен притвор во неговиот дом. Тој овие денови не ја напуштил државата и цело време бил во Скопје. Ако не се предадеше, за неколку часа ќе беше сосема поинаку, информира министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и подвлече дека тој лично немал контакт со Мијалков пред неговото враќање. Потенцира дека ако покаже истрагата одговорност на кого било, треба да има не морална , туку кривична одговорност. 

– Централниот регистар на Република Северна Македонија информира дека ќе врши прием на годишни сметки и финансиски извештаи за 2020 година во хартиена форма на 27 феврурари во сабота од 08.00 до 16.00 часот и на 1 март 2021 година од 08.00 до 21.00 часот. 

– Независниот академски синдикат (НАкС) реагира што Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ почнала постапка за изработка на нов Етички кодекс, а нацрт-текстот деновиве е доставен само до дел од вработените на единиците на УКИМ. Исклучени од процесот се и синдикалните организации, иако приложениот Нацрт-Етички кодекс, како што велат, експлицитно  уредува права и обврски кон нив. 

– Македонскиот стартап „Trident Peak“ се пласираше меѓу 8-те најдобри старт-ап од целиот свет на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели. 

– Обвинителството во грчкиот град Ламија издаде наредба до надлежните лекари да му пружат секаква медицинска помош на осудениот терорист од организацијата „17 ноември“, Димитрис Куфодинас за да се спаси неговиот живот по 48 дена штрајк со глад и два дена одбивање да прима течности, јави дописничката на МИА од Атина. 

– Издавачката куќа „ПАБЛИШЕР“ ја објави книгата „Мала веројатност“ од холандската авторка Марјолајн Хоф. Преводот на македонски е на Ели Пујовска. Книгата е поддржана од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија. 

– Во Турскиот театар вечер во 19 часот премиерно ќе биде изведена претставата „Славната Флоренс“ во режија на Драгана Милошевска – Попова и според текстови на П.Квилтер, Н.Мартин, Џ.Коган, Б.Крајчевска, Д.Милошевска – Попова. 

– Еден од основачите на Златна зора и вториот човек во партијата, осуден на 13 години затвор за формирање криминална организација Христос Папас, според грчката телевизија Стар, се крие во манастир во Србија, каде што нелегално стигнал преку Северна Македонија, јави дописничката на МИА од Атина. 

– Во пожар што од засега непознати причини изби во привремен бегалски камп во близина на грчкиот град Тива, животот го загуби дете на возраст од шест-седум години, дел од седмочлено семејство, јави дописничката на МИА од Атина. 

– Заменик рускиот амбасадор во ОН, Дмитриј Полјански изјави дека доколку Киев не престане со „геополитичките авантури“ и не почне да ги исполнува обврските од Договорот од Минск, тогаш ризикува да ги загуби областите Доњецк и Луганск. 

– Полските власти, најверојатно, денеска ќе најават воведување на поостри анти-епидемиолошки мерки, пред се, поради зголемувањето на бројот на новоинфицирани со коронавирус, изјави владиниот портпарол Пјотр Милер. 

– Бројот на гладни луѓе во Салвадор, Гватемала, Хондурас и Никарагва речиси четири пати повеќе се зголемил во изминатите две години, соопштија ОН во момент кога тие земји се борат против економската криза. 

– Новата мутација на коронавирусот, што првпат беше откриена во Велика Британија, набрзо се појави во уште седум земји и сега е регистрирана во вкупно 101 земја од светот. 

– Кина објави дека вселенското летало „Тијанвен-1“ денеска влезе во орбитата на Марс, од каде, наредниве месеци ќе го одреди местото за слетување на истражувачкиот ровер. 

– Членот на „Салата на славните“ и НБА легенда, Меџик Џонсон ги вброи тимовите на Бостон селтикс, Далас маверикс и Милвоки бакс како најголеми разочарувања оваа сезона. 

– Премиерлигашот Челзи го победи Атлетико Мадрид со 1:0 во првиот натпревар од осминафиналето во Лигата на шампионите. Под водство на тренерот Томас Тухел, сините од Лондон примија само два гола на осум натпревари. 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close