МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

23 февруари 2021

23 февруари 2021 

Предлог-програмата за рамномерен регионален развој со која се уредува распределбата на средствата за оваа намена утврдени со годинашниот Буџет, ќе биде една од точките на денешната 47. владина седница. 

– Годишниот извештај за работата на Комисијата за надзор над спроведување на мерките за следење на комуникациите во 2020 година денеска ќе биде презентиран пред членовите на матичната собраниска Комисија. 

– Сашо Мијалков не може да помине граница, затоа што му е одземена патната исправа. Дали има уште некоја патна исправа не ми е познато, изјави шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал Вилма Русковска, во „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ. 

– Идејата за отворени и безбедни граници за сите е еден од столбовите на кои се потпира Европската Унија. Јакнењето на националните капацитети во делот на интегрираното гранично управување е од исклучителна важност за нашата земја на нејзиниот пат кон исполнување на ЕУ и Шенген стандардите, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната презентација на Предлогот за организациска структура, човечки ресурси и управување со човечки ресурси за Одделот за гранични работи и миграции и Регионалните центри за гранични работи, подготвен во рамки на твининг проектот „Усогласување на националниот систем со ЕУ и Шенген барањата за гранично управување“ – ИПА 2016. 

– Во текот на утрешниот ден во период од 9 часот, па се до 16 часот се предвидени технички зафати во електроенергетскиот систем во Скопје. Како што информираат од РЦУК Скопје, вакви зафати се предвидени на повеќе локации. 

– Професионализација на уличните танци и култура, обезбедувајќи структуриран, долгорочен процес за едукација на младите и обезбедувајќи можност за издигнување на танцовата сцена кај нас на значително повисоко ниво се целите на проектот ВАДА – Виртуелна Американска Танцова Академија кој започна викендов да се реализира во земјава. 

– Државниот завод за статистика денеска објави конкурс за пријавување на кандидати за реонски попишувачи и реонски инструктори кои во периодот од 1 до 21 април ќе го спроведуваат попишувањето на терен во рамките на Пописот 2021. 

– Министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска денеска се сретна со претставници од Националниот сојуз на слепи лица со кои разговараа за моменталната состојба  во смисла на правата кои ги користат и можностите за нивно унапредување. 

– Ректорот на Универзитетот ,,Св. Кирил и Методиј” проф. д-р Никола Јанкуловски и главниот извршен директор на М6 Едукативниот центар Елена Младеновска-Јеленковиќ потпишаа Меморандум за соработка, чија цел е остварување и јакнење на потребната врска помеѓу деловната заедница и академската средина, како и постојана размена на искуства, знаења и податоци во насока на општествен развој, охрабрување и поддршка за вмрежување помеѓу компаниите, студентите и стартап-заедницата. 

– На магистралниот пат Штип – Кочани, кај Облешево, сообраќајот се одвива по една коловозна лента, а возилата се пропуштаат наизменично, соопшти Автомото сојузот. 

– Во Гостивар вчеравечер околу 19.30 часот на улица „Живко Брајковски“ полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 22-годишниот гостиварец Ф.Н., поради сомнение дека во последниве два месеца во Гостивар извршил пет кражби и тешки кражби, од кои три во моторни возила. 

– „Матица македонска“ објави книга со наслов „Светската критика за делото на Конески – 100 години од раѓањето на великанот од Небрегово“, во која се презентирани триесет текстови од истакнати писатели, критичари и научници од други земји кои во суперлативи пишуваат за творештвото на Блаже Конески. 

– Црна Гора, по 12 години, конечно може да им дозволи на своите граѓани двојно државјанство – црногорско и српско, најави премиерот Здравко Кривокапиќ на Твитер. 

– Во Бугарија во последните 24 часа се регистрирани нови 1.925 случаи на инфицирани со коронавирус, од извршени 13.695 тестови, покажуваат податоците на специјализираниот портал за информации. 

– Штрајк во траење од 48 часа, започнаа 13 грчки поморски синдикати, со што поголем дел од бродовите во Грција, два дена ќе останат закотвени на пристаништата, јави дописничката на МИА од Атина. 

– Американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој учествуваше на состанокот на министри за надворешни работи на Европска Унија, покажа интерес за европското соседство, а потенцира дека САД се подготвени да работат и на стабилизација на Западен Балкан, објави денеска бриселскиот попртал Политико. 

– Во знак на поддршка и солидарност за осудениот терорист од организација „17 ноември“, Димитрис Куфодинас , кој веќе 47 дена штрајкува со глад, непознати лица синоќа, со бои и летоци ја нападнаа грчката телевизија „Αction24“ и испишаа слогани пред политичката канцеларија на министерката за образование на Грција, Ники Керамеос. Двата одвоени случаи ги осуди портпаролот на грчката Влада, јави дописничката на МИА од Атина. 

– Француската министерка за труд Елизабет Борн изјави денеска дека е најважно компаниите да го зголемат работењето од дома, со цел да се избегне ново заклучување на земјата во борбата против ширењето на коронавирусот. 

– Стапката на невработеност во Велика Британија се зголеми во четвртото тромесечие од минатата година на 5,1 отсто, покажуваат денешните податоци на Националниот завод за статистика. 

– Европската унија ќе воведе санкции за четворица Руси поради труењето на најистакнатиот критичар на Владимир Путин, Алексеј Навални, тврдат три лица запознаени со случајот, цитирани од Блумберг. 

– САД им оддадоа почит на повеќе од 500.000 жртви на Ковид-19 од почетокот на пандемијата, а претседателот Џо Бајден повика на единство во борбата против неа и нареди знамињата низ целата земја до петок да бидат спуштени на половина копје поради овој трагичен биланс. 

– Американскиот производител на авиони Боинг соопшти дека истрагата утврдила „абење на металот“ на нивниот авион 777, на кого му откажа еден од моторите набрзо по полетувањето во Денвер и препорача привремено приземјување на сите латала од тој тип. 

– Во Аргентина избувна скандал со вакцинирање познати личности откако Министерството за здравство објави список со 70 лица кои незаконски примиле вакцина против коронавирусот. На списокот се претседателот Алберто Фернандез и членовите на неговиот кабинет, како и министерот за економија Мартин Гузман, аргентинскиот амбасадор во Бразил, поранешниот претседател Едуардо Дуалде, неговата сопруга и нивните деца, како и службеници кои не се меѓу приоритетните за првите 1,8 милиони дози вакцини. 

– Официјален Техеран од денеска почна со ограничување на меѓународните инспекции на своите нуклеарни постројки, јави иранската државна телевизија. 

– Делчевските кик-боксери со пет медали ја започнаа новата натпреварувачката сезона. На последно одржаното Државно првенство викендот, еден златен медал освои Кик-боксинг клубот „Тигар“, додека младите кик-боксери од клубот „АС“ од Делчево освоија четири медали. За тренерот на кик-боксинг клубот „АС“, Љупчо Стојчевски ова е голем успех, ако се има предвид дека поради пандемијата тренинзите во клубот се сведени на минимум. 

– Напаѓачот на Реал, Винисиус Жуниор изјави дека сака да ја помине целата своја кариера во мадридскиот клуб. 

– Сончево и топло време со дневни температури над 20 степени ќе преовладува денеска во земјава. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец. Во утринските часови по одделни котлини ќе има слаба магла. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, а дневните од 14 до 21 степен.  Во Скопје слично време со утринска температура до -1 степен и дневна до 17 степени. 

Провери го и ова

Close
Back to top button
Close
Close