МИА Радио флешПакети

МИА Радиофлеш

19 февруари 2021

19 февруари 2021

– Во Собранието на Република Северна Македонија денеска две последователни седници ќе одржи Комисијата за здравство.

–  Република Северна Македонија годинава ќе претседава со Централноевропскиот договор за слободна трговија (ЦЕФТА). Денеска амбасадорот на Европската Унија Дејвид Гир и министерот за економија Крешник Бектеши, ќе ги презентираат приоритетите за 2021 година за ЦЕФТА под претседателство на земјава.

– Премиерот Зоран Заев придружуван од министерката за образование и наука Мила Царовска денеска во Богданци и Струмица ќе учествува на јавни расправи за реформите во средното стручно образование, заедно со градоначалници, претставници на Министерството за образование и наука, директори на средни стручни училишта и претставници на компании.

 – Во државата има различни ставови од политичките субјекти дали етничката припадност треба да стои во новите лични карти или не. За едни тоа е потребно, за други, пак, не постои такво нешто во светската практика.

– Наместо три екстерни и еден интерен, средношколците во завршна година ќе полагаат два екстерни и два интерни испита и проектна задача на државната матура, а согласно со постигнатиот договор со Владата, најдоцна до 5 март треба повторно да ги регистрираат испитите што ќе ги полагаат односно имаат можност да ги променат тие што ги пријавиле.

– Вакцинацијата во земјава се одвива веќе два дена. Се вакцинира првата група, здравствените работници, со вакцините од Фајзер, донација од Србија. Вакцинацијата се одвива во модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, а интерес за вакцинирање изразиле 70 отсто од здравствените работници.

– Нацоналната опера и балет вечер од 20 часот ќе одржи гала оперски концерт, на кој ќе бидат изведени дела на Штраус, Моцарт, Росини, Верди, Чајковски, Бизе, Доницети, Пучини и Лехар.

  Претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, изјави дека во случај на вонредна состојба, би купил вакцини против коронавирусот „и од чеченската мафија”.

 – Новиот поглавар на Српската православна црква патријархот Порфириј ќе биде востоличен денеска на молитвена свеченост во Соборната црква Св. Архангел Михаил во Белград.

–  САД се подготвени да преговараат со Иран за двете страни да се вратат на усогласеноста со условите од нуклеарниот договор од 2015 година, што има за цел да го спречи Иран во развој на нуклеарно оружје, изјави американскиот државен секретар Ентони Блинкен пред своите француски и британски колеги, за време на видео конференција.

–  САД се во процес на повторна проценка на пристапот кон Кина, но царините наметнати за кинески стоки од страна на владата на поранешниот претседател Доналд Трамп засега нема да се променат, изјави за телевизијата Си-Ен-Би-Си, американската секретарка за финансии, Џенет Јелен.

–   Американскиот претседател Џо Бајден ќе вети, за време на самитот на Г-7, дека САД ќе одвојат четири милијарди долари за програмата за дистрибуција на вакцините против Ковид-19, „Ковакс“, соопшти Белата куќа.

 Претставникот на СЗО, Марија ван Керкове, оцени дека не е време за опуштање пред пандемијата, иако бројот на новозаболени лица опаѓа низ целиот свет и е најниска стапка на инциденца од средината на октомври 2020 година.

   Видео-самит на седумте најразвиени земји во светот ќе се одржи денеска,во ек на пандемијата на коронавирусот и очекувања дека најбогатите ќе го одржат ветувањето дека вакцините ќе бидат достапни за граѓаните од најсиромашните земји

  Администрацијата на претседателот Џо Бајден нема да им донира на сиромашните земји вакцина против коронавирусот што САД ја набавија, пред да бидат вакцинирани повеќето Американци, изјави претставник на администрацијата.

  Четириесет и три белоруски службеници добија забрана од САД за влегување на нивна територија затоа што, како што беше најавено во Вашингтон, „ја поткопуваат демократијата во Белорусија“.

 Во четвртокот, на 18 февруари, беа постигнати 59 гола во 1/16 финалето од Лигата на Европа. Ова е најефикасниот ден од плејоф фазата откако турнирот беше преименуван во 2009 година.

 На официјалната веб-страница на НБА денес се објавени имињата на кошаркарите кои ќе бидат дел од стартни петорки на „Ол-стар“ натпреварот.

– Времето денеска во земјава ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб јужен, а во југоисточните делови умерен ветер од југоисточен правец. Претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и ниска облачност. Утринската температура ќе се движи од -10 до -2, а дневната од 4 до 14 степени.

Back to top button
Close
Close